„'Непријател пред вратата' ни овозможува да согледаме и да почувствуваме како изгледа вистинска војна“, коментира консензусот на критичари на сајтот „Рутен томејтос“ („Rotten Tomatoes“). Сепак, љубовната приказна „делува неумесно“ во овој историски блокбастер за Втората светска војна, премиерно прикажан во 2001 година. Згора на тоа, во филмот се неумесни и многу други работи, според мислењето на многумина Руси што го гледаа.
На пример, воените ветерани кои живеат во Волгоград (така се вика Сталинград од 1961 година) беа шокирани од овој филм и бараа да биде забранет. Негодуваа поради тоа што во филмот е дадена искривена слика на Црвената армија чии командири се прикажани како немилосрдни деспоти, додека обичните војници се „молчеливо топовско месо“. Властите на Руската Федерација не реагираа на овој апел на ветераните.
Мина многу време, а тој останува еден од најпопуларните западни филмови посветени на Сталинградската битка. Милиони луѓе формираат свој став за битката, гледајќи го токму овој филм. Затоа е умесно да се запрашаме кој има право од гледна точка на историската веродостојно – консензусот критичари или револтираните ветерани? Ова прашање е најдобро да се реши почнувајќи од она што е очигледно: филмот е уметничко дело и плод на имагинацијата (иако режисерот Жан Жак Ано во своето интервју за руските медиуми нагласи дека детално ги проучил околностите на битката).
Жан Жак Ано/Paramount Pictures, 2001
Дејствието во филмот е сосредоточено на дуелот помеѓу советскиот снајперист Василиј Зајцев (Џуд Ло) и неговиот германски ривал, мајорот Ервин Кениг (Ед Харис). Овој дуел сам по себе е вистински настан од Сталинградската битка, најкрвавиот судир во историјата со кој драстично е изменет текот на Втората светска војна. Црвената армија на почетокот трескавично го бранела градот (лето-есен 1942), а потоа тргнала во контраофанзива, опколувајќи стотина илјади германски војници (есен 1942-зима1943).
Негативна претстава за Црвената армија се создава веќе на почетокот од филмот каде новите воени единици, меѓу кои и главниот јунак Зајцев, ги испраќаат на Сталинградскиот фронт. По пат командирите им викаат на војниците, им се закануваат и ги понижуваат. Ги транспортираат во затворени вагони како стока, со тоа што секој вагон е замандален однадвор. Тоа се прави, како што може да се претпостави, со цел војниците да не дезертираат. Но, според воениот историчар Борис Јулин, такво нешто не можело да се случи зашто било забрането. И навистина, во случај на германски воздушен или артилериски напад сите тие луѓе затворени во вагон би загинале.
На спротивниот брег на Волга војниците добивале оружје, но немало доволно пушки за сите, така што еден војник добивал пушка, а друг муниција за таа пушка. Било наредено да им го земаат оружјето од убиените војници. Човек не мора да биде историчар или воен стручњак за да сфати колку е тоа бесмислено. Така никој не може да се бори, зашто еден војник нема пушка, а друг нема муниција. Тоа би значело дека командата на Црвената армија ги испраќала своите војници да војуваат практично без оружје.
Дали ситуацијата со оружјето во советската војска навистина била толку ужасна како што е прикажано во филмот? Историчарите велат дека навистина немало доволно пушки, но само на почетокот на војната, кога поради големите загуби властите формирале одреди на милицијата кои често биле лошо вооружени. Но, состојбата била многу подобра есента 1942 година. „Никој нема испраќано невооружени војници во напад... Она што е прикажано во филмот 'Непријател пред вратата' е чиста глупост“, потврдува историчарот Алексеј Исаев, автор на многу книги посветени на Сталинградската битка.
Една од највпечатливите сцени во филмот е нападот на тукуштопристигнатите советски војници на добро утврдените германски положби. Нападот започнува со свирче како за натпревар, а потоа се слушаат лелеци. Но, кога советските војници почнуваат да се повлекуваат одзади ги дочекува митралески оган на казнениот одред. И се наметнува прашањето кој убил повеќе советски војници – дали германскиот окупатор или советските браќа по оружје?
Вакви казнени полкови навистина постоеле во Црвената армија и навистина имале задача да спречат паника во редовите и со сила да запрат спонтано повлекување.
Фамозната наредба на Сталин број 227 „Ни чекор назад!“ им овозможила на овие единици да се зголемат. Било предвидено секоја воена формација (над 50.000 луѓе) да имаат најмногу пет вакви единици (во секоја по 200 војници).
Постојат многу податоци за дејствувањето на казнените одреди. Од 1 август до 15 октомври 1942 година овие одреди привеле 140.775 војници кои ги напуштиле своите положби (тоа не биле само дезертерите, ами и оние који се обиделе да излезат од обрачот). Поголемиот дел од нив се вратени во армијата (131.000 лица), 3.900 лица завршиле во затвор, а 1.189 лица се стрелани.
Алексеј Исаев истакнува дека во улични борби е тешко ефикасно да се применат казнени одреди и затоа „нивната улога била минимална“. „Тие најчесто биле користени (во Сталинград) како обични борбени полкови“. Таквите сцени во филмот се потребни за да се истакне најважната порака која гласи: „на поголемиот дел советски војници буквално треба да им се впери пушката в грб за да тргнат во борба“, како што вели еден блогер.
Русите, меѓутоа, се воспитани со поинаква претстава за Сталинградската битка во која постојат многу примери за вистинско јунаштво и пожртвуваност. Судејќи според многубројните примери за ваквата храброст многу е мала веројатноста советските војници да биле мотивирани со страв.
Прочитајте исто така: Сталинград и пресвртот во светската историја
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче