Во јуни 2016 година ќе започне изградбата на кинескиот дел од гасоводот од Русија во Кина „Силата на Сибир“, кој е најголем проект на руската компанија Гаспром и чини 70 милијарди американски долари. Ова во интервју за телевизискиот канал „Росија 24“ го изјави претседателот на советот на директори на кинеската компанија Ван Илин.
Од руска страна Гаспром веќе изгради 115 километри гасовод, а во 2016 година е планирано да се изградат уште 400 километри. Кратките рокови за изградба ги принудуваат компаниите да ги поделат договорите што тежат милијарди долари без тендер. Така, најголемиот договор за изградба на 400 километри гасовод беше потпишан без тендер кон крајот на мај годинава. Работата ја доби компанијата „Стројтрансгас“ на Генадиј Тимченко, кој се смета за близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, соопштува новинската агенција Интерфакс.
Меѓу другите изведувачи е и Аркадиј Ротенберг, кој се смета за дамнешен партнер на рускиот претседател во џудо. Според податоците на магазинот Форбс, во 2016 година структурите на бизнисменот добиле од државата договори во износ од 555.5 милијарди рубљи (8.4 милијарди американски долари), меѓу кои и за изградба на „Силата на Сибир“.
Гасоводот „Силата на Сибир“ предвидува транспорт на гас од Источен Сибир и од Јакутија во Далечниот Исток на Русија и негов извоз во Кина – до 38 милијарди кубни метри гас годишно. Вкупната должина на гасоводот ќе изнесува 4.000 километри, а обемот на инвестициите ќе биде помеѓу 60 и 70 милијарди американски долари.
Според законот, сите државни претпријатија во Русија треба своите нарачки да ги прават врз основа на тендер, иако понекогаш законот дозволува да се направи нарачка кај некоја определена фирма. Законот дава 46 исклучоци според кои не мора да се објавува тендер.
Имено така и постапува Гаспром. Во март 2015 година Стројтрансгас на Генадиј Тимченко го има добиено првиот договор за изградба на 208 километри на „Силата на Сибир“: сумата на договорот не е позната. Потоа во декември 2015 година Стројгасмонтаж на Аркадиј Ротенберг доби од Гаспром договор во износ од 200 милијарди рубљи (3 милијарди американски долари).
„Законот дозволува да се избере изведувач за вакви проекти без тендер“, објаснува Дмитриј Баранов, водечки експерт на управувачката компанија „Финам Менаџмент“. Според него, во случајов во прв план излегува искуството, поседувањето потребна техника и опрема, а ист така и квалификувани специјалисти. Притоа, во 2015 година Гаспром се обидуваше да објави тендер за изградба на 800 километри гасовод, но тој беше укинат по барање на Федералната антимонополска служба. „Главни учесници во изградбата на Силата на Сибир станаа Стројтрансгас на Генадиј Тимченко и Стројгасмонтаж на Аркадиј Ротенберг“, вели водечкиот аналитичар на MFX Broker Артјом Звјагиљски.
Гаспром не е единствената државна компанија која своите договори ги распределува без тендер. „Сликата во сферата на набавките на државните компании во Русија е многу тажна“, вели Артјом Звјагиљски.
Според истражувањето на Министерството за економски развој на Русија, во 2015 година повеќе од 95% од државните набавки биле неконкурентни, при што 40% биле направени кај една компанија без тендер. „Непривлечноста за набавките се потврдува со намалувањето на бројот на поднесените пријави за тендер од 1.3 во 2014 на 1.2 во 2015 година“, објаснуваат во министерството. Притоа станува збор за огромни суми. Државните компании во 2015 година имаат направено нарачки во износ од 23.1 билиони рубљи (350 милијарди американски долари), што изнесува повеќе од 30% од БДП на земјата.
Впрочем, не секогаш договарањето без тендер е со лоша мисла. „Неопходно е изградбата <на проект како што е Силата на Сибир> да биде усогласена, зашто од работата на една компанија зависи отпочнувањето на работата, како на другите учесници, така и на целиот гасовд“, вели Дмитриј Баранов. Според него, крупните компании ги поседуваат потребните компетенции и „во изборот на овие изведувачи од страна на Гаспром нема ништо необично“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче