Истоварувањето на војниците на Рускиот експедициски корпус во Солун.
Есента 1915 година во Солун се истовари првиот англиско-француски експедициски корпус. Така во Првата светска војна беше формиран Солунскиот фронт. Тој постоеше сè до 1918 година и, како што тврдат историчарите, одигра важна улога во конечната победа на силите на Антантата.
Малобројни, но решителни
Сојузничката армија на Солунскиот фронт главно се состоела од англиски, француски и италијански контингенти. Меѓу сојузниците имало и 18 илјади руски војници, кои во текот на 1916 година дошле по барање на Французите. По одобрението што го дал императорот Николај Втори во сојузничките групи се вбројува Втората руска посебна пешадиска бригада под команда на генерал-мајор Дитерихс и Четвртата руска посебна бригада под команда на генерал-мајор Леонтјев.
И денес е познато местото на кое по морски пат пристигнувале сојузничките трупи од Солун. Секако, денес на солунското пристаниште ништо не зборува за тоа дека тука некогаш поминала руската војска. Руските единици од Архангелск најпрво стигнувале во Брест, а потоа низ цела Франција во Марсел, од каде доаѓале на брегот на Грција. Сите стари згради на пристаништето што ги виделе војниците на Рускиот експедициски корпус денес се урнати или изгледаат поинаку, а некои од нив се преуредени во изложбени простори. Од почетокот на минатиот век до денес недопрена останала само пругата по која сите па и руските војници од бродовите заминувале понатаму на фронтот.
Солунското пристаниште.
Првата битка на Солунскиот фронт во која учествувале руските единици се одиграла на 10 септември 1916 година. Тогаш генералот Дитерихс имал на располагање само еден полк и тргнал во битка заедно со француските единици. Единицата на Дитерихс во нападот била во првите борбени редови. Операцијата била успешна и покрај тешките планински услови и недостигот од муниција. Потоа следувале и други битки во кои сојузниците имале успеси, што е документирано и овековечено во учебниците по воена историја.
Утеха во заднина
Но, ефикасните победи на руската војска имале и своја голема цена. Имало толку многу ранети и болни што било мошне тешко да се евакуираат од првата борбена линија во болниците во Солун. Како што сведочат писмата на В.Ф. Каљ, последниот генерален конзул на Руската Империја во Солун, пред да бидат евакуирани во болница, некои борци и по неколку дена лежеле на земја со отворени рани и без храна.
„Офицерите и војниците по евакуацијата од фронтот биле распоредувани во осум француски болници кои се наоѓале како во самиот град, така и во неговата околина, а многумина од нив, особено обичните војници, доаѓале во мошне тешки услови“, пишувал Каљ. Работата, според него, се искомплицирала уште и со тоа што воените болници биле преполни со заболени од маларија, која во тоа време се ширела во северниот дел на Грција и која онеспособувала десетици илјади војници. Освен тоа, до конзулот допирале гласови дека определени француски лекари со презир се однесувале кон руските пациенти.
Сето тоа го поттикнало Каљ да го замоли началникот на француските санитарни единици сите Руси да бидат евакуирани во болницата „Свети Димитрија Солунски“. Оваа болница била изградена со пари на руската заедница и со лични средства на императорот Николај Втори, кој во целост го опремил нејзиното хируршко одделение. Старите фотографии од оваа болница се чуваат во генералниот конзулат на Русија во Солун.
Истоварување на Рускиот експедициски корпус на
солунското пристаниште и руската болница „Свети Димитрија Солунски“.
Фотографиите ни ги ставија на располагање конзулатот на Русија во Солун и
професорот Власис Власидис.
Болничкиот персонал бил составен главно од државјани на Руската Империја. Болницата била активна во време на Првата светска војна и покрај недостигот од лекови со кој често морала да излегува на крај со сопствени сили. На пример, доктор Софотеров, доцент и главен лекар на руската болница кој меѓу Србите уживал огромна репутација како еден од најдобрите хирурзи во Србија за време на Балканските војни, лично издејствувал за српските и за руските болни топломери, материјал за превивање и електрични кабли.
Руската болница за тоа време имала најсовремена опрема. Подоцна заградата била преуредена во гимназија, а сега во неа се наоѓа архив. Денес оваа зграда е под грчка јуриздикција.
„Во 1980 година Грците донесоа еднострана одлука болницата 'Свети Димитрија Солунски' да ја стават под своја јуриздикција. Јас веќе подолго време го покревам прашањето за нејзино враќање на руската страна“, изјави за „Руска реч на македонски“ Алексеј Попов, генерален конзул на Руската Федерација во Солун.
Славни победи и неславен крај
Руските војници учествувале во интензивните борби на Солунскиот фронт сè до Октомвриската револуција, кога изгубиле контакт со центарот, така што правниот статус на руските бригади повеќе не бил јасно дефиниран. Кога советската власт го донела Декретот за мир, војниците побарале веднаш да се вратат во Русија, Но, француската команда изјавила дека Декретот за мир не важи за руските трупи во странство.
Французите кон крајот на февруари 1918 година ги поделиле руските единици во три категории. Во првата категорија биле оние кои по Октомвриската револуција се согласиле да се борат на страната на Франција. Еден дел од овие борци се погребани на големите сојузнички гробишта Зејтинлик, каде сè уште се чува руската парцела. Во втората категорија војници од Рускиот експедициски корпус биле оние кои одбиле да учествуваат во борбените дејствија, но се согласиле да работат за сојузниците. Подоцна дел од овие војници бил упатен во северна Африка, од каде поединци во дваесеттите години од минатиот век успеале да се вратат во Русија. Третата категорија биле оние што не сакале ниту да војуваат, ниту да работат за сојузниците, ами инсистирале да се вратат во својата татковина. Нив сојузниците ги задржале како заробеници и од нив формирале работен баталјон.
Власис Власидис, професор на катедрата за балкански и источни истражувања на еден од државните грчки универзитети, за „Руска реч на македонски“ вели дека пред неколку години во едно село во близина на Солун биле пронајдени човечки коски. Нивната идентификација е сè уште во тек, но веќе е извесно дека посмртните останки припаѓаат на војници. Според Власис Власидис, во научните кругови се претпоставува дека коските им припаѓаат на руските војници од третата категорија, кои сојузниците најверојатно ги стрелале.
По завршувањето на војната преживеаните војници од работниот баталјон кој се наоѓал во близина на селото Градобор (денешно Пендалофос) со свои пари подигнале споменик на воените другари. Споменикот официјално бил откриен на 18 септември 1919 година. Оттогаш двапати бил реставриран на иницијатива и со средства на амбасадата на СССР во Грција и на генералниот конзулат на Русија во Солун.
Споменикот на руските војници на патот Солун-Килкис.
Не е лесно да се дојде до споменикот. Од Солун до ридот на кој се наоѓа тој со автомобил се стигнува за неколку часа по планински патеки. Патниците од постојаната промена на надморската височина постојано чувствуваат притисок во ушите и поспаност, но овие мали нешта не се препрека за оние кои ја паметат помошта на сојузничката руска војска. Некој пред споменикот беше оставил современи руски пари, што е доказ дека ова место сепак се посетува.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче