Како рускиот снајперист со прекар „Дедо“ онеспособи тенк и разби група од 40 терористи

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Во жестоките борби водени на подрачјето на градот Палмира, во услови на целосен мрак, тројца руски снајперисти успеаја да спречат напад на групација од околу 40 терористи поддржани од еден тенк. Јунак во оваа битка беше искусниот инструктор на снајперските тимови со прекарот „Дедо“.

За жал, не можеме да го објавиме неговото точно име и презиме. Припадниците на единицата во која се наоѓа нашиот херој го викаат едноставно „Дедо“. Овој прекар не е само поврзан со големиот број години поминати во службата. Овој прекален воен волк се наоѓа во својство на инструктор на млади војници, при што им го пренесува своето огромно искуство насобрано во бројните воени конфликти во кои учествувал. Снајперистот на Централниот воен округ (скр. ЦВО) по чин е гардиски постар заставник. Тој не само што е горд на своите воени достигнувања, туку и на успесите на своите подредени. Неколку негови ученици го достигнаа звањето инструктор во снајперските единици, што претставува исклучително висок авторитет во единиците за специјална намена.

Благодарение на учеството во актуелното воено жариште што се отвори во Сирија, неговиот прекар претрпе извесни промени, поточно стана малку подолг. Сега неговите војници го нарекуваат „противтенковски дедо“, благодарение на еден настан што се случи во 2016 година.

„Во прашање беше ноќна битка за силосите кои се наоѓаат на подрачјето на Тадмор (Палмира)“, истакнува соговорникот кој се согласи своите видувања да ги сподели за ТВ-каналот „Ѕвезда“. „Нападот на терористите беше силен, а освен пешадијата, тие во еден момент во битката уфрлија и тешка оклопна техника. Нашиот „дедо“ со употреба на термовизиски нишан кој го имаше на своето оружје успеа да го елиминира тенковскиот екипаж на терористите на тнр. Исламска држава, која со својот тенк успеа да дојде до нашите предни позиции кои се наоѓаа во близина на силосите. Притоа тој дејствуваше во отежнати услови на намалена оптичка видливост врз цел која цело време беше во движење, од далечина од околу 350 метри“, напоменува соговорникот.

„Дедо“ прво успеа со два прецизни истрели да го неутрализира командирот на тенкот кој во еден момент премногу се изложи на огнот така што горниот дел на своето тело го извлече низ капакот на куполата на тенкот. Потоа го усмрти и возачот на тенкот, кој исто така невнимателно го напушти своето формациско место, станувајќи на тој начин лесен плен за нашиот „Дедо“.

По ликвидацијата на тенковскиот екипаж, „Дедо“ со уште двајца свои помошници-снајперисти тактички беспрекорно го исчисти делот на фронтот од непријателската пешадија, кој беше најзагрозен од овој напад. Тие (се мисли на терористите- заб. на авторот) во тој момент повеќе немаа тенковска поддршка, така што во тој мрак станаа вистински плен за руските снајперисти. Практично тројцата руски снајперисти го скршија нападот на групацијата од околу 40 добро подготвени и вооружени терористи и на тој начин спречија огнен контакт со руските советници кои се состоеја од специјалисти за тенкови, артилерија, наведување на јуришната авијација и сл.

Во месец јули 2016 година, за прикажаната снаодливост во извршувањето на задачи од витално значење, во многу неповолни услови, снајперистот кој го ликвидираше тенковскиот екипаж и уште најмалку десетина терористи, беше предложен за орден за Храброст. Не помина многу време и на ова барање беше позитивно одговорено и донесено решение за доделување на ова одликување на сега веќе познатиот „Дедо“ кој со својот снајпер неутрализира дури и тенкови.

Вториот пат истиот борец се прослави при ликвидирањето на терористичка група блокирана на подрачјето на градот Акербат кој се наоѓа во централна Сирија. Група снајперисти и овде беше ангажирана со цел непосредно обезбедување на руските воени советници кои практично од првата линија ги насочуваа нападите на сириската армија. Операциите кои се изведувани на 3 август 2017 година, според својот тек и интензитет се категоризирани како многу тешки и сложени. Нашата снајперска група доби сложена задача да уништува терористички цели на далечини поголеми од 1000 метри. Терористите на овој терен масовно користеа голем број на подземни тунели, ненадејно појавувајќи се на неочекувани тактички правци, од каде ги напаѓаа нашите единици. Тука „Дедо“ неколку пати мораше со својата снајперска група да прифати борба на блиско растојание, со употреба на стандардни автоматски пушки од типот на „Калашников“. Кога се врати жив и здрав од битката, во неговиот панцир се пронајдени неколку зрна истрелани од американска автоматска пушка М-16. Шлемот и панцирот го сочуваа нашиот „Дедо“, каде уште еднаш во пракса се докажа целата неопходност од носење на квалитетна заштитна опрема која им ја спасува главата дури и на најискусните борци.

Нашиот соговорник исклучително високо ги оцени обуката и посебно моралните карактеристики на непријателот кој фанатично се бореше во редовите на тнр. Исламска држава.

„Терористичките сили претставуваа многу сериозен и силен противник. Тоа повеќе не беа групи полудени самоубијци кои ќе изгинат и пред да се запука. Нив извонредно ги обучиле поранешни офицери на ирачката армија и други регионални земји. Верувајте ми, борбата со овие одреди е крајно сложена и бара огромен напор“.

Сите задачи поставени пред гардискиот постар заставник се исполнети многу успешно. За високиот степен на прикажаниот професионализам, упорноста, личната храброст, за бестрашните и одлучни борбени дејствија во услови на висок степен на ризик по сопствениот живот, овој руски снајперист е одликуван со орден за Храброст.

Прочитајте повеќе: Ноќен судир кај Палмира: Сириската војска заедно со руските ВКС скрши напад на терористи