Лев Троцки и Фрида Кало: Љубовната афера на рускиот револуционер и иконата на светскиот феминизам

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Public domain)
Врската помеѓу овие две силни личности се развивала фактички пред очите на нивните сопружници. Но, ниту ова, ниту големата разлика во годините за нив не беше пречка.

Познатиот револуционер Лев Троцки во 1936 година, криејќи се од гневот на Сталин, избега во Мексико. Прибежиште во оваа земја доби благодарение на заложувањето на неговиот добар пријател и идеолошки следбеник Диего Ривера кај мексиканскиот претседател. Ривера, инаку, беше познат сликар, школуван во Европа, како и убеден комунист, кој претходно го има посетувано СССР. Ривера во 1937 година љубезно го покани својот идол со сопругата да престојуваат во неговата куќа во Којоакан (предградие на Мексико Сити) кадешто живееше со својата сопруга, младата сликарка Фрида Кало.

Приватниот живот на најдобриот болшевик

Лев Троцки беше еден од најистакнатите советски раководители. Токму тој ја предводеше Октомвриската револуција, додека Ленин не се врати од емиграција. Тој беше оној што од борбено неспособни и дезорганизирани борци создаде вистинска воена машинерија – Црвената армија. Но, наскоро среќата го напушти: соперништвото со Сталин за лидерската позиција за него прерасна во прогонство и во хајка. Троцки е обвинет дека отстапил од учењето на Ленин, исфрлен е од партијата, а потоа е протеран од СССР. Живееше во Турција, во Франција, во Норвешка, додека на крајот не замина во Мексико.

Наталија Седова, Фрида Кало, Лев Троцки и американскиот марксист Макс Шахтман

Заедно со нив Русија ја напушти и неговата верна невенчана сопруга Наталија Седова. Троцки не можеше официјално да се ожени, зашто веќе беше оженет со друга жена – Александра Соколова. Со Соколова склопи брак во 1900 година во затвор и дури доби две ќерки со неа, што ги одгледале роднини. Во 1902 година, додека семејството се наоѓаше во прогонство во Сибир, Троцки избега во Европа. Тоа фактички беше крај на неговите односи со првата жена. Истата година Лев во Париз се запозна со Наталија, која набргу стана негова невенчана сопруга. Според сведочењето на современиците, тој бил неверен, но секогаш ѝ се враќал, а таа страдала, но трпела.

Лев Троцки и Наталија Седова, околу 1938 година

Кога во куќата на овој мексикански пријател ја сретнал неговата млада жена, силна личност и талентирана сликарка, Троцки подлегнал на нејзиниот шарм.

Како Фрида стана икона на феминизмот

Фрида започна да слика кога на 18 години доживеа тешка сообраќајна незгода (автобусот во којшто се возела се судрил со трамвај) во која била тешко повредена. Во текот на многу месеци била врзана за постела. Огледалото над нејзиниот кревет ѝ го давал еден од малобројните објекти за сликања – самата себе. Поголемиот дел од сликите на Фрида Кало се надреалистички автопортрети, преполни со симболи коишто го изразуваат доживувањето на уметницата. Како што велеше самата Фрида: „На платно ја сликам сопствената реалност. [...] Го сликам она што се случува во мојата свест, не размислувајќи премногу за тоа“. Една нејзина слика, автопортретот „Рама“, ја откупи „Лувр“ уште додека беше жива (почина во 1954 година). Тоа беше прва слика на некој мексикански уметник од 20 век што ја има откупено музеј од светско значење.

Тешките трајни последици што несреќата ги има оставено врз здравјето на младата девојка не ја уништија нејзината привлечност и љубовта кон животот. Ја шокираше јавноста, носејќи машки костими и традиционална мексиканска носија, не ја криеше страста кон лутите пијалаци и пцостите, имаше бројни љубовни врски и немаше стравопочит кон никој. Нејзиниот бунтовнички карактер, рамнодушноста кон мислењето на околината, подготвеноста да ја брани својата слобода, воведувањето во уметноста на табу-темите како што се загубата на дете, абортусот и болката поради неверството – сето тоа ја направи Фрида икона на феминизмот.

Се омажи во 1929 година за мошне познат и двојно постар сликар. Иако се сакаа, нивниот заеднички живот беше мачен. Диего беше познат како женкар и дури имаше афера со помладата сестра на својата сопруга. Кало му возвраќаше на ист начин: вечно опкружена со обожаватели, стапуваше во врски како со мажи, така и со жени. Сопружниците често се караа, се разделуваа, но на крајот се враќаа еден на друг.

Диего Ривера и Фрида Кало, 1939.

Гостин во домот на сликарот

Средбата на Троцки и Фрида под еден покрив не можеше да мине без последици. Младата сликарка, како и нејзиниот сопруг, беа приврзаници на комунизмот. Двете семејства многу време поминуваа заедно: вечераа заедно, одеа на пикници и излети. Набргу заемниот интерес помеѓу Фрида и Лев стана очигледен.

Троцки и Кало почнаа „случајно“ да се среќаваат за време на прошетките во внатрешниот двор на куќата. Револуционерот на саканата ѝ предаваше писма преку книги. Кога средбите во куќата на Фрида не им беа згодни, љубовниците заминуваа во куќата на нејзината сестра Кристина. Не е познато кои биле мотивите на Фрида: желбата да се одмазди поради љубовните афери на својот сопруг или вистински чувства, но Троцки сосема сигурно не бил рамнодушен кон темпераментната Кало.

Фрида Кало, Наталија Седова и Лев Троцки, 1937 година.

Во извесна смисла тие беа слични: и двајцата имаа силен карактер, изграден за време на борбата со опкружувањето и со околностите. Според некои сведоштва, меѓутоа, Фрида го доживувала Троцки несериозно. Зад грб го нарекувала „јарец“, а на својата пријателка Ели Волф ѝ напишала: „Многу се изморив од старецот“. Троцки навистина беше многу постар од неа: таа имаше 29, а тој 57 години.

Ривера не ја забележуваше или не сакаше да ја забележи аферата на неговата сопруга со гостинот на нивната куќа. Неверствата одамна станаа вообичаена работа во нивните односи. Но, сопругата на Троцки не беше толку толерантна. Освен тоа, љубовниците себеси во нејзино присуство си дозволуваа прилично отворени разговори на англиски јазик. Наталија не зборуваше англиски, но зборот „love“ сигурно го разбираше.

Фрида Кало, 1946 година.

Односите помеѓу Троцки и неговата сопруга станаа студени и кон крајот на 1937 година тие привремено се раздвоија за да решат што ќе прават. Троцки замина на имотот на пријателот на Диего и помеѓу него и жена му започна преписка. Наталија беше скршена поради она што се случи: „Немам желба да се гледам со луѓе, животот околу мене, брзината... Немам желба да јадам... Сакам да паднам на земја и повеќе да не станам“, ја опишува таа својата состојба во едно писмо до својот сопруг. Лев ѝ одговорил: „Таа за мене е никој. Ти си за мене сѐ. Немој, Натали, немој, те молам“. Без оглед на сѐ, чувството на приврзаност кон сопругата која со него минуваше низ победи, порази и прогонство – заедно минаа веќе 35 години.

Автопортретот што Фрида му го има подарено на Троцки

По враќањето во Којоакан, љубовниците ги прекинаа односите. Не се знае кој од нив го иницирал тоа. Една пријателка на Фрида тврдеше дека сликарката го направила тоа, додека истражувачите често укажуваат на Лев. Фрида на Троцки му ги врат сите писма и за роденден му подари свој автопортрет, но кога ја напушташе нејзината вила за да се врати кај својата жена, тој не го зеде со себе. Последен пат се видоа во јануари 1939 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња