25 години постсоветска Русија: Сериозни предизвици за младата државност

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Русија одбележува 25-годишнина од денот на објавувањето на Декларацијата за сувереност на РСФСР, со што беше поставен темелот на изградбата на постсоветската руска државност. Сумирајќи ги резултатите за изминативе години, експертите утврдуваат дека постсоветска Русија се одржала како држава, но тоа го прават со голема резерва.

Оценувајќи го периодот од четвртина век изградба на руската државност, експертите доаѓаат до заклучок дека без оглед на тоа дека е оформена нова руска држава, пред неа стојат низа сериозни предизвици, за кои допрва треба да се најде одговор. 

Зборувајќи за постсоветска Русија, аналитичарите се склони да претпоставуваат дека во своите основни црти руската државност ја поминала проверката на времето. Притоа, сите го забележуваат нејзиниот противречен карактер. Како што сметаат некои набљудувачи, тоа е поврзано со нееднозначноста на донесениот документ за суверенитет на Русија во рамите на СССР – РФ беше основна носечка конструкција на Сојузот, кој престана да постои во декември 1991 година.

Последниот клинец

„Самата декларација е мошне противречен феномен. Од една страна, таа го определува распадот на СССР, а, од друга, ја зачувува територијата на РФ“, изјавува за „Руска реч“ политикологот, прв заменик на главниот уредник на алманахот „Развој и економија“, Дмитриј Андреев. Тој претпоставува дека декларацијата за сувереност на Русија е „последниот клинец на капакот од ковчегот на СССР“. Сепак, поинакво сценарио и не постоеше и тоа беше „избор на најдоброто зло“, со оглед на тоа што беа пропуштени можностите за зачувување на целовитоста на земјата.  

Декларацијата за државниот суверенитет на РСФСР беше донесен на Првиот конгрес на народните пратеници на РСФСР на 12 јуни 1990 година. Во документот станува збор за „решеноста за создавање на демократска правна држава во составот на обновениот СССР“. Со Декларацијата се предвидува приоритетот на уставот и на законите на републиката на територијата на РСФСР и се потврдува правото на слободно излегување од СССР.

Според Борис Шмелев, првиот човек на Центарот за политички истражувања при Институтот за економија, „рускиот народ го иницираше распадот на СССР, практично се откажа од дел од самиот себе“, со оглед на тоа што „Советскиот Сојуз ја претставуваше и големата историска Русија“.

Нестабилна државност

Како што забележува аналитичарот, иако за изминативе 25 години Русија успеала да создаде институции за управување и граѓанско општество, да го доведе во ред економскиот систем, руската државност за сето тоа време ја нема добиено неопходната стабилност. Според мислењето на Шмелев, ова во голема мера е поврзано со тоа што Русија, засега, не успеала да изгради ефикасен демократски политички систем. „Ние имаме мек, но, сепак, авторитарен режим, не успеавме да направиме систем  на проверка и рамнотежа: не функционира парламентот, тој е едноставно машина за гласање, не се појави стабилен партиски систем; корупцијата е голема...“, вели експертот во интервју за „Руска реч“, изјаснувајќи се во врска со постсоветска Русија. 

Многумина имаат забелешки за ефикасноста на рускиот политички систем. Како што забележува претседателот на Институтот за национална стратегија, Михаил Ремизов, во Русија сè уште не постои стабилен републички систем. Доколку не беше така, сега ќе можевме да видиме „јавна смена на власта со конкуренција на алтернативни екипи“. „Кај нас смената на екипите преку јавна конкуренција не се случи – постои систем на наследство, еден вид неформална претседателска династија“, изјави тој за „Руска реч“. 

Во исто време, според него, ваквиот систем има и свои предности од гледна точка на консолидација на власта и на појавувањето кризи. Одбележувајќи ја во целост позитивната улога на институцијата на силна претседателска власт во Русија, аналитичарот го нарече „камен-темелник на кој се држи националната конструкција“.

Властољубивоста на Елцин

Традицијата на силната власт на претседателот во современа Русија беше поставена уште од првиот постсоветски лидер, Борис Елцин. Без оглед на тоа што сега годините на неговото владеење некои го нарекуваат време на вистински демократски експеримент во Русија, во тоа време претседателот беше силно критикуван за авторитаризмот. Ваквите обвинувања беа на адреса за Уставот од 1993 година, во согласност со кој на руското поле институтот на претседателствување безусловно доминира над сите други структури на власта.

Роденденот на новата Русија – 12 јуни
Празникот е смислен од татковците-основачи на нова Русија според американскиот модел како Ден на независноста и стана нов летен празник. И почнаа да го нарекуваат, едноставно, „Ден на Русија“. Ова се случи зашто никому не му беше јасно од кого Русија ја добила независноста.

Според Андреев, основачот на современата руска државност беше човек што го интересираа само своите интереси, само својата сопствена власт, иако во тој период таквата ситуација на парадоксален начин беше добра за Русија. „Толку интересно излезе тоа во тие времиња, што тежнеењето кон апсолутна, силна власт на претседателот Елцин, врз која никој не смееше да посегне, објективно се совпадна со интересите на структурирање на пространството на територијата на РФ. Тешко дека некој друг би можел да ја задржи таа територија во страшното време на деведесеттите години од минатиот век“, претпоставува политикологот. Андреев се сеќава дека во конфликтот на претседателската и законодавната власт во 1993 година, кој доведе до стрелање врз парламентот од страна на војската верна на Елцин, тој бил на страната на противниците на претседателот – на страната на првиот човек на парламентот, Руслан Хасбулатов, и на вицепремиерот Александар Руцки. „Сега би бил на страната на Елцин. Уверен сум дека ниту едниот ниту другиот немаше да ја задржи Русија“, изјавува аналитичарот, зборувајќи за  периодот што е познат и како „парада на суверенитети“ – прогласување на најширока политичка автономија во деведесеттите години од минатиот век, а чија најдраматична епизода беше објавувањето на независност на Чеченија и првата чеченска кампања што следуваше потоа.

Предизвикот на мултинационалноста

Сепак, зборувајќи за позитивната улога што во руските реалии ја има институцијата на силна претседателска власт, политиколозите, во исто време, ја подвлекуваат слабоста на другите државни институции, вклучувајќи го и парламентот. Освен тоа, посочувајќи ги главните недостатоци на современата руска државност, некои од аналитичарите укажуваат на етнотериторијалниот принцип на изградбата на федерацијата – постоењето национални републики во РФ. 

Ремизов забележува дека во овој однос продолжува советскиот курс на национално устројство – наместо создавање нација како единствен политички организам, во РФ се гради повеќенационална држава. „Доколку зборуваме за повеќе нации во земјата, тоа значи дека таа е создадена од субјекти што имаат право на самоопределување со последиците што доаѓаат од тоа“, забележува политикологот.

Не постои чувство на млада држава

Освен националната конструкција на земјата, се посочуваат и други противречни особености што се поврзани со советското минато. Постои мислење дека идеологијата на современа Русија е прекумерно ориентирана на советскиот носталгичен багаж. Според Михаил Виноградов, претседател на фондот „Петербуршка политика“, РФ како да се срами од својата сегашна државност и за сметка на тоа се обидува да ја засили наследноста од СССР. „Ова е сериозен ризик, зашто, сметајќи од (основоположникот на дрвената руска држава) Рјурик, РФ се лишува себеси од чувството на млада држава, од историската динамика на млада земја. Меѓу другото, оние постсоветски држави што себеси се сметаат за млади, покажуваат подобра динамика“, изјавува експертот за „Руска реч“, укажувајќи на успесите на Казахстан и на Азербејџан. 

Во исто време, на фонот на другите постсоветски земји, руската државност во целост изгледа солидно. Според Шмелев, државноста на Русија е реален факт, за разлика, на пример, од други земји во регионот, како што се Украина, Молдавија и Киргистан, чии перспективи на овој план се нејасни.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.