Рогозин: На Русија ѝ треба цврсто упориште на Арктикот

Русија денес ја пушти во работа лебдечката станица на Арктикот „Северен пол-2015“, а заменик-премиерот Дмитриј Рогозин порача дека „на Русија ѝ е неопходно цврсто упориште на Арктикот“.

Дојде време Русија да дојде на Арктикот и да го освои, „барем делот кој е наша сфера на одговорност“, изјави Рогозин.

Доаѓањето на Рогозин на норвешкиот архипелаг Свалбард, ден претходно, во склоп на придвижувањето на руската експедиција на Северниот пол, предизвика реакција на норвешкото министерство за надворешни работи кое побара од руската амбасада во Осло да даде објаснување за неговата посета.

Името на Рогозин се наоѓа на списокот на Европската унија со руски политичари и функционери на кои им е забранет влез во ЕУ од март 2014 година, а оваа забрана е дел од санкциите кои ЕУ ги воведе против Москва поради конфликтот на истокот на Украина.

Иако Норвешка не е членка на ЕУ, оваа скандинавска држава се придружуваше на сите санкции против Русија и забраната за влез на руски функционери исто така важи на нејзината територија, наведе ТАСС.  

На незадоволството на норвешкото МНР реагираше Рогозин, пренесува РИА „Новости“.

„Помина возот“, напиша Рогозин на својот Твитер-профил.

Рогозин денеска на пуштањето во работа на станицата изјави дека на почетокот на годината рускиот претседател Владимир Путин донел одлука да се оформи комисија за развој на Арктикот.

„Овој факт покажува дека раководството на земјата, претседателот и владата им обрнуваат особено внимание на развојот на регионот и зајакнувањето на нашата држава на ова поле“, рече заменикот на рускиот премиер.

Рогозин додаде дека е важно да знае што е неопходно за да се прошират ресурсите на поларните станици, со што Русија би можела да заземе цврсто упориште во регионот на Арктикот.

„Некому може да му се допаѓа или не, но тоа е нивен проблем. Најважно за нас е дека тоа ни одговара нам и дека е корисно за нашата држава“, наведе Рогозин.

Лебдечката станица „Северн пол-2015“ ќе функционира неколку месеци, наведуваат научниците.

Отворањето на станицата означува обнова на руската програма за лебдечки станици која беше суспендирана летото 2013 година, затоа што станицата „Северен пол-40“ мораше да биде евакуирана.

Архипелагот Свалбард, или Шпицберген се наоѓа во Северниот леден океан меѓу 76 i 80 паралела, а неговиот меѓународен статус е дефиниран со Спогодбата од Свалбард од 21920 година.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.