Русија не е нити Европа, ниту Азија – таа е Евроазија (2)

Фотографија од слободни извори.

Фотографија од слободни извори.

Дали Русија може да биде засебна, независна, не само историска, ами и географска целина, целосно самодоволна и доминантна!? Според евроазиците може, само треба да се редефинира географскиот простор, кој во основа, ваков каков што е, е европоцентричен.

Во овој текст, почитувани читатели, ќе продолжиме да ги разгледуваме идеите на евроазиското движење. Ова движење е особено значајно, затоа што и ден-денска тоа детерминира некои од насоките на руската култура, политика и геополитика.

На Русија не ù одговара ниту Европа, ниту Азија, таа е засебна, таа е посебна – Евроазија. Од овој географски факт, таа може да изгради културна-историска самобитност.

Евроазиците ја прифаќаат основната теза на словенофилите за културната самобитност на Русија, но истата ја наоѓаат во сосема различни нешта. Со словенофилите ги зближува тој заеднички анимозитет кон Западот, но ги разликува основата кој ја чини разликата со тој Запад: за словенофилите, таа основа беше славјанскиот елемент, за евроазиците е посебниот идентитет кој произлегува од посебниот „континент“ Евроазија и историско-културното влијание на туранскиот елемент. Ако словенофилите, можеби наивно верувале, во универзалност на културата и историјата и оттука ја претпоставувале православната и славјанската како идна доминанта во светската историја, евроазиците биле критичари на концептот на единствена светска историја и верувале во несомерливост на културите и оттука спротивставувањето на романо-германскиот свет од аспект на Русија како посебна културна целина, било произлезено од географскиот факт. Берѓаев за евроазиците го забележува токму тоа: „Евроазиството е непријателски настроено кон секаков вид на универзализам, тоа го замислува евроазискиот културен тип како статички и затворен...“ Русија е самодоволна целина во тој затворен, евроазиски простор!

Иако се сметаат за творечки продолжувачи на словенофилите, евроазиците се дистанцираат од нив, затоа што не го земаат славјанскиот елемент како најзначаен во формирањето на засебната руска култура.

Впрочем иако самите евроазици се гледале понекогаш како творечки продолжувачи на словенофилските традиции или во најмала рака како ревидирачи на основните претпоставки на словенофилите, сепак тие имаат суштински разидувања со нив. Клучната разлика, покрај останатото, е во тоа што евроазиците не гледаат во славјанството дистинктивна карактеристика на руската култура од западната. Во Русија има исто толку „туранско“, колку и словенско, впрочем, евроазиците не сакаат да „личат“ на никого, не сакаат да се поистоветуваат или поклонуваат на ниту еден „блок,“ тие инсистираат на засебност и самодоволност на евроазискиот „континент.“

Посебноста на Евроазискиот континент од културна, историска смисла е многу тешко да се брани, затоа евроазиците ги напрегаат сите сили за да најдат научна основа на таа засебност.

Затоа, во своите културолошки, лингвистички, социолошки, етнолошки и други емпириски иследувања, тие се обидуваат да пронајдат низа заеднички структурни елементи за тој конгломерат од различни народи кои егзистираат на тој наводен евроазиски простор. Реално, жителите на Евроазија се навистина различни и дивергентни по своето етничко потекло, јазик, вера, култура, обичаи, начин на живот, традиции и т.н. и ако евроазиците не успеат да најдат некои заеднички елементи, тогаш целата нивна идеја за единственост на тој простор е без основа. Затоа, сите идни напори на нивните припадници се насочени кон тоа да го покажат тоа заедништво со резултати од разни научни дисциплини. Така на пример, Трубецкој, како лингвист ги впрегнува сите свои сили да докаже дека сите тие различни јазици – словенски, турски, угро-фински, монголски и манџурски – кои постојат на тој дел, дефиниран од нив како Евроазија, иако со различно потекло, всушност покажуваат одредена сродност благодарение на истата географска и културно-историска област. Ние, во овој случај немаме простор да ја следиме оваа аргументација на Трубецкој и на останатите, туку само ја посочуваме, за да видиме со какви потешкотии се соочувале евроазиците при оваа „потреба“ да дефинираат некаква исклучивост и засебност на Русија, конструирајќи го тој географски простор Евроазија.

Едноставниот обид од географската посебност да се извлече и културна посебност и од тоа да се направи идеологија, е воедно и многу тежок обид. Во тој огромен географски простор, тешко да најдете нешто заедничко за сите луѓе што го споделуваат истиот. Затоа евроазиството е тешка идеологија за да се брани.

Во краен резултат, според нас, обидот да се извлечат некои философски, културолошки и социјални импликации, исклучиво од географскиот фактор, завршува неуспешно. Сите врски кои се обидуваат да ги повлечат, сите аналогии изведени од различните научни иследувања се неосновани и недоволно аргументирани, едноставно затоа што навистина е тешко да помирите, на пример, две различни јазични групи (да речеме словенската група јазици, како дел од индоевропските јазици со семејството јапонски јазици), само на основа на географската блискост. Затоа што една таква геософија, во основа е симплификација и чуден географски материјализам, во објаснување на нематеријални феномени.

Но, како и да е, евроазиството е значајно политичко-философско учење кое остава огромен траг во историјата на руската мисла, а кое има особено значење и денес. Преку историчарот Лав Гумиљев (1912-1992, син на поетите Николај Гумиљев и Ана Ахматова), кој самиот се декларирал како „последниот евроазијец“, овие идеи влегуваат во современите текови на руската мисла, со што тој станува директен иснпиратор на она што сега се нарекува нео-евроазиството. Веќе споменавме дека политиката на денешна Русија, главно е доминирана од евроазиските ставови на В. Путин и неговите најблиски соработници.

Првиот дел „Русија не е нити Европа, ниту Азија – таа е Евроазија„ може да се најде на следниов линк

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња