Путин ги замоли легендите на светскиот фудбал да му откријат кој ќе стане светски шампион

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Русија Владимир Путин на средбата со легендите на светскиот фудбал на шега ги замоли своите гости, откако ќе се оддалечат новинарите, да му кажат кој ќе стане светски шампион оваа година.

„Од 32 тима останаа само осум. Вие сте стручњаци од светски ранг, можеби можете, кога ќе си отидат новинарите, да ми кажете кој, според вас, ќе го освои трофејот годинава“, рече рускиот лидер смеејќи се, пренесуваат медиумите.

Путин исто така на средбата со легендите на светскиот фудбал во Кремљ изјави дека Светското првенство во Русија се реализира на високо ниво.

Путин во петокот во Кремљ ги прими легендите на светскиот фудбал. На средбата беа поканети освојувачот на Купот на конфедерациите 1999 година во состав на мексиканската репрезентација Хорхе Кампос, светскиот шампион од 1990 година во состав на германскиот тим Лотар Матеус, европскиот шампион од 1988 година од холандската селекција Марко ван Бастен. На состанокот присуствуваа и европскиот шампион од 1992 година Данецот Петер Шмајхел, најдобриот играч на Светското првенство 2010 година Уругваецот Диего Форлан, шесткратниот шампион на Англија и победник во Лигата на шампиони 2008 година Рио Фердинанд, освојувачот на бронзеното одличје на Светското првенство 2015 Англичанката Александра Скот, освојувачот на бронзениот медал на Светското првенство 1998 година, хрватскиот фудбалер Звонимир Бобан.

Покрај нив, на состанокот со фудбалерите присуствуваа и претседателот на Меѓународната федерација на фудбалските асоцијации (ФИФА) Џани Инфантино, помошникот на рускиот претседател Игор Левитин и првиот потпретседател на Рускиот фудбалски сојуз, олимписки шампион од 1956 година Никита Симоњан.

Прочитајте повеќе: Пет причини Светското првенство во Русија да биде запаметено како едно од најдобрите досега