Горбачов: Спасител на Русија или симбол на уништувањето на земјата?

AP
Михаил Горбачов, првиот и последен претседател на СССР, човекот кој во Советскиот Сојуз ја започна перестројката, на 2 март наполни 85 години. „Руска реч на македонски“ ги избра највпечатливите изјави на неговите современици за овој советски лидер, кој беше популарен на Запад и, благо речено, не беше омилен во Русија.

Ханс Дитрих Геншер, министер за надворешни работи на Западна Германија, 1974-1992

Михаил Горбачов на цела Европа ѝ откри нова иднина. Во екот на студената војна тој го формулираше поимот на зеднички европски дом. Тој стана свесен за заедничкото наследство на Европа и за заедничката одговорност на Европејците. И сето тоа во момент кога многумина на Запад сè уште упорно се придржуваа кон стереотипите на студената воја <...> Русите како голем европски народ, сепак се дел од историскиот и од културниот идентитет на Европа. Горбачов беше отсекогаш уверен во тоа.

Франсоа Саган, француска писателка

Горбачов е човек кој го изврши најнезамисливото, најпосакуваното и најодважното ослободување. Тој ги скрши оковите, го отфрли тешкиот јарем под кој луѓето живеека во страв цели 75 години. Тој ги ослободи одлучно и мошне брзо, без притоа да се пролие ниту една капка крв.

Боно, фронтмен на групата U2

Во него има нешто необично. Тој има енергија со сила што не може да се објасни. Некои негови движења и манири потсетуваат на боксер, па дури и на кавгаџија. Но, тој е човек со голем ум. Неговото размислување е ментално џудо. Што е џудо? Тоа е кога ја користиш силата која е спротивна на силата на противникот. Горбачов е политичар кој ја спаси Русија и тоа не го направи за сопствена корист.

Ерик Хобсбом, британски историчар

Јас сум постојано воодушевен од Михаил Горбачов. Тоа свое воодушевување го делам со сите што го знаат тоа. Доколку не беа неговите иницијативи, светот сè уште ќе беше прекриен од сенката на катастрофа од нуклеарна војна <...>.

Но, дали перестројката донесе втора руска револуција? Не. Таа предизвика колапс на системот изграден за време на револуцијата од 1917 година, кој беше проследен со социјално, економско и културно руинирање од кое народот на Русија сèуште нема излезено.Закрепнувањето од оваа катастрофа е многу подолго, одошто ѝ беше потребно на Русија да закрепне од светските војни.

Никита Михалков, филмски режисер

[Неопходно е] на државно ниво да се признае злосторство што го направија Горбачов и Елцин. Тие извршија вистинско злосторство. Дали го направија тоа намерно или ненамерно, дали се раководеле од амбиции или не – сега тоа не е важно. Нивните дела предизвикаа распад на нашата земја! И тоа е најголемата геополитичка катастрофа кој се случи во минатиот век.

Александар Проханов, писател

За мене Горбачов е сининим на злото. Тој е симбол на уништувањето на мојата татковина. Тоа е човек преку кој бевме покриени со таков бран несреќа, што сè уште не можеме тоа да го свариме. Тоа е крах на голема цивилизација, на голема техносфера, голема наука, голема култура. Тоа е крах на цел вектор од руската историја.

Николај Ришков, претседател на владата на СССР, 1985-1991

Тоа се двајца – тој [Елцин] и Горбачов. И на едниот и на другиот големата власт им беше контраиндицирана. Тоа беше наша грешка, и моја исто така. И јас го поддржував Горбачов кога доаѓаше на власт во 1985 година. И други го поддржуваа, а не смеевме да го избереме зашто тој едноставно не е прилагоден за тоа! Доколку во земјата постоеше функција проповедник, тој одлично би ја извршувал. Тој би зборувал со часови... А, да управува со земјата плански и урамнотежено [тој не можеше]. Тој е мошне импулсивен, неорганизиран.

Франсоа Митеран, претседател на Франција, 1981-1995

Го поздравувам како најистакнат човек во историјата на овој век, човек кој издејствува појавување на демократијата во својата земја, стави крај на студената војна и го започна разоружувањето.

Од книгата на Дмитриј Јазов „Маршалот на Советскиот Сојуз“

Анатолиј Лукјанов, претседател на парламентот на СССР, 1990-1991

Типичен комсомолски активист кој не е навикнат самиот да носи одлуки. Секогаш мораа да одлучуваат комунистите или службениците од извршниот апарат. Неговите комсомолски рамена не можеа да го носат претешкиот шинел на власта во земјата.

Маргарет Тачер, премиер на Британија 1979-1993 година, 1984

Тој е релативно отворен и интелигентен. Љубезен е, има определен шарм и смисла за хумор. Јас, секако, во него гледав човек со кој може да се соработува. Згора на тоа, ми се допаѓа.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња