Фотографија: Eкатерина Туришева
Без оглед на тоа што на Солунскиот фронт во годините на Првата светска војна војувале најмалку неколку илјади руски војници и офицери, меѓу Русија и Македонија никогаш досега не постоела билатерална спогодба за заемна помош во врска со прашањата за погребувањето на војниците. Тоа е поврзано со фактот што на територијата на Македонија не се пронајдени самостојни руски гробови ниту од Првата, ниту од Втората светска војна.
Но, како е можно такво нешто кога се знае дека на македонската земја се упокоени стотици руски војници? Работата е во тоа што овие останки во текот на почетокот на минатиот век биле пренесувани на различни гробишта, така што нивното место, како и имињата на загинатите досега не се познати. Во пресрет на 100-годишнината од денот на почетокот на Првата светска војна ние отпатувавме во Македонија за да дознаеме дали ги паметат и дали ги бараат во земјата руските херои од Солунскиот фронт.
Архивска работа
„За голема жал, никаква систематска работа во оваа насока сега не се одвива“, вели амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак. „Ние сме многу загрижени во врска со ваквата ситуација. Учеството на руските војници во Првата светска војна на Солунскиот фронт стана заборавена страница од историјата, пошироката јавност за ова воопшто не знае“.
За да се дознаат имињата на оние што загинале во тие години на територијата на Македонија, треба да се изведе голема истражувачка работа. Работата дополнително се усложнува со тоа што руските војници на Солунскиот фронт не се наоѓале под сопствена команда. Тие дејствувале главно во состав на француската армија, а Французите не се ни нафатиле со одделно овековечување на сеќавањето на Русите. Тесна соработка постоела и со српската војска, така што многу руски воени другари биле погребани од страна на Србите на сојузничките гробишта Зејтинлик. Но тоа, секако, не е целосниот состав.
Руската амбасада во повеќе наврати се обидела да ги пронајде местата на масовните гробници на руските војници, но овие обиди не дале плод. Ова се случува и поради тоа што Македонија својата државна независност ја има добиено релативно доцна, така што во времето на Првата светска војна земјата немала свои архиви. Многу воени архиви во тие години заминале во Србија и во Франција, а дел од нив со себе зеле и германските војници.
Да се добие пристап до овие архиви не е едноставно. Освен тоа, ваква голема истражувачка работа бара и многу време. Сепак, амбасадата веќе има првични договори со српските архиви, така што оваа работа набрзо ќе започне.
Нашиот мал „истражувачки одред“
Свој придонес во оваа работа ние се обидовме да дадеме при посетата на француските воени гробишта, кои се наоѓаат во предградието на Битола. Меѓу десетиците редови спомен-крстови баравме руски имиња. Паралелно пребарување се вршеше и во книгата на имиња, која се наоѓа кај чуварот на гробиштата.
Вечното почивалиште на рускиот војници. Фотографија: Екатерина Туришева
Националноста на загинатите во оваа книга, исто како и на крстовите, не е укажана. Единствено што може да се разликува кај тробојните таблички со броеви и со имиња се црвените полумесечини поставени на крстовите на војниците од муслиманска вероисповед.
Друштво во потрагата ни правеше и Даринка Крстанова, почесен конзул на Руската Федерација во Битола. Даринка е потомок на руски белогардејци, кои емигрирале на Балканот токму на почетокот на минатиот век, па нашата идеја да пронајдеме барем неколку имиња кај неа предизвика голема заинтересираност.
По неколку часа под жешкото сонце на француските гробишта пронајдовме 14 руски имиња. Четири од нив останаа под знак прашање: овие војници можеа да бидат и Руси и Французи. Со списокот со овие имиња ние се вративме во градот, а потоа ги предадовме во амбасадата.
Уште еден крст
Многу повеќе информации за руските војници имаат сочувано Германците. На германските гробишта од 1916 година во Прилеп, освен Германци и Австријци, се погребани и десет руски војници. Нивните имиња се познати и се запишани во заедничката спомен-книга. Тука, како на ниту едно друго место, се гледа дека смртта навистина ги израмнува сите: офицерите на овие гробишта се погребани до обичните војници, а непомирливите непријатели во животот се буквално упокоени рамо до рамо.
Скица на споменикот на руските војници во вид на крст. Фотографија: Екатерина Туришева
Сепак чуварите на овие места раскажуваат дека на германските гробишта постојат и други братски гробови, каде што, меѓу другите, лежат и руски војници, кои ги погребале германските погребни екипи. Каде точно се наоѓаат тие не е познато, тие можат да бидат каде било, па затоа на овие гробишта посетителите чекорат особено внимателно, за случајно да не згазнат на некој сѐ уште непознат гроб.
За големиот јубилеј на 1 август амбасадата на Руската Федерација во Македонија планира на ова место да постави споменик на руските војници во вид на крст, на кој со старото руско писмо ќе биде напишано: „Во славу русскихъ воиновъ, героическi погибшихъ в землѣ македонской при исполненiи союзническаго долга“ („Во слава на руските војници, кои херојски загинаа на земјата македонска при исполнувањето на сојузничкиот долг“). Откривањето на споменикот е планирано со учество на германскиот амбасадор. На крстот нема да има никакви имиња, од причина што целосниот список на загинатите никому не му е познат. И тешко дека некогаш тој ќе биде дознаен: војниците сметале дека е лош предзнак во бој со себе да се носат документи или какви и да се други знаци на распознавање. Затоа многу останки можеби засекогаш ќе останат безимени.
Вториот дел од големиот проект за овековечување на сеќавањето на руските војници во Македонија е изградбата на камбанарија во Скопје. Овој споменик ќе им биде посветен на загинатите во обете светски војни: во четириесеттите години од минатиот век во Македонија пребегнувале руските војници што биле заробени од страна на фашистите, кои учествувале во борбите заедно со локалните партизани.
Кога крстот и камбанаријата ќе бидат изградени, руската делегација не само што ќе може да им се придружи на Французите, на Германците и на Англичаните, кои секоја година организираат меморијални настани, туку и да имаат сопствени настани на своите меморијални места.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче