Зошто се распадна СССР?

Getty Images
Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз делуваше како мошне моќна држава. Зошто тогаш по само неколку години се распадна? Дали е тоа поради слабата економија и поради внатрешните етнички тензии?

1. Цената на нафтата и неефикасната економија

Бензинска станица на патот Брест-Москва

„Датумот на распадот на СССР е добро познат. Тоа не е Беловешкиот договор, ниту Августовскиот пуч (1991), ами 13 септември 1985 година, кога министерот за нафта на Саудиска Арабија Ахмед Јамани изјави дека неговата земја излегува од договорот за ограничена експлоатација на нафта и оти започнува да го зголемува својот удел на пазарот со нафта. Потоа Саудиска Арабија за 5.5 пати го зголеми производството на нафта поради што таа стана поевтина за шест пати“, пишува Егор Гајдар, авторот на радикалните економски реформи во постсоветска Русија и во текот на деведесеттите години од минатиот век.

Пјотр Авен, кој во владата на Гајдар беше министер за надворешна трговија, а сега е влијателен бизнисмен, ја поддржува оваа интерпретација: „Тоа беше важна пресвртница кога во 1986 година цената на нафтата падна, а со самото тоа пропаднаа и сите можности (на Советскиот Сојуз) за остварување приходи“. Како што истакнува Авен, приходите од нафта обезбедуваа средства за купување жито (СССР увезуваше 17% жито). Овие пари беа користени и за „поткупување на елитите“ со помош на потрошувачка стока која државата ја земаше од Запад зашто Советскиот Сојуз не можеше да произведува стока со таков квалитет, така што западната стока стана достапна за горните слоеви на општеството. Падот на цената на нафтата се совпаѓа со падот на економијата која, според Авен, започнал уште на почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Оваа долгорочна тенденција е забрзана со намалувањето на приходите од продажбата на нафтата, што предизвика крах на советскиот економски модел.

Од друга страна, определени експерти сметаат дека ситуацијата и не била толку лоша без оглед на неефикасноста на советската економија и на фамозниот дефицит на стоката за широка потрошувачка. Познатиот советски, а подоцна американски социолог Владимир Шљапентох вели: „Во текот на последните децении (од постоењето на СССР) темпото на економскиот пораст почна брзо да се намалува, а квалитетот на стоката стануваше сè полош, додека технолошкиот напредок забавуваше... Сепак, сиве овие недостатоци беа хронични и немаа фатално дејство... СССР можеше да живее мошне долго...“ Навистина, според податоците на официјалната советска статистика падот на бруто домашниот производ е забележан дури во 1990 година, односно само една година пред распадот.

2. Етнички тензии

Жители на Нагорно-Карабах разговараат со војници

Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век за време на Перестројката во советските републики се забележува сè поголемо ниво на насилство предизвикано од етничката припадност. Првиот случај на насилство врз база на етничка нетрпеливост се одигра во 1986 година во Алма Ата, главниот град на Казахстан, кога казахстанската младина беше разочарана од тоа што на чело на републиката беше донесен Русин по националност, па организира масовни нереди. На крајот беше ангажирана војската за да ги задуши демонстрациите. Потоа дојде до погром во азербејџанскиот град Сумгајит, а во Тбилиси, во Баку и во други градови дојде до жестоки судири. Најкрвавиот конфликт изби во Карабах помеѓу Азербејџан и Ерменија. Тој често се третира како „еден од најважните политички орози за распад на СССР“. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век етничките конфликти добија мошне сериозни размери – во вооружените судири загинаа стотина луѓе.

И покрај сето тоа, дури ни во 1990 година мнозинството советски републики не сакаа да го напуштат СССР, така што, според рускиот историчар Александар Шубин, ситуацијата „изгледаше прилично мирно и стабилно“, и само балтичките земји и Грузија цврсто се определија за сепаратизам. „И покрај опасностите што национално-сепаратистичките движења ги претставуваа за државната структура на СССР, тие сами по себе немаа доволно потенцијал за растурање на Советскиот Сојуз“, тврди историчарот.

3. Реформите на Горбачов

По обидот за државен преврат претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов во Парламентот потпишува договор со кој се забранува работата на Комунистичката партија на територијата на целата земја

Да не се лажеме, лошите економски показатели и порастот на национализмот секако имаа големо значење, но главен фактор кој навистина предизвика крах на „Црвената империја“ беа потезите на нејзиното раководство, започнувајќи од средината на осумдесеттите години и Перестројката на Горбачов. Во Русија е популарна теорија на завера според која Горбачов свесно тежнеел да ги уништи социјализмот и Советскиот Сојуз. Но, не постојат докази дека тој навистина сакал да ја укине сопствената власт.

Напротив, Перестројката беше обид да се реформира советскиот систем кој тогаш веќе покажуваше знаци на деградација. Првите реформи на Горбачов (таканареченото „забрзување“ на економијата) имаа за задача да го ослободат потенцијалот на „модернизираниот социјализам“. Гореспоменатиот Шљапентох овие реформи ги карактеризира како „неосталинистички“ зашто се спроведувани во иста парадигма како и политиката на суровиот претходник на Горбачов.

И покрај добрите намери на советскиот лидер, економијата не можеше да се „забрза“. Напротив, неефикасната политика на Горбачов доведе до забрзан пад на економијата, така што и самата држава стана послаба. Советскиот систем пред Горбачов функционираше лошо и имаше доста осцилации, а по реформите престана и да функционира. Според споменатиот социолог, „во очајничката потрага за патиштата за модернизација на економијата ... Горбачов започна радикален процес на демократизација во кој пропаста на советскиот систем и на советската империја беше неизбежна“. Затоа се појавија нови актери, а меѓу нив беше и Борис Елцин кој сакаше да создаде „независна Русија“. Токму тука е и „неизбежниот распад на СССР“.

Прочитајте уште: Горбачов: Спасител на Русија или симбол на уништувањето на земјата?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња