Време на органско земјоделство

Извор: Shutterstock.

Извор: Shutterstock.

Популарноста на здравиот начин на живот во Русија создаде услови за развој на земјоделски имоти на кои се одгледуваат еколошки чисти производи. Дури 99% од денешните руски земјоделци се поранешни жители од градовите, кои дошле на село за да обработуваат земја.

Како органски или еколошки прехранбени производи се сметаат оние што се одгледувани без користење хемиски ѓубрива, додатоци, а, исто така, и без техногени влијанија. Секако, во Русија отсекогаш постоела храна што се добивала на таков начин. Меѓутоа, до пред пет години тоа главно беше овошје и зеленчук од приватните некомерцијални парцели. Никако не можеше да се зборува за некакви значителни количества органски производи наменети за продажба или за уреден систем за дистрибуција. Имено, уште од првата половина на 20 век, по преминувањето на масовно индустриско производство, сè помалку луѓе сакаа да се занимаваат со земјоделство. И дури пред 5-6 години во Русија повторно почнаа да се појавуваат луѓе што се подготвени да се занимаваат со одгледување земјоделски производи како бизнис, да вложуваат во купување земја и да произведуваат еколошко чисто овошје, зеленчук и месо за продажба.

Денес органските производи се застапени практично во сите продажни синџири во Москва и во Санкт Петербург, што покажува тренд на развој на оваа гранка

Борис Акимов, основач на продавницата за органска храна „Лавка-лавка“, ни раскажа како пред четири години морал да се помачи за да најде производители што би можеле да испорачуваат органски произведена храна. Денес состојбата е многу подобра. Земјоделските стопанства се сè популарни и производителите самите се јавуваат, нудејќи еколошки чисти производи.

Борис Акимов тврди дека 99% од денешните руски земјоделци се поранешни жители од градовите, кои дошле на село за да обработуваат земја. На пример, Владимир Луњашин од Пензенската област од „Росселхозбанка“ зел кредит од 300 илјади долари. Со тие пари изградил хотел, подигнал плантажа со јаболка и започнал да произведува овошје. Овошјето и зеленчукот ги пласира на пазарот и месечниот обрт на неговата компанија достигнува до 20 илјади долари. Според зборовите на директорот на Московскиот гастрономски фестивал, Игор Губернски, во Русија би можело да има и многу повеќе вакви успешни проекти (засега ги има околу 200), но луѓето се двоумат да се впуштат во ваков вид производство поради непостоењето стандарди и недоволна поддршка од страна на државата.

Еден од главните проблеми со кои се соочуваат земјоделците се високите каматни стапки за субвенционирани кредити. Тие денес во Русија изнесуваат 5-6%, додека во Европа не ја преминуваат границата од 2 до 3%. Притоа, за почеток на бизнис потребно е да се инвестираат и до 500 илјади американски долари. Еден приплоден бик, на пример, чини околу 30 илјади американски долари, а исто толку, според изјавата на основачот на фирмата „Ferma at Home“, Максим Ливси, е потребно да се вложи за израмнување и за подготовка за садење на само 10 ари земја.

Денес органските производи можат да се најдат и во сите големи синџири супермаркети

Сепак, постои реална побарувачка за производи од органските земјоделски имоти. Нивната продажба најпрво почна преку Интернет. Продавниците какви што се „Лавка-лавка“ или „Директно од фарма“, кои на некој начин се придвижувачи на развојот на оваа гранка, креираа свои сајтови преку кои можете да ги нарачате нивните производи, а ќе ви бидат испорачани на вашата домашна адреса. Меѓутоа, денес органските производи можат да се најдат и во сите големи синџири супермаркети. Така, на пример, производите од „Директно од фарма“ можат да се најдат во „Metro Cash & Carry”. Социолошките анкети покажуваат дека 60% од населението на двете престолнини, Москва и Санкт Петербург, се подготвени за „природноста“ да платат повисока цена. На пример, килограм компир што е одгледан со примена на вештачки ѓубрива и хемиски средства против компировата златица чини околу 1,5 американски долари, додека цената на органскиот компир, одгледан без хемикалии, ја надминува сумата од 3 долари за килограм. „Здравиот начин на живот стана во извесна мера хит во Русија, а особено во престолнините, каде што заработката е поголема одошто во внатрешноста. Нема да претераме ако кажеме дека токму оваа мода го поттикна развојот на земјоделските стопанства. Денес органските производи се застапени практично во сите продажни синџири во Москва и во Санкт Петербург, што покажува тренд на развој на оваа гранка“, изјави стручњак што сакаше да остане анонимен.

И законодавната власт презеде одредени чекори во согласност со новите потреби. Кон крајот на февруари Министерството за земјоделство разработи и испрати на меѓусекторско усогласување федерален нацрт-план за производство на органски земјоделски производи. Овој документ го опишува процесот на сертификација и предвидува државата до 2015 година да почне да им дава поддршка на производителите. Стручњаците сметаат дека доколку производителите на органска храна добијат даночни олеснувања, популарноста на овој бизнис ќе порасне за неколку пати.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња