Хрушчов и Балканските војни

Карикатура: Дан Потоцки.

Карикатура: Дан Потоцки.

Каква е врската помеѓу Балканските војни и Никита Хрушчов?

Големата научна конференција во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) посветен на стогодишнината од Балканските војни, а која всушност беше македонско-руски собир, доби одредено медиумско внимание. Тоа беше сосема инакво од очекуваното, бидејќи главен акцент беше ставен на воведниот реферат (на учесник од Русија) на тема Хрушчов и руската помош за обновувањето на Скопје по земјотресот од 1963 година. Оттука, се наметна (погрешното) прашање и чудење: каква е врската помеѓу Балканските војни и Никита Хрушчов? Се разбира, поврзаност тука нема, но тоа беше доволно за да се стекне впечаток за уште една утната научна средба.

Македонците обично велат дека нема што да „слават“ и да одбележуваат кога станува збор за најголемата национална трагедија 

Минатата (2012) година во многу земји беа одржани научни конференции по повод стогодишнината од почетокот на Балканските војни - Првата, а потоа и Втората. Но, во Македонија владееше чудна тишина. Научни работници собрани во работно тело на МАНУ се обидуваа да осмислат концепт на сериозна научна конференција, но се чинеше - без поголем успех. Една колешка од Институтот за национална историја со жалење ја опиша состојбата како „планирање на селска слава“ - без вистинска меѓународна димензија, со вообичаените (главно, домашни) учесници и во познатиот тон на жалење за неправедната поделба на Македонија и македонскиот народ. За тоа време и во регионот на Балканот (а особено во Турција), но и во многу западни земји се дебатираше низ една сосема поинаква призма. Иако не сум историчар по образование, бев поканета на конференцијата која ја организираше Оксфорд, каде зборував за современата политика на сеќавање за овој период, која денес се негува во Република Македонија. Најинтересниот аспект беше токму во фактот што зборував за една од балканските држави која во тоа време не постоела, а околу која, за жал, дури и денес цутат контроверзии поврзани со оспоруваниот македонски идентитет, име, јазик, итн. Моето истражување, засновано најмногу на интервјуа со историчари и со интелектуалци не-историчари, се фокусираше на тоа како го „паметиме“ тој период. Се покажа дека кај Македонците постои една „црна дупка“ во сеќавањето за период кој се смета за болен, а во кој реално македонското национално движење ги минувало најтешките моменти, додека Македонците биле регрутирани со сила или доброволно во армиите на сите учесници на војните. Интересно е што дури и во новиот Музеј на револуционерната борба на македонскиот народ едвај и да има експонати за овој период. Затоа, пак, има „рехабилитација“ на ликови кои доскоро беа табу-тема, како оној на Тодор Александров, кој неодамна доби и споменик во Скопје.

Македонците обично велат дека нема што да „слават“ и да одбележуваат кога станува збор за најголемата национална трагедија, така не признавајќи дека во времето кога е донесен Букурешкиот договор под патронат на Големите европски сили, меѓу кои и Русија, воопшто и не постои Македонија како таква. Но, колективните наративи и перцепции се нешто на што мора да се смета. Ова не се времиња во кои историчарите се ексклузивни чувари и презентери на историската вистина, бидејќи историјата ја кројат и оние кои имаат каква било моќ во општеството (политички партии, влади, етнички лидери, верски заедници, па и интелектуалци итн.). Минатата 2012 година мина во едно двојство: додека Македонците ламентираа над својата несреќна судбина од пред 100 години, Албанците ја славеа „својата државност“ без мерка и без чувство за реалитетот на денешните констелации.

Македонците ламентираа над својата несреќна судбина од пред 100 години, Албанците ја славеа „својата државност“ без мерка 

И после сто години, по отворањето на речиси сите важни архиви и создавање на доволна временска дистанца за промислување на тоа што се случувало некогаш и импликациите на денешните состојби, сепак доминира желбата историјата да се третира како самопослуга од која може да се купи тоа што е посакувано, а изостави она што е непожелно. Македонците (а на Балканот не се сами во тоа чувство, иако другите народи повешто го прикриваат тој свој комплекс на инфериорност) се срамат од фактот што процесот на созревање на национална самосвест и создавање посебна нација бил „задоцнет“, односно ферментирал токму среде премрежјата на востанијата и војните од почетокот до средината на 20 век. Точно е дека голем број реални, а не измислени проблеми со кои се соочува денешна Република Македонија имаат свои корени во минатото, односно во минатото кое се преживува одново и одново, а кон кое е тешко да се создаде рационален однос. Впрочем, Балканот и натаму живее со траумите од војните, за кои не секогаш самиот бил виновен бидејќи малите балкански народи, како што мудро кажа црногорскиот крал Никола (во 1907 година) биле и остануваат парички за поткусурување во трансакциите на Големите сили.

Русија спрема Балканот генерално, кон она што се вика „Македонско прашање“, како балансираат помеѓу традиционалниот пријател Грција и новиот мал пријател Македонија 

Денешна независна Македонија трага по вистинскиот пат (кон некоја крајна дестинација, како што обично се перципира Брисел, без оглед дали е седиште на НАТО или на ЕУ) и се тетерави со несигурни чекори. Тоа е делумно од сопствените системски, социјални и културни причини, но делумно и затоа што е во потрага по свој патрон, некој кој би се грижел за неа. Секоја од оние Големи сили од пред сто години и денес, на еден или друг начин, претставува моќен меѓународен фактор, кој може да влијае врз судбината на Македонија, но и на регионот. Ако за прозападната стратегија на политичкиот естаблишмент е разбирлива (бидејќи сите во регионот сакаат да се ослободат од својот „источен“ дел на идентитетот и на Западот гледаат како на регион на богатство и благосостојба, колку и да е тоа само мит), многу потешко е да се сфати зошто сè уште нема развиена критичка интелектуална маса, и особено академска фела, која врз основа на аргументи би влегла во дијалог со другите, без оглед дали се од Велика Британија, Германија или Русија. Македонските научници, вклучувајќи ги и историчарите, ретко ќе ги сретнете на меѓународни конференции, а уште поретко ќе ги прочитате во меѓународни публикации. За да го сокријат својот хендикеп, па и академската несигурност, полесно е да организираат „селска слава“ на која ќе поканат научници кои се несомнено наклонети кон земјата-домаќин.

Без отворен дијалог и за чувствителните теми ќе остане пријателство „на хартија“, а во заднина ќе тлеат историските сомнежи дека Русија е „помајка“

Така се гази на сигурно, нема опасност од отворена научна дебата која можеби би покажала какви се позициите на модерна Британија или Русија спрема Балканот генерално, кон она што се вика „Македонско прашање“, како балансираат помеѓу традиционалниот пријател Грција и новиот мал пријател Македонија. Без отворен дијалог и за чувствителните теми ќе остане пријателство „на хартија“, а во заднина ќе тлеат историските сомнежи дека Русија е „помајка“, секогаш понаклонета спрема сите други словенски народи, отколку спрема Македонците. Да биде уште поинтересно, Македонија бара полноправно членство во НАТО и во ЕУ, но и во однос на најмоќните држави од овие алијанси/организации тлеат старите трауми од времето кога ниту една моќна држава не застанала зад барањата на македонската интелигенција, кој им се обраќала со меморандуми и апели за признавање од Лондонската конференција (1912), преку Букурешката (1913), па сè до Париската мировна конференција. Недовербата е подеднакво штетна основа за водење надворешна политика, како што е и слепата возљубеност на некој кој треба да ве спаси од самите вас. Од она што досега може да се види низ малку позасилената медиумска дебата за Балканските војни, и Македонците, како и останатите, се гледаат себе си само како жртви. Штета е што малкумина имаат интерес за (не)човечката страна на воените настани и да ги прочитаат воените дописи на Лав Троцки од 1912-1913 година, заедно со неговата оценка „Војната овде беше првенствено одвратна!“


Текстовите во рубриката „Блогови“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња