„Интересни предметчиња” кои КГБ ги има конфискувано од западните шпиони - 2 дел

Борис Егоров
„Russia Beyond Македонија“ ви претставува колекција на специјални шпионски направи и оружја кои се запленети од странски шпиони од страна на цариниците и советските и руските агенти за контраразузнавање.

Мини-камери на агентот на ЦИА Адолф Толкачов со упатства за употреба.

Контраразузнавачката служба на КГБ во 1985 година го уапсила инженерот Адолф Толкачов, кој во тоа време работел како конструктор во претпријатието „Фазотрон“ (најголемиот руски производител на воени радари). Тој со години ѝ испраќал на ЦИА тајни податоци поврзани со развојот на руската авионска индустрија. Во 1986 г. е осуден на смрт и стрелан.

Перика и вештачки мустаќи на агентот на ЦИА Мајкл Селерс.

Заменик-секретарот на американската амбасада во Русија и агент на ЦИА Мајкл Селерс, уапсен е во Москва во март 1986 година кога стапил во врска со агент на контраразузнавачката служба на КГБ. Американскиот агент за таа прилика го променил својот изглед ставајќи перика и вештачки мустаќи. Селерс после апсењето е депортиран од Советскиот Сојуз. 

Уред за испраќање на разузнавачки податоци камуфлиран во дрвена гранка.

Уредот за пренос на разузнавачки податоци со радиоврска камуфлиран како гранка на дрво е пронајден од страна на советските служби во близина на воздухопловна база во Источна Германија. Податоците кои ги испраќал уредот ги примала разузнавачката служба на НАТО во Западна Германија.

Очилата на агентот на ЦИА Генадиј Сметанин со шишенце со отров вградено во рамката и торба за риболов на агентот на ФБИ и ЦИА Дмитриј Пољаков со тајни џебови.

Полковникот на Главната разузнавачка управа Генадиј Сметанин, кој ги понудил своите услуги на ЦИА, откриен е и уапсен од страна на КГБ во 1985 година. Имал очила во чија рамка било скриено мало шишенце со отров. Во кутијата за очила се наоѓала и инструкција како да се контактира со агентите на ЦИА. На Сметанин сепак не му се укажала шанса да го употреби отровот бидејќи е осуден на смрт со стрелање. 

Генерал-мајорот на Главната разузнавачка управа Дмитриј Пољаков преку 20 години работел за ФБИ и ЦИА. Доживеал дури да дочека и пензија (и тоа добра пензија). Ја уништил евиденцијата за сите свои тајни операции, со исклучок на една работа - торба за риболов (со јадици). Таа имала тајни џебови за бележници во кои биле запишани кодовите за дешифрирање. Пољаков едноставно заборавил да ја уништи. Стрелан е во 1987 година.

Опрема на агентот на ЦИААлександар Огородник.

Заменик-секретарот на советската амбасада во Колумбија Александар Огородник е врбуван за агенцијата ЦИА на почетокот на 1970-те. Контраразузнавачката служба на КГБ го открила и уапсила по што тој во јуни 1977 година извршил самоубиство во Москва. ЦИА не знаела за смртта на Огородник, што му помогнало на КГБ да ги идентификува неговите западни контакти во Москва.

Ножот на Александар Огородник и кутијата која за него ја оставила Марта Петерсон.

Агентот на ЦИА Марта Петерсон работела во амбасадата, така што имала дипломатски имунитет. Таа на московскиот Краснолушки мост оставила за Александар Огородник кутивче камуфлирано како камен. КГБ ја фатил Петерсон на дело, по што таа е депортирана од земјата.

Опрема на Естонската разузнавачка служба.

На почетокот на 2000-те припадниците на Управата на федералната служба за безбедност во Псковската област забележале сомнителен автомобил во близина на влезот на една зграда. Во него е пронајдена опрема за снимање која им припаѓала на Естонските специјални служби.

Шпионска опрема на агентот на ЦИА Петар Попов.

КГБ во 1959 година го фатила полковникот на Главната разузнавачка управа Петар Попов, кој ЦИА го врбувала во Австрија, како им предава на американците податоци за советската разузнавачка служба во Австрија и за првата советска воена вежба во која е применето нуклеарно оружје. Воениот колегиум на Врховниот суд на СССР го осудил во 1960 година на смрт со стрелање.

Куфери на јапонски дипломат со изненадувања во нив.

Во декември 1935 година две советски државјанки се обиделе да побегнат од земјата во куферите на еден јапонски дипломат. Со оглед на тоа дека во прашање бил дипломат, неговиот личен багаж не е прегледан. Меѓутоа, поради студот и долгото чекање на советско-полската граница едната од нив се предала, по што е откриена и другата. Обете се уапсени.

Мини-камера на јапонски шпион.

Агентите на советската контраразузнавачка служба во 1942 година конфискувале мини-камера на јапонски шпион на рускиот Далечен исток. 

Мини-камера на јапонски шпион.

Агентите на советската контраразузнавачка служба во 1942 година конфискувале мини-камера на јапонски шпион на рускиот Далечен исток.

Шпионска опрема на британскиот и американски агент Олег Пењковски.

Во октомври 1962 г. контраразузнавачката служба на КГБ го фатила агентот на МИ6 и ЦИА, полковникот на Главната разузнавачка управа Олег Пењковски. Тој, со помош на мини-камера Minox направил околу 5000 фотографии од разни видови советско оружје, што имало огромна вредност за западните разузнавачки служби. Пењковски во мај 1963 година е осуден на смрт со стрелање.

Пиштол скриен во книга.

Учебникот по политичка економија со скриен унгарски пиштол „Liliput Kal“ со калибар од 6,35 мм произведен во 1925 година, е конфискуван од германски шпион непосредно пред почетокот на Втората Светска Војна.

Игла со отровен врв, лампа и пиштол со придушувач на американскиот шпион, пилотот Френсис Пауерс.

Американскиот пилот Френсис Гари Пауерс е соборен кај Свердловск (денес Екатеринбург) на 1 мај 1960 година со ракета земја-воздух додека летал со шпионскиот авион U-2 над советска територија.

„Russia Beyond Македонија “ му се заблагодарува на Централниот пограничен музеј на Федералната служба за безбедност за помошта при подготовката на фотографиите за оваа статија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња