Генералот го доби високото звање „за хероизам, храброст и одважност, покажани при вршењето на должноста“.
Евгениј Зиничев (55) загина вчера во Норилск, обидувајќи се да го спаси филмскиот режисер Александар Мелник.
„Во Норилск во средата трагично настрада главниот спасувач во Русија, првиот човек на Министерството за вонредни состојби Евгениј Зиничев. Министерот падна од карпа. Загина на вежба...“, беше првото соопштение на службата за односи со јавноста на Министерството, со кое беше потврдена смртта на високиот функционер. Тешко беше да се поверува. Во наше време многумина веројатно ќе помислеа дека се работи за некаква лажна вест. Министерот беше на вежба, опкружен со десетици, ако не и илјадници подредени професионалци-спасувачи.
Малку подоцна почнаа да пристигнуваат коментари од норилските социјални со детали за трагедијата. „Околу 16.30 часот пристигна соопштение. Во Норилската болница бр. 1 лета авион со две повредени лица, потребен е апарат за вештачка вентилација на белите дробови, амбулантна кола и крв група А за трансфузија“. Тоа беше една од првите информации што се појавија. Подоцна стана јасно кој всушност бил повреден.
Како што се покажа, за време на снимањето на нов документарен филм за развојот на Арктикот и Северниот морски пат, од карпа паднал познатиот режисер и снимател Александар Мелник. Тој го придружуваше министерот за вонредни ситуации на Русија на „арктичките“ вежби. Главниот спасител во земјата, самиот министер, молневито реагираше скокајќи во вода штом виде што се случува. Според очевидците, министерот реагирал побрзо од сите други, откако буквално две-три секунди скокнал во вода, веднаш по Мелник.
Меѓутоа, во водата имало големи камења во кои удриле и кои се покажаа фатални за двајцата. По извесно време министерот Зиничев и режисерот Мелник им подлегнаа на повредите.
Педесет и петгодишниот Зиничев зад себе ги остави сопругата, синот и три внучиња. Министер за вонредни состојби стана во 2018 година, а минатата година беше унапреден во генерал на армија.
Претходно ја извршуваше функцијата заменик-директор на Федералната служба за безбедност. Пред тоа, помалку од една година Зиничев се наоѓаше на функцијата в.д. губернатор на Калининградската област. Од јуни 2015 година до јули 2016 година беше на функцијата началник на управата на ФСБ за Калининградската област. Работеше и како заменик-раководител за борба против тероризмот на ФСБ на Русија.
Добар дел од неговата кариера беше поврзан со специјалните служби. Почнувајќи од 1987, па сé до 2015 година, работеше во органите за државна безбедност на СССР, а потоа и на Руската Федерација. Во периодот од 1984 до 1986 година беше на отслужување на воениот рок во Северната флота на Вооружените сили на СССР.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче