Ќе добијат ли Кинезите контрола над Роснефт?

Работник на Хемиската компанија „Ланжу“ на Кинеската државна нафтена корпорација (CNPC) во Ланжу, главниот град на севернозападната кинеска провинција Гансу.

Работник на Хемиската компанија „Ланжу“ на Кинеската државна нафтена корпорација (CNPC) во Ланжу, главниот град на севернозападната кинеска провинција Гансу.

Reuters
Кинеската CNPC е подготвена да купи пакет во најголемата нафтена компанија во Русија „Роснефт“, но бара и можност да управува со неа. Според експертите, ситуацијата наликува на онаа со ЈУКОС, кога Михаил Ходорковски се обидуваше да ги отстапи активите на американски инвеститори.

Кинеската национална корпорација на нафта и гас CNPC е заинтересирана за купување дел од најголемата руска нафтена компанија „Роснефт“, која е во државна сопственост, но само под услов да може да учествува во управувањето со компанијата. Ова во интервју за телевизијата „Росија 24“ го изјави претседателот на советот на директори на CNPC Ван Илин. Според топ-менаџерот, формата на учество и обемот на контрола ќе бидат одразени во понудата на „Роснефт“, која кинеската страна детално ќе ја проучи.

Претходно, поради неможноста за наоѓање заеднички јазик со Кинезите, „Роснефт претпочиташе да работи со индиски партнери. Имено, во март 2016 година руската компанија продаде дел од големо наоѓалиште на Источен Сибир на индиската ONGC.

Борба за управување

До крајот на 2016 година руската влада планира да приватизира 19.5% од „Роснефт“: на почетокот на јуни 2016 година цената на овој пакет на Московската берза изнесуваше 664 милијарди рубљи (околу 10 милијарди американски долари). Без оваа мерка невозможно е да се наполни федералниот буџет за оваа година со дефицит од 3%, изјави кон крајот на мај 2016 година министерот за економски развој Алексеј Уљукаев.

Притоа, на почетокот владата сакаше да му го продаде целиот пакет на еден купувал, а имено таков стратешки партнер може да биде кинеската CNPC. За време на IPO на руската компанија летото 2006 година, кинеската компанија веќе купи 0.62% од акциите на „Роснефт“ за 500 милиони американски долари.

Кога станува збор за управувањето, се има предвид учество во советот на директори, објаснува постариот аналитичар на MFX Broker Роберт Новак. Според него, кинеската страна може да добие две места во советот на директори на „Роснефт“. Во него има девет места, од кои две се за британската компанија BP, која е сопственик на 19.75% од акциите на компанијата. Од 2013 година советот на директори на „Роснефт“ не може да изнесува пред собранието на акционерите некои клучни прашања без одобрение на претставниците на BP. Така, британските сосопственици треба да ја одобрат и продажбата на делот од компанијата на стратешки инвеститор, како и доделување места во советот на директори. Во таков случај на претставниците на Русија ќе им останат пет места во советот на директори, а странците ќе добијат четири.

„Доколку кинеската компанија смета на поголемо учество со оглед на нејзините инвестициски можности, тогаш проширувањето на нејзините права за учество во управувањето ќе потегне склучување на одделен акционерски договор“, вели експертот-аналитичар на „Финам“ Алексеј Калачев. Според него, правно ова е можно, но не треба да се заборави дека „Роснефт“ се наоѓа на посебниот список на стратешки важни државни компании.

Споредба со ЈУКОС

Ситуацијата со „Роснефт“ наликува на настаните од 2003 година, вели заменик-претседателот на IFC Financial Center Станислав Вернер. Станува збор за тоа дека основата на компании што ги добива активите на „Роснефт“ се поранешни структури на нафтената компанија „ЈУКОС“, чии поранешни сопственици во моментов ја обвинуваат Русија за намерен банкрот на компанијата.

Во 2003 година „ЈУКОС“ водеше преговори за продажба на блокирачкиот пакет акции на американските компании Chevron и ExxonMobil, но продажбата на нафтени активи на странски инвеститор наиде на спротивставување на државно ниво. Подоцна сопствениците на „ЈУКОС“ беа обвинети за даночни измами, а компанијата беше ликвидирана. Како резултат на ова основниот сопственик на компанијата Михаил Ходорковски помина во затвор околу 10 години.

„Не би го споредувал проектот на ЈУКОС со оваа зделка – како резултат на тој проект требаше да се појави најголема во светот нафтена компанија, а како резултат на оваа зделка буџетот само се обидува да добие дополнителни средства“, многу повнимателно коментира Алексеј Калачев. „Различни услови – различни цели“, додава тој.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња