Како руските војници во Првата светска војна се забавувале пред носот на Германците

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
За Првата светска војна или Големата војна, како што ја нарекувале современиците, карактеристично е тоа што е масовно користен системот на војување во ровови, кога со месеци, ако не и со години, војската седела во рововите една наспроти друга. Војничките денови биле исполнети со напорна монотона работа, но и со здодевност. Затоа не изненадува тоа што војниците ја користеле секоја можност да се разонодат и да ја разбијат дневната рутина.

Меѓу војниците мошне популарни биле театарските претстави. Понекогаш на сцената биле поставувани сопствени аматерски претстави, но вистинско славење било кога на фронтот ги посетувале познати уметници. 

Еден војник во писмото до домашните пишува за гостувањето на познатата балерина Евгенија Лопухова: „Нашите 'витези' од Курск, од Смоленск, од Рјазањ и од други градови ги опколија уметниците и се ѕвереа во мадам Лопухова додека танцуваше. А, таа тоа го правеше прекрасно. Шумите и брдата нѐ штитеа од непријателот и се забавувавме пред носот на Германците“. 

Војниците не добивале подароци само од своите семејства. Голем број организации од позадината се занимавале со добротворна работа за да го кренат моралот на војската. Војниците добивале подароци од градските власти, од бизнисмените и од обичните граѓани. Дописникот на весникот „Современое слово“ пишува дека војниците овие подароци ги сфаќале како симбол на силна поврзаност помеѓу општеството и војската, доказ дека нивната земја не ги заборавила. 

Масовните збратимување помеѓу руските и германските (како и австриските) војници на источниот фронт во Првата светска војна започнале кон крајот на 1916 година, а се прошириле во 1917 година кога руската војска била целосно деморализирана. Фотографијата е направена во 1915 година и покажува еден од ретките случаи кога побратимувањето се случило таа година. Но, исто така е можно да станува збор за забава на руски војници кои се преоблекле во непријателска униформа.

Војниците од муслиманска вероисповед во состав на 267 Духовшчински пешадиски полк на молитва. Во руската војска за време на Првата светска војна служеле околу 1.5 милион муслимани. Со оглед на тоа дека руските власти се плашеле дека тие би можеле да преминат на страна на Отоманското царство кое се прогласило за заштитник на сите муслимани, а муслиманите главно биле испраќани на европските боишта. 

Војници се подготвуваат за натпревар во влечење јаже, една од своите омилени забави. 

Руски војници се забавуваат во близина на малиот француски град Мјаи ле Кан во 1916 година. Над 45.000 офицери и војници се бореле во состав на рускиот експедициски корпус во Франција и учествувале во одбрана на Шампањ и во Верденската битка.

Војници на 267 Духовшчински пешадиски полк фрлаат снежни топки во 1916 година. 

Војници подготвуваат прослава на Велигден и разменуваат јајца и колачи во април 1917 година. Во руската војска во тоа време владеела целосна анархија. Се случувале масовни дезертерства, откажување послушност, збратимување со непријателите и линчување офицери.