КГБ објаснува како да препознаете странски шпион

Историја
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
КГБ во ерата на СССР состави упатство во кое е детално опишано како би требало да изгледа странски шпион. Одделни карактеристики неодоливо потсетуваат на Џејмс Бонд.

Во екот на Студената војна службите за државна безбедност од двете страни на „железната завеса“ имаа задача будно да внимаваат на сите странци и меѓу нив да откриваат агенти кои непријателот ги испратил на шпионска мисија. КГБ беше познат по својата бескомпромисна борба со шпионите на ЦИА на територијата на Советскиот Сојуз.

Советската државна безбедност дури состави и документ со наслов „Како да откриете странски шпион“. Тоа беше упатство за советските агенти за откривање на шпиони меѓу странците кои легално престојуваа во СССР.

Оваа инструкција денес може да се најде на интернет. Во неа се набројани карактеристиките за кои КГБ сметаше дека се својствени на  странците на шпионска задача во СССР. Некои описи звучат логично, но има и детали кои како да се преземени од роман за Џејмс Бонд.

„Вотка Мартини. Протресена, не промешана“

Упатството на КГБ е поделено на точки и секоја точка е посветена на различни аспекти на животот во Советскиот Сојуз. Некои точки детално опишуваат кои документи и исправи ги поседува странскиот шпион, додека во други им се советуваа на советските контраразузнавачи како да пронаоѓаат пропусти во биографијата на осомничениот.

Најинтересни се оние делови од упатството каде што се опишува како изгледа странски шпион и каков е неговиот однос кон алкохолот и жените.

„Изглед: секогаш затегнат, дотеран, остава впечаток на културен, невообичаено учтив човек кој ја почитува хиерархијата, што не секогаш е својствено на нашиот просечен трудбеник. Галантен е и претприемчив, особено кон жените (станува кога жена влегува во просторијата, при средба ја симнува капата, ретко кога подава рака)“, пишува во инструкцијата.

Судејќи според описот на КГБ, странскиот шпион е секогаш елегантен џентлмен со тежнеење кон луксуз.

Типичниот шпион од Студената војна ги ценел ретките специјалитети како што се остригите и поточната змиулка. За разлика од типичниот советски работник тој, како што се сметало, јадел малку леб и знаел да прави коктели.

Агентот на странска разузнавачка служба „алкохолните пијалоци ги разблажува со мраз и вода, и пие во мали голтки, како да ужива во нив“, се вели понатаму во упатството.

„Примерен работник“

КГБ поаѓа од тоа дека странскиот шпион има на располагање неограничени ресурси и од тоа изведува заклучок дека тајниот агент не е премногу оптоварен со висината на идната советска плата.

„Тој бара работа со поедноставена регистрација и флексибилно работно време. Рамнодушен е по прашање на висината на идната плата“, се вели во упатството.

Покрај тоа, КГБ претпоставува дека шпионот ќе покаже тенденција да им угодува на своите шефови и дека ќе биде повреден од просечниот советски работник. Таквиот став е поткрепен со прилично ироничен аргумент.

Шпионот „навикнал да работи трудољубиво во производството, [бидејќи] на работодавците во странство не им требаат лоши работници“.

Влакно во јајцето

Се разбира, никој не е совршен, дури ни странските шпиони. И КГБ добро го знаеше тоа. Упатството, исто така, ги опишува и навиките кои во СССР биле третирани како груби, но, како што се сметало, биле типични за луѓето кои пораснале на Запад.

„Тој по навика може да ги стави нозете на подигната површина, да џвака мастика или да пуши во автобус, кино или продавница, како што е обичај во многу земји“, се наведува во инструкцијата за советските контраразузнавачи.

Странскиот шпион има и „лоша“ навика да „прислушува туѓи разговори“.

Со исклучок на неколку смешни детали во стилот на Џејмс Бонд, упатствата на КГБ веродостојно опишуваат човек кој ја цени приватноста, трага по тајни информации и се издава себеси со тоа што не ги отфрла навиките карактеристични за жителите на западните земји.

Овде дознајте како функционираше КГБ.