1. Рускиот јазик е, покрај англискиот арапскиот, шпанскиот, кинескиот и францускиот, еден од шесте официјални јазици на ОН.
2. Рускиот јазик е вториот најзастапен на интернет (првиот е англискиот јазик), што значи дека е пред водечките западноевропски јазици и таквите како кинескиот и шпанскиот кои имаат повеќе од една милијарда говорители. Во вкупниот број на веб-страници на интернет, цели 7% се на руски јазик. Обрне внимание на оваа занимливост: вториот јазик по распространетост на интернет во целиот свет ја користи само кирилицата и тоа ни најмалку не му пречи да биде во самиот врв на дигиталниот „универзум“.
3. Рускиот е јазик за меѓународна комуникација. Тоа е прв или втор мајчин јазик на жителите на Русија и поранешните републики на СССР, кои се околу 250 милиони. Големи дијаспори на говорители на руски јазик живеат во Германија (4 милиони), САД (над 3 милиони), Израел (повеќе од еден милион луѓе), Велика Британија (над 500000), Канада, Австралија, Аргентина, Грција и други земји.
Се подразбира дека рускиот јазик е крајно пожелен на пазарот на трудот во Русија и во земјите од Евроазиската унија и Заедницата на независни држави, но и во Европската унија (пред сѐ во земјите од Балтикот, Источна и Јужна Европа).
4. Рускиот јазик е еден од најбогатите јазици во светот, но тешко е да се каже колку зборови има во него. Според различни извори, овој број значително варира од 200000 до 700000 зборови. За споредба, во англискиот (кој е веќе одамна на прво место во светот) има од 400000 до еден милион зборови, со што научниците со право истакнуваат дека рускиот јазик спаѓа во синтетичките, а англискиот јазик во аналитичките јазици, така што начините на презентација на „јазичното богатство“ се различни.
5. Сите космонаути учат руски. НАСА во 2009 година го вметна рускиот јазик во програмата за обука на астронаутите поради тесната соработка со руската вселенска агенција „Роскосмос“.
6. Во руската кирилица постојат буквите Ьи Ъ кои немаат никаква гласовна вредност, односно не означуваат ниеден глас туку служат за обележување на мекоста и тврдоста на претходната согласка. Патем, постојат неколку зборови со три букви Ь. Тоа се восьмьюдесятью (бројот 80 во инструментал), прельстительность (примамливост), уменьшительность (деминутивност) и други. Постои и збор со две Ь и една Ъ: фельдъегерь (курир).
7. Буквата Ы во рускиот јазик може да биде на почетокот на зборот само во личните именки од азиско потекло: Ыгыатта (Игиата), Ыллымах (Илимах), Ынахсыт (Инахсит), Ыныкчанский (Иникчански), Ытык-кюёль (Итик-Кјуељ).
8. Ретки се и зборовите што почнуваат на буквата Й - на број се само 74, иако повеќето од Русите се сеќаваат само на четири такви зборови: йод (јод), йога (јога), йогурт (јогурт), йота (јота).
9. Во рускиот јазик постојат зборови со три последователни букви E: змееед (орел-змијар), длинношее (долговрато)и други кои завршуваат на „-шее“ (-врато), на пример: кривошеее (кривоврато) и короткошеее(кратковрато).
10. Генерално на странците им е многу тешко да го изговорат гласот означен со буквата Щ. Како ли пак се мачат со зборовите кои имаат по три такви гласа, како што се партиципите защищающий (оној кој штити) и ощущающий(оној кој чувствува).
11. Во рускиот јазик постои зборот вынуть(да извади) кој има „нулти” корен, т.е. инфинитивот формално воопште нема корен, туку само префикс, суфикс и наставки.
12. Во изданието на Гинисовата книга на рекорди од 2003 година како најдолг збор во рускиот јазик е наведена придавката со 35 букви: превысокомногорассмотрительствующий (канцела-риски термин од 19 век со приближно значење „многупревозвишен” чиновник кој разгледува молби). За рускиот јазик и онака се карактеристични долги зборови:
- глаголи (по 24 букви): переосвидетельствоваться (да се отиде на повторен лекарски преглед), субстанционализироваться (да се материјализира) и интернационализироваться (да се интернационализира)
- именки (по 24 букви): человеконенавистничество(мизантропија) и высокопревосходительство (височество, екселенција)
- именки (по 21 буква): одиннадцатиклассница(ученичка од 11 клас) и делопроизводительница (канцелариска службеничка, деловодител)
- прилог (19 букви): неудовлетворительно (незадоволително)
13. Во рускиот јазик покрај карактеристичните долги зборови и конструкции се среќаваат и многу кратки зборови, па дури и фрази. Еве, на пример, реченица која има само три букви: „Э, а я?” (Е, а јас?).
14. Во рускиот јазик има многу палиндроми, т.е. зборови кои се изговараат исто и кога се читаат наназад: комок(грутка, клопче), заказ(нарачка), шалаш (колиба), шабаш (збрка), потоп (потоп), кабак (крчма), и др.
15. Акцентот во рускиот јазик е слободен, т.е. не е секогаш на истиот слог во зборот, како што е случајот во некои други јазици. Може да паѓа на кој било слог во зборот – дури и на последниот, и да го менува своето место во различни форми.
16. Во рускиот постојат зборови со многу согласки во низа: очерствление (губење на чувство), информагентство (информативна агенција), контрвзгляд (возвратен поглед).
17. Одделни зборови ги немаат сите граматички форми. Таков е, на пример, зборот победить (да победи). Тој нема форма за прво лице еднина (она што е во македонскиот „победам“). Ако Русин се обиде да го изговори тој збор во прво лице, му се наметнуваат формите „победю” или „побежу”, но така никој не зборува и на сите им е јасно дека двете форми се неправилни. Место тоа, се вели „одержу победу” (ќе одржам победа).