Комунистичката партија на Русија побара фондот на Сорос да се прогласи за непожелна организација

Пратеници во Државната дума од редовите на КПРФ се обратија до Државното обвинителство на РФ со барање да се прогласи за непожелна на територијата на Русија работата на институтот „Отворено општество“, пренесува „Интерфакс“.

Пратениците во Државната дума  од редовите на Комунистичката партија на Руската Федерација Валериј Рашкин и Сергеј Обухов се обратија до Државното обвинителство на РФ со барање да се прогласи за непожелна на територијата на Русија работата на институтот „Отворено општество“, познато и како фондот на Сорос, пренесува „Интерфакс“.

Соодветното барање парламентарците го упатија во средата до државниот обвинител на РФ Јуриј Чајка, а копии до шефот на дипломатијата Сергеј Лавров и министерот за правда Александар Коновалов.

„Антируската активност на фондот на Сорос потребно е да се прогласи за непожелна на територијата на РФ пред таа да добие најдеструктивни форми какви што видовме во Украина, Грузија и други земји“, сметаа пратениците.  

„Наведената организација со децении врши континуирана антируска дејност како во самата Русија, така и во други земји. Основачот на наведената организација – Џорџ Сорос – не ја крие својата улога ниту во распадот на Советскиот Сојуз, ниту во организирањето на таканаречената „портокалова револуција“ и Евромајданот во Украина“, се вели во барањето на комунистите.

Според нив, „антируската активност на фондот на Сорос поприма најразлични форми“: „ако во Украина апсолутно отворено се разгорува русофобија, тогаш во самата Русија работата на организацијата ги постигнува своите цели индиректно“.

Фондот на Сорос има претставништво во Москва, како и филијали во Санкт-Петербург, Нижни Новгород и Новосибирск, се истакнува во документот.

Законот, кој овозможува на странски и меѓународни невладини организации да им се додели статусот на „непожелни во Русија“, стапи на сила на 3 јуни. Се применува за странски и меѓународни невладини организации кои претставуваат закана по темелите на уставното уредување, одбранбената способност или безбедноста на државата.  

На таквите организации им се забранува да работат во РФ, нивните структурни одделенија треба да бидат затворени, а дистрибуцијата на информативни материјали забранета.

Одлуката за признавање за непожелна организација во Русија за странска или меѓународна невладина организација ја донесува државниот обвинител или неговите заменици по усогласување со МНР Русија. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња