Клаус Фукс, 1933. Фотографија од полиција.
Public domainКлаус бил најефикасен советски агент кој собирал нуклеарни тајни од западните сили. Нему му се пружила уникатна прилика внимателно да ја проучи не само британската, ами и американската нуклеарна програма.
По народност Германец, Фукс емигрирал од Германија по доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година. Се преселил во Велика Британија каде што студирал физика. Рудолф Пајерлс, исто така германски емигрант, го вклучил талентираниот стручњак во својата група којашто работела на создавање нуклеарно оружје во рамките на програмата „Тунелски легури“.
Клаус започнал да соработува со советската разузнавачка служба набргу по нападот на Германија на Советскиот Сојуз. Му пречело што Британците малку им помагаат на Русите и што научните истражувања за оружје за масовно уништување ги држат во тајност од своите сојузници.
„Тој беше убеден комунист“, тврдеше американскиот физичар Виктор Вајсопф. „Сметаше дека атомската бомба не смее да му припаѓа само на западниот свет... Очигледно е дека рамнотежа мора да постои“. Фукс категорично одбил да прима пари за својата разузнавачка дејност.
Овој научник заедно со група британски физичари во 1943 година бил вклучен во американската нуклеарна програма „Проект Менхетн“. Така Москва добила пристап до тајните на својот прекуокеански ривал и сојузник, вклучувајќи пресметки, димензии и цртежи на првите атомски бомби. Ваквите информации им помогнале на советските научници да заштедат неколку години во создавањето сопствено нуклеарно оружје.
Британците го откриле Фукс во 1949 година и го осудиле на 14 години затвор, Американците барале негово испорачување во САД каде што го чекала смртна казна, но Лондон одбил. Во 1959 година Клаус Фукс е ослободен пред истекувањето на казната. Откако му било одземено британското државјанство, се преселил во Источна Германија каде што до крајот на животот се занимавал со наука.
Џорџ Ковал (Георгиј Абрамович Коваљ)
Archive photoДрагоцен агент во собирањето нуклеарни тајни за Советскиот Сојуз бил и Џорџ Ковал, роден во 1913 година во САД во семејство на руски емигранти. Кога имал 19 години, семејството, бегајќи од Големата депресија, се вратило во татковината.
Во 1940 година Ковал повторно се вратил во Северна Америка, сега веќе како соработник на советските специјални служби. Негова првобитна задача била да најде информации за развој на хемиско оружје, но набргу сферата на неговите активности се сменила.
Во 1943 година Џорџ бил повикан во американската војска, а со оглед на тоа што пред заминувањето во СССР две години одел во технички колеџ, бил упатен да служи во фабрика за производство на радиоактивни материјали. Откако ја минал неопходната обука, агентот се нашол во таен објект во градот Оук Риџ во Тенеси.
Ковал внимателно ги проучувал карактеристиките на технолошкиот циклус на производство на ураниум и плутониум, за кои детално ја известувал Москва. Со помош на овој агент Советскиот Сојуз ги открил и локациите на бројни тајни нуклеарни објекти во САД, нивната внатрешна структура и принципот на работа.
Подоцна Џорџ Ковал бил префрлен во лабораторија во Дејтон во Охајо, каде што ја следел завршната фаза на создавањето атомско оружје. Информациите до кои дошол им помогнале на советските научници да ги решат проблемите поврзани за производство на сопствени бомби, тестирани во 1949 година.
Истата година Џорџ се вратил во Советскиот Сојуз. И тоа го сторил токму на време, зашто ФБИ веќе започнал да се интересира за неговата работа. Во СССР Ковал „ставил точка“ на шпионската кариера и целосно се посветил на научната работа.
Мелита Норвуд (1912-2005), фотографија од 1935 година.
Legion MediaУште во младоста Мелита Норвуд од Борнмут на југот на Англија се заинтересирала за идеите на социјализмот. Била ревносен комунист и пред 1932 година, кога била примена на местото секретар на Британската асоцијација за истражување обоени метали.
Доколку раководството на асоцијацијата знаело за политичките ставови на Мелита, никогаш не би ѝ ја понудило работата, зашто организацијата била тесно поврзана со развојот на нуклеарно оружје. Од друга страна, советската разузнавачка служба дознала за нејзината преданост на идеите за „светска револуција“, и не можела да ја испушти шансата и да стекне драгоцен агент.
Советската разузнавачка служба ја врбувала Мелита во 1937 година и со неа соработувала во следните триесет и пет години. Таа ја снабдувала Москва со копии од најважните документи за програмата „Тунелски легури“, така што Сталин бил подобро известен за британската програма одошто некои членови на Кабинетот на министри на Британија.
Мелита Норвуд, исто како и Фукс, одбила да прима пари, но со големо задоволство го примила Орденот на Црвеното знаме за работа. „Она што ја го работев, не го работев за да заработам пари, но за да помогнам во спречувањето пораз на новиот систем кој скапо плати за на обичните луѓе да им обезбеди храна и пристапни цени, добро образование и медицински услуги“.
Два пати британската контраразузнавачка служба МИ-5 (во 1945 и во 1965 година) се посомневала во идентитетот на Мелита Норвуд, но и двата пати немало доволно докази. Заминала во пензија во 1972 година и престанала да се занимава со разузнавачката дејност.
Вистината за Мелита излезе на виделина дури во 1992 година, откако еден од пребеганите разузнавачи разоткри огромен број досиеја на советски агенти. Меѓутоа, британската влада одлучи да не започнува судска постапка против осумдесетгодишната „баба-шпион“, како што беше окарактеризирана Мелита во медиумите.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче