Премиерот на РФ Дмитриј Медведев им наложи на Министерството за енергија и „Гаспром“ да организираат испорака на гас за југоистокот на Украина во вид на хуманитарна помош, соопшти INTERFAX.RU.
„Би сакал Министерството за енергија заедно со „Гаспром“ да подготват предлози за обезбедување хуманитарна помош во вид на испорака на гас за потребите на овие региони, доколку не бидат преземени активности за снабдување со гас по вообичаената шема“, рече тој на седница на владата.
„Луѓето не треба да мрзнат“, истакна премиерот.
Претходно од ЛНР соопштија дека Украина го прекинала снабдувањето со гас на територијата на самопрогласените Луганска и Донецка народна република. „Тоа беше направено варварски – вентилите на магистралниот гасовод се демонтирани така што е невозможно повторно да се користат. Гасот што го имаме на териториите на републиките е доволен до вечерва“ соопшти Луганскиот информативен центар. Резерви на гас во Донбас би требало да има до вечерва.
Во самопрогласените републики информираа дека се подготвени да преминат на руски гас и дури и започнале преговори.
„Ние планираме да преминеме на руски гас. Првин треба да одржиме преговори. Веќе ги водиме и со Русија за испорака на гас, и со Украина за причините за исклучувањето. Бидејќи Украина не го коментира исклучувањето, немаме надеж дека ќе ја обноват испораката. За решавање на прашањето имаме сѐ на сѐ 12 часа. Потоа ќе мораме да ја вадиме водата од котларниците и ќе настапи „ледено доба“, изјави денес за „Интерфакс“ премиерот на ЛНР Генадиј Ципкалов.
Спикерот на Народниот совет на самопрогласената Донецка народна република Андреj Пургин исто така соопшти дека републиката сѐ уште не преминала на руски гас, но има таква намера.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче