Како Советскиот сојуз планираше за една недела да го уништи НАТО

Јуриј Абрамочкин/Sputnik
Москва беше убедена дека може да го порази својот главен непријател и притоа да избегне нуклеарна апокалипса.

За време на Студената војна двете спротивставени суперсили - СССР и САД - беа подготвени во секој момент за избувнување на вооружен судир меѓу нив. Сите беа сигурни дека Третата светска војна ќе биде нуклеарен конфликт и дека ќе доведе до меѓусебно уништување.

Меѓутоа, 1979 година Советите направија план како да го уништат својот најголем непријател и притоа да избегнат нуклеарна апокалипса. Планот под назив „Седум дена до реката Рајна“ предвидуваше дека силите на НАТО во Европа ќе бидат уништени за само една недела.

Одговор на агресија

Москва очекуваше дека НАТО ќе нападне прв. Според планот, алијансата со нуклеарни бомби би гаѓала 25 објекти во Полска на реката Висла и на тој начин би ја претворила оваа земја во разурнато и контаминирано подрачје, ефикасно отсекувајќи ги советските трупи во Источна Германија, Унгарија и Чехословачка од нивните главни бази СССР.

Меѓутоа, тоа веднаш би го активирало Варшавскиот пакт на акција. Советските нуклеарни сили би ги нападнале Германија, Белгија, Холандија, Данска и северна Италија. Така седиштето на НАТО во Брисел би било уништено.

Не напаѓајќи ги САД, Франција и Велика Британија, Советите сакаа да создадат поделба меѓу западните сојузници. Тие знаеја дека не одлучува главната команда на НАТО, туку раководството на САД, Франција и Велика Британија за тоа како и кога се користи нуклеарно оружје. Со овој маневар СССР би ги ставил пред тежок избор: да употребат нуклеарно оружје против Советите и со сигурност да примат нуклеарен напад, да се борат без да користат нуклеарни капацитети, или дури и да останат надвор од конфликтот. Со комплицираните односи на Франција со НАТО, кое го напушти 1966 година (сепак продолжувајќи да соработува со алијансата), оваа можност воопшто не беше неверојатна.

По нуклеарните напади, советската и чехословачката армија требаше да се пробијат низ непријателските редови до реката Рајна. Со оглед на тоа дека според бројот на тенкови неколку пати ја надминуваа алијансата,  беа сигурни во успехот. Во исто време неутралната, но стратешки важна Австрија, требаше да биде нападната и окупирана од страна на Унгарија.

Додека советските копнени сили ќе ги заземеа важните мостови преку реките, авијацијата на Варшавскиот пакт требаше да ги уништи европските аеродроми и воените бази на НАТО.

Важна задача ѝ беше доверена и на советската морнарица. Требаше да ги прекине сите комуникации меѓу САД и Европа во Атлантскиот океан и да ги спречи Американците да им испратат засилување на своите сојузници. Советските подморници требаше да го пронајдат и уништат американскиот адут: офанзивните групи американски носачи на авиони. Во меѓувреме, советските нуклеарни подморници во Северниот леден океан требаше да бидат подготвени да реагираат на можен нуклеарен напад на САД.

Наивен план

Москва веруваше дека, доколку сè оди според планот, главните сили на НАТО во Европа ќе бидат уништени за седум дена. Доколку би било потребно, советската армија би продолжила да напредува кон Франција. Шокираното и збунето раководство на западните земји би било принудено да седне на преговарачката маса и општа нуклеарна војна би била избегната.

Советската команда целосно ја игнорираше доктрината на НАТО за колективна одбрана изнесена во Северноатлантскиот договор од 1949 година. Во неа се наведува дека нападот врз една членка на алијансата е напад врз сите нив. НАТО беше подготвен да започне општа нуклеарна војна доколку само една од нејзините членки биде нападната со нуклеарно оружје, без оглед дали самата таа поседува нуклеарно оружје или не.

Дури и најблиските советски сојузници во Варшавскиот пакт сметаа дека планот „Седум дена до реката Рајна“ е премногу оптимистички и речиси неостварлив. Сепак, Советите десет години, сè до доцните 1980-ти, одржуваа тајни вежби засновани на овој план.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња