„Разузнавач никогаш не може да биде поранешен“, вели руската поговорка, а Владимир Путин, по сè изгледа, е жив пример дека тоа е вистина. Тој во периодот од 1975 до 1991 година бил агент на КГБ. Тој не зборува многу за својата кариера во тајните служби, ниту за годините што ги минал во Дрезден (1985-1989) како агент на КГБ во Источна Германија, Речиси ништо не се знае за операциите во кои тој учествувал како агент на надворешната разузнавачка служба. Сепак, определени податоци се познати и ние ќе ги сумираме во оваа статија.
Путин бил доста млад агент (33 години) кога раководството на КГБ го испратило во Источна Германија. Тогаш веќе бил оженет со (сега веќе поранешната сопруга) Људмила и имале едно дете – ќерката Марија (помладата ќерка Екатерина е родена во Дрезден 1986 година). По завршувањето на обуката во Академијата за надворешна разузнавачка служба во Москва Путин можел да избира (со оглед на тоа дека зборувал германски) дали ќе почека неколку години за да го испратат во Западна Германија или веднаш ќе замине во Источна Германија. Тој ја избрал втората опција.
www.putin.life
Во книгата „Интервјуа со Путин. Во прво лице“ тој зборува за тоа како агентите на КГБ биле заинтересирани за собирање на сите информации поврзани за стратешкиот противник, мислејќи притоа на НАТО. Рускиот претседател скромно ја карактеризира својата работа како „прилично рутинска“ и ги наведува своите тогашни активности: регрутирање информанти, собирање податоци и нивно проследување во Москва.
Во интервју за државната телевизија „Росија 24“ во 2017 година Путин рече дека целата негова работа во надворешната разузнавачка служба била тесно поврзана со илегалните, односно тајните агенти. Со оглед на тоа дека Путин бил легален агент на КГБ, тоа значи дека тој комуницирал со илегалните резиденти и им помагал да останат во врска „со центарот“.
Се стекнува впечаток дека сега Путин како претседател зборува за периодот поминат во Германија како нешто што му останало во убаво сеќавање, и дека не ги заборава своите стари колеги. На пример, тој во 2017 година лично го посети својот поранешен шеф Лазар Мојсеев, некогашен претставник на КГБ во Службата за државна безбедност на Источна Германија и му го честиташе 90 роденден.
Сега веќе поранешната сопруга на Путин Људмила во интервју изјави дека нивното семејство било воодушевено од германската чистотија и организираност. Кога станува збор за Путин, тој призна дека во Германија качил 12 килограми благодарение на германското пиво што го консумирал додека се одморал по напорниот работен ден во КГБ. По враќањето во Русија ги изгубил вишокот килограми, можеби зашто руското пиво во деведесеттите години од минатиот век не беше толку добро.
Вилата во која живеел Путин во Дрезден / Brücke-Osteuropa
Според Људмила, тие организирале семејни ручеци на кои ги повикувале колегите на Путин и Германците. Таму, секако, имало и неколку агенти на Штази, зашто СССР и Источна Германија беа сојузници, а припадниците на источногерманската тајна полиција живееле во истото мало со Путин.
Рускиот лидер вели дека неговото семејство не живеело луксузно, Успеале само да заштедат пари за автомобил кој во социјалистичките земји во тоа време бил реткост. Људмила во интервјуто изјавува дека добила впечаток оти агентите на Штази имале поголеми плати од агентите на КГБ.
Но, Штази помина лошо во 1989 година кога падна Берлинскиот ѕид и кога започна обединувањето на Германија. Путин на 5 декември 1989 година гледал како куп лути граѓани јуришаат на зградата на германската државна безбедност која се наоѓала на истата улица со седиштето на КГБ и сфатил дека и неговиот штаб ќе биде нападнат. Се обидел да воспостави контакт со управата на КГБ во Москва, но никој не му одговорил на повикот. Тогаш Путин решил самостојно да повлече потег.
Зигфрид Данат кој бил во тој куп, се сеќава
дека руски офицер излегол од зградата и се приближил на затворената порта. Им рекол на луѓето дека мораат да се тргнат од објектот зашто тоа била советска територија, а вооруженото обезбедување било подготвено да пука доколку некој влезе внатре. Данат вели дека тој припадник на КГБ бил учтив и дека добро зборувал германски. Тие зборови ја смириле толпата (никој не сакал крвопролевање) и сите го оставиле на раат седиштето на КГБ.Владимир Путин (а тој бил тој офицер) немал многу време да ужива во триумфот. За неколку дена тој и неговите колеги го уништиле сиот материјал поврзан за активностите на КГБ во Источна Германија. Највредните документи се испратени во Москва, а сето останато е изгорено. „Ги палевме деноноќно“, вели Путин. „Толку хартија изгоревме што печката се расипа“. Набргу потоа Путин со своето семејство го напуштил Дрезден. Неговата мисија била завршена, како и присуството на КГБ во Германија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче