Меморијалниот комплекс во близина на градот Ругуновец. Извор: Екатерина Туришева
Почнувајќи од 1977 година во Солун секоја година се одбележува годишнината на пробивањето на Солунскиот фронт. Септември 1918 година бил одлучувачки месец за војската на Антантата, зашто пробивањето на Солунскиот фронт довел до победа и до потпишување мировни спогодби.
Сојузничките гробишта Зејтинлик, каде се погребани посмртните останки на војниците што загинале во Првата светска војна, обично е централното место на официјалната манифестација. Но, оваа година програма ќе биде одржана на уште една значајна локација – на просторот на меморијалниот комплекс во близина на градот Ругуновец. Планирано е тука да биде поставен споменик на руските војници кои пред еден век се бореле на оваа земја.
Историски ориентир
Денес меморијалниот комплекс во околината на Ругуновец е составен од споменик на сојузничката војска и бисти на премиерите на сојузничките земји.
На оваа територија, која Христос Карафодорос во 1975 година ја подарил за изградба на меморијален комплекс, најпрво бил поставен меморијален столб со петоаголна основа. Споменикот, кој свечено бил откриен на 5 мај 1977 година, заеднички го подигнале здруженијата на ветераните на земјите-сојузнички, На секоја од петте страна на столбот на англиски, француски, италијански, српски и на грчки јазик пишува: „На децата на Франција, Велика Британија, Грција, Италија и на Србија, кои верно, следејќи ги заветите на своите предци, заедно војувале на ова место и загинале за Слобода и Мир во целиот свет, 1916-1918“.
Подоцна, од 1992 до 1996 година, со средства на Здружението на грчките ветерани од Солунскиот фронт на плоштадот на спомен-комплексот поставени се бисти на премиерите на земјите-сојузнички од времето на Првата светска војна. Нив, колку и страните на меморијалниот столб, ги има пет: Гркот Елефтериос Венизелос, Србинот Никола Пашиќ, Французинот Аристид Бријан, Англичанецот Дејвид Лојд Џорџ и Италијанецот Виторио Орландо.
Кога ќе ги погледнете нивните горди профили, не можете веднаш да не се сетите дека во оваа низа недостасува барем едно име, и тоа руско.
Заборавениот победник
По повод одбележувањето на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна локалните друштва на љубители на воената историја и рускиот конзулат во Солун сакаат да го исправат токму овој „пропуст“. На нивна иницијатива на територијата на меморијалниот комплекс кај Ругуновец се подготвува поставување на споменик на рускиот војник.
|
Самиот споменик засега постои само како макета на која деталите сè уште се доработуваат. Сите работи би требало да бидат завршени некаде во септември, кога се одбележува годишнината од пробивањето на Солунскиот фронт.
„Советскиот Сојуз своевремено одби да учествува во изградбата на меморијалниот комплекс. Затоа е и направена оваа петоаголна пирамида и поставени се бисти на само пет премиери. Бидејќи на меморијалниот столб е невозможно да се додаде шеста страна, ниту поставувањето биста на рускиот премиер не би имало посебна смисла. Заклучивме дека главен херој и главна жртва на овие настани е рускиот војник. Нему и ќе му подигнеме споменик“, објаснува генералниот конзул на Руската Федерација во Солун Алексеј Попов, кој активно се залага комплексот да добие и руски дел.
Тој во рацете држи мала значка со амблемот на Здружението на борци на сојузничката армија на Солунскиот фронт. Постојат само неколку примероци од оваа значка, а амблемот што е прикажан на нив сè уште не е официјално усвоен. Русија, колку и да звучи тоа парадоксално, не е член на ова здружение.
Наспроти прославата на големиот јубилеј се забрзува официјалното членство на Русија во оваа организација и тоа би требало да биде завршено скоро. Во секој случај, подобро подоцна, одошто никогаш. А, ако шестаголниот амблем добие официјален статус, тоа ќе биде уште еден чекор кон воспоставувањето на историската праведност и кон признавањето на важната улога на руската војска во настаните на Солунскиот фронт.
Фотографии: Екатерина Туришева
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче