Нирнбершки процес: Какви потешкотии имаa советските предувачи во текот судењето на нацистите?

Преведувачки центар. Симултани преведувачи.

Преведувачки центар. Симултани преведувачи.

Bettmann Archive/Getty Images
На Нирнбершкиот процес атмосферата беше бурна. Симултаните преведувачи и онака работат под тензија, а тука уште требаше да преведуваат морничави детали за нацистичките злосторства.

За време на Нирнбершкиот процес во текот на сослушувањето на Фриц Заукел, комесарот на нацистичката програма за експлоатација на работната сила во управата на Четиригодишниот план, се случи инцидент со еден советски преведувач. Обвинетиот Заукел се возбуди и почна да вика, а заменикот главен обвинител пред САД Томас Дод од своја страна исто така го крена тонот, продолжувајќи со наведувањето нови докази за вината на Заукел. И двајцата искажуваа толку бурни емоции што нивното расположение се пренесе и на советските преведувачи.

Поглед од воздух на Зградата на судот во Нирнберг, ноември 1945 година.

Вака во својата книга го опиша настанот Татјана Ступникова која во тој момент го преведувала она што го зборувал Заукел: „...Скокнавме од столчињата и стоејќи во преведувачкиот аквариум заедно со колегата почнавме да водиме гласен и остар дијалог, сличен на оној што го водеа тужителот и обвинетиот. <...> Колегата со којшто преведував во двојка силно ми ја стегна раката над лактот и ми се обрати исто онолку гласно колку и возбудениот тужител, само на руски, повторувајќи: Вас треба да ве обесат! Јас сета во солзи од болката во раката заедно со Заукел му викнав нему: Не треба мене да ме бесите! Јас сум работник, јас сум морнар!“

Оваа сцена ја прекина претседателот на судот. Британецот Лоренс Џефри, велејќи: „Нешто се случи со руските преведувачи. Ја затворам седницата“.

Пред меѓународниот трибунал над нацистичките злосторници во Нирнберг никогаш на судење не бил потребен симултан превод, имало само писмено и консекутивно. Поради тоа овој историски судски процес, кој траеше од 20 ноември 1945 до 1 октомври 1946 година, беше вистински предизвик за преведувачите, зашто симултаниот превод подразбира да се зборува „во чекор“ со говорникот, односно веднаш да се преведе она што тој ќе го изговори.

Британскиот премиер Винстон Черчил, американскиот претседатеч Хари Труман и советски претседател Јосиф Стаљин пред почетокот на Потсдамската конференција.

Летото 1945 година на Потсдамската конференција беше одлучено Германија да се подели на четири окупациски зони. Нирнберг беше под контрола на САД, па функционирањето на трибуналот го опслужуваа американски соработници. Токму поради тоа советската делегација, според сеќавање на еден учесник на судскиот процес, дошла на судењето без преведувач. Се сметало дека Американците самите ќе обезбедат преведувачи за руски, германски, англиски и француски јазик. Но, оваа претпоставка беше погрешна. Итно му беше наложено на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) да најде стручњаци, така што тие стасаа во Нирнберг непосредно пред почетокот на трибуналот.

Советските преведувачи имаа различно образование. Имаше дипломирани преведувачи, а покрај нив во преведувањето учествуваа и учители, економисти и потомци на емигранти кои од детството имале учено неколку странски јазици.

Условите за работа и психичкото оптоварување

Преведувачката Татјана Рузскаја (во центрот).

Неопходен услов за симултано преведување е кабина со звучна изолација, зашто шумовите отстрана влијаат на концентрацијата и ја попречуваат работата. За време на Нирнбершкиот процес не стануваше збор за да се обезбеди такво нешто. Таму работниот простор на симултаните преведувачи беше отворен озгора, од три страни имаше стаклени прегради, а кабините беа поставени мошне близу до обвинителната клупа. Тоа беше особено важно зашто преведувачите требаа да ги гледаат луѓето чијшто настап го преведуваат.

Отстрана сето тоа личеше на стаклен аквариум, па затоа преведувачите така и го нарекуваа. „Аквариумот“ се состоеше од четири кабини со по три места во секоја. Секој преведувач имаше слушалки, но во кабината имаше само еден микрофон што преведувачите си го предаваа еден на друг кога ќе им дојдеше редот.

Симултаното преведување самото по себе е напорно зашто треба да се слуша, да се разбере и да се преведе информацијата со онаа брзина со која истата се изговара, не пропуштајќи ниту еден детаљ. А, покрај сето тоа, на судењето на нацистичките злосторници постоеше и дополнително психичко оптоварување зашто беа огласувани морничави детали од нацистичките злосторства.

Важни нијанси во работата на симултаниот преведувач

Меѓународен воен трибунал во Нирнберг: Одделение за симултани преведувачи.

Советските преведувачи имаа многу работa. Особено многу работа имаа преведувачите од германски, зашто требаше да им се преведува на обвинетите Германци и на нивните германски адвокати, но и на сведоците кои исто така во голем дел беа Германци.

И преведувачите по англиски јазик исто така имаа доста работа зашто ги преведуваа англиските и американските тужители и судии, а меѓу нив и претседателот на трибуналот Џефри Лоренс.

Францускиот јазик многу помалку се користеше во судницата, така што во „аквариумот“ главно молкум чекаа да се огласи некој Французин.

Салата на Меѓународниот воен трибунал, Нирнберг.

Еднаш во Москва на судење во својство на преведувач беше испратена една професорка по германски јазик од Правниот факултет на Московскиот државен универзитет (МГУ). Таа во судницата доживеа „професорски шок“ кога ја слушна фразата што ја изговори доктор Ото Штамер, адвокат на Херман Герин. На прашањето на претседателот на судот колку време ќе му биде потребно на адвокатот да ги достави документите и да го изнесе завршниот збор во одбраната на својот штитеник, господинот Штамер одговори: „Доктор Стамер – зиден стунден (седум часа)“. Тоа е во спротивност со фонетиката на германскиот јазик во кој буквите „st“ се изговараат како „scht“, а всушност адвокатот од возбуда премина на својот мајчин северен дијалект. Слушајќи го ова професорката постојано повторуваше: „За ваква грешка на студентите им давам слаба оцена“.

Имаше случаи кога обвинетите ги исправаа преведувачките грешки. Така Алфред Розенберг, раководител на надворешнополитичката управа на Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП), ѝ приговори на Германката што преведуваше од руски: „Тоа не се слики со прикази на Бога – Gottesbilder, ами икони – Ikonen, драга моја!“. И тоа ѝ го дофрли на чист руски јазик. Германката толку се исплаши што наместо неа мораше да се уфрли советски преведувач.

Колегијална помош

Нечие излагање можеше да трае и по еден час, па и подолго, и затоа преведувачот задолжен за определениот јазик мораше да има максимална концентрација, додека останатите двајца мораа да слушаат „со половина мозок“, за да не пропуштат евентуална реплика на нивниот мајчин јазик.

Аркадиј Полторак, раководител на секретаријатот на советската делегација на воениот трибунал, подоцна во своите мемоари напиша: „Во преведувачката екипа Американците, Англичаните и Французите во некоја таква ситуација обично читаа некоја интересна книга или едноставно се одмораа. А, нашите речиси секогаш сите заедно го слушаа оној што зборуваа и колку можеа му помагаа на колегата што моментално преведува“.

Дури и најискусниот симултан преведувач во преводот малку заостанува зад говорникот, и затоа, кога некој од говорницата наведуваше голем број имиња или бројки, советските преведувачи сето тоа го запишуваа на хартија за потоа нивниот колега да може да го прочита сето тоа гласно кога ќе стаса до тоа место.

Подоцна и другите делегации започнаа да го применуваат овој вид колегијална помош. Полторак истакна дека тоа беше „триумф на нашиот морал, иако мал“.

Покрај тоа, советските симултани преведувачи по завршувањето на својот работен ден им помагаа на колегите во писмениот превод, зашто количеството текстови за преведување беше огромно, а немаше доволно луѓе. Советската делегација ја опслужуваа околу 40 преведувачи, а американската најмалку 640.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња