Како се појави сталински облакодер во... главниот град на Полска?

Getty Images
Жителите на Варшава го доживуваат овој облакодер како еден од симболите на нивниот град. До 2021 година Дворецот на културата и науката (висок 237 метри) беше највисоката градба во Полска.

На идејата за изградба дојде лично Сталин во 1951 година. По Втората светска војна, Народна Република Полска беше сојузничка на Советскиот Сојуз, а бидејќи Москва активно учествуваше во обновата на разрушената Варшава, беше донесена одлука на градот да му се подари монументален објект кој исто така ќе има и важно идеолошко значење. Проектот го изработи Лев Руднев, еден од авторите на главниот корпус на Московскиот државен универзитет на Воробјови гори, на кој Варшавскиот дворец најмногу личи.

Изградбата на Дворецот на културата и науката во Варшава

Договорот за изградба на „подарокот“ меѓу Полска и СССР беше потпишан на 5 април 1952 година, а работите започнаа веќе на 1 мај. Во Варшава пристигнаа 3500 советски работници и беа сместени во новата станбена населба изградена специјално за нив. Покрај нив, на изградбата работеа и 4000 Полјаци. Сите трошоци за градежниот материјал беа на товар на Советскиот Сојуз. На пример, фасадата е обложена со керамички плочи специјално нарачани од уралска фабрика. Работите ги надгледуваа советски инженери. Облакодерот е проектиран според правилата на „сталинскиот ампир“, но содржи одделни елементи на споменици на полската архитектура - на пример, врвот на саат-кулата наликува на кулата на Градското собрание во Краков.

Пред официјалното отворање, зданието го посетија генералниот секретар на СССР Никита Хрушчов и индискиот премиер Џавахарлал Нехру со неговата ќерка Индира Ганди. Свечената церемонија на отворање на Дворецот на културата се одржа на 22 јули 1955 година.

Зградата има 46 ката, вклучувајќи и два под земја, и вкупно 3288 простории. Претходно, во дворецот работеше Центарот за полско-советско пријателство, како и Институтот за општествени науки и редакциите на издавачките куќи кои издаваа дела на класиците на марксизмот-ленинизмот. Денес во него се сместени неколку музеи, театри и образовни институции, како и кино, базен и Конгресна сала со 3000 седишта. На 29-ти кат (на висина од 114 метри) има мал видиковец. Во февруари 2007 година Дворецот на културата и науката беше внесен во регистарот на споменици на архитектурата. Ова е единствениот сочуван примерок на социјалистичка архитектура во полскиот главен град.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња