„Светски јазик“: експертски поглед на сегашноста и на иднината на рускиот

Виталиј Анков / РИА Новости
На 24 мај се одбележува Денот на светите Кирил и Методиј кој во Русија уште се нарекува и Ден на словенската писменост и култура. Во чест на празникот „Руска реч на македонски“ ги објавува тезите од интервјуто со Владимир Плунгјан, доктор на филолошки науки, академик на Руската академија на науките и заменик-директор На Институтот за руски јазик „В.В. Виноградов“ при Руската академија на науките. Во интервјуто за порталот Anews еден од најпознатите руски лингвисти зборува за современата состојба на рускиот јазик, како и за реалните и лажните закани со кои тој се судира.

Може ли да се расипе рускиот јазик?

Дискусиите за тоа дека рускиот јазик сега „се расипува“ (поради обилното зајмување, поради неписмените носители и поради други негативни тенденции) станаа секојдневие. Владимир Плунгјан кој е специјалист за лингвистичка типологија и за корпусна лингвистика смета дека јазикот не може да се расипе. Тој го споредува јазикот со калеидоскоп кој се врти многу бавно, па затоа промената на шарите се одвива неколку векови. Човекот, вели Плунгјан, не може да влијае на овој развој.

„Лингвистите ова не ги загрижува. Ние знаеме дека јазикот се менува постојано. Јазикот е природна појава која се развива според своите закони. Ваквиот развој не се движи од лошо кон подобро, ами од една кон друга состојба“, вели научникот.

Кога нешто не ни се допаѓа во јазикот, објаснува Плунгјан, нам всушност не ни се допаѓа или човекот што зборува или содржината на неговите зборови. Притоа, ова никако не се одразува на развојот на јазикот. „Ниту најдобриот, ниту најлошиот човек не може ништо да измени во механизмот на јазикот – да измисли нов падеж, на пример, или нова глаголска форма“, вели Плунгјан.

Вистина ли е дека рускиот е еден од најсложените јазици на светов?

Рускиот јазик често се нарекува еден од најсложените во светот. Според мислењето на Владимир Плунгјан ова е мошне наивно тврдење. „Обично така зборуваат луѓе кои лошо познаваат други јазици. Природно, својот роден јазик ние го знаеме најдобро и тој ни се чини најудобен. Всушност, можностите на различни јазици се приближно еднакви, и сложеноста помеѓу нив може да се сопостави“, објаснува научникот.

Во рускиот јазик постои мошне специфична лексика која е тешко да се преведе (на пример, „уютный“, „бесшабашный“, „недотепа“). Но, како што вели Плунгјан вакви зборови постојат во секој јазик и за нив сепак секогаш може да се најде добар преводен еквивалент.

Навистина е тешко на некои јазици, според мислењето на научникот, да се преведе граматиката. Како пример тој ги дава безличните конструкции. Понекогаш можат да се преведат без да се изгуби смислата и деминутивните форми како што е „сахарок“ („шеќерче“ – заб. прев.) (тука при преводот на некој од словенските јазици има помалку проблеми, одошто, на пример, на англиски).

Постои ли „сознание кај носителите на рускиот јазик“?

Постои мислење дека мајчиниот јазик влијае на тоа како човекот го восприема околниот свет (хипотезата во Ворф). Плунгјан вели дека јазикот, секако, е некако поврзан со восприемањето на светот, но поголем дел од специјалистите сега сметаат дека не треба да се преувеличува ваквата врска.

„Особено доколку тоа дава почва за некаква псевдонаучна националистичка митологија со која, за жал, под плаштот на лингвистиката често се среќаваме. Не мислам дека постои нешто што е наречено „сознание на носител на рускиот јазик“. Сите носители на рускиот јазик се различни, и сознанието кај нив е исто така различно. Се разбира, истото се однесува на кој било друг јазик“.

Човекот успешно го совладува мајчиниот јазик во раното детство, кога во мозокот работат посебни механизми, кои потоа постепено престануваат да функционираат. Она што е добро за мајчиниот јазик е добро и за странскиот, вели Плунгјан. Во билингвизмот научниците не гледаат ништо лошо.

„Понекогаш слушам изјави од типот дека рускиот јазик се исфрла, воведувањето на странските јазици го менува сознанието на нашите деца! Од научна гледна точка ова е целосна глупост. Но, јасно е од каде доаѓа ова. Ова е поврзано со тоа што психолошките стереотипи на еднозначното општество се менуваат бавно. Извесна затвореност, недоверба во туѓото, страв од туѓото. Ми се чини дека тоа треба да се надмине“, вели научникот.

Според Плунгјан, билингвизмот е природна состојба на кој било човек. Никој не го менува сознанието на билингвистот, кај него едноставно добро се активирани способностите што секој од нас ги има. Освен тоа, подвлекува научникот, што современиот свет во целина е многујазичен, на поголем дел од Земјата луѓето слободно преминуваат од еден на друг јазик и мислењето на билингвистот станува мислење на секој нормален човек.

Што не е во ред со предавањето на рускиот јазик?

Владимир Плунгјан вели дека многу работи не се како што треба со предавањето на рускиот јазик во училиштата. „Пред сè науката што во извесна форма е присутна во учебниците по руски јазик е мошне застарена лингвистика, односно лингвистика на дваесеттиот, а не на дваесет и првиот век. Тука е потребно радикално обновување. Другото ќе си дојде само по себе“, смета научникот. Според

Според Плунгјан сосема не е за зачудување што на децата не им е интересно да учат руски јазик во училиште со оглед на тоа што во учебниците не постои современата слика на светот. На децата може да им се види здодевно и тоа што часовите се насочени, во основа, на практични цели – обучување за ортографија и за пунктуација. Но, без тоа, вели академикот, не се може.

„Работата е во тоа што владеењето на руската ортографија во голем дел не претставува обука на рационални правила (секако тие апсолутно не секогаш се рационални), ами едноставно тренирање на умот. Ортографскиот облик на „тешките“ зборови е мошне поефикасно да се запомни одошто постојано да се споменува определен параграф на правилата во кој се зборува за тие зборови“, објаснува Плунгјан. Со цел побрзо да се совлада руската ортографија и да се запомни обликот на зборот, научниците советуваат многу да се чита.

Понекогаш се вели дека современите деца се „неписмени“ поради компјутерите и Интернетот. Плунгјан смета дека работата е во нешто друго. Секако, во целина во современата Интернет-средина прагот на дозволени отстапувања од нормите на литературниот јазик е значително намален.

„Но, не треба да се заборави дека луѓето никогаш во целата човекова историја толку многу и толку масовно не пишувале! Благодарение на Интернетот ние едноставно подобро ја гледаме вистинската слика на нашето општество, при што станува збор за навистина целото општество, а не на потесен слој образована и професионална елита која пишува“, утврдува академикот.

Зошто се намалува бројот на носители на рускиот јазик?

Рускиот јазик е еден од таканаречените светски јазици (овие јазици треба да имаат повеќе од 100 милиони носители). Вакви јазици во светот има десетина, а рускиот е единствен помеѓу нив чиј број на носители постепено се намалува. Според Плунгјан ова е поврзано со неблагопријатните демографски процеси, а исто така и со заминувањето во историјата на советскиот модел.

„Рускиот јазик плаќа голема цена за тоа што на претходната историска етапа беше ставен во служба на советската идеологија, - вели академикот. – Ми се чини дека во интерес на рускиот јазик оваа врска треба час поскоро да биде раскината и да не се фаќаме за минатото. Тогаш можеме да се надеваме дека по неизбежниот пад ќе дојде нов пораст на влијанието на рускиот јазик, но на сосема поинаков почеток. Тука многу работи зависат од нас“.

Дури и без оглед на општата експанзија на англискиот јазик, исчезнувањето на рускиот во блиска перспектива е малку веројатно, смета Плунгјан. И воопшто, тоа, според неговото мислење, претставува социјален, а не јазичен проблем, со оглед на тоа дека експанзијата на јазикот ја следи културно-политичката експанзија.

Плунгјан исто така забележа дека за поголемиот број на Русите странските јазици сега се „од другата страна на психолошката бариера“. До револуцијата во образованите кругови владеењето на неколку јазици било норма (сепак тоа бил мошне тесен слој луѓе), а по револуцијата ваквата практика речиси исчезнала од советските реалии: не постои отвореност на општеството и масовни контакти со други земји – не постои ни знаење на странски јазици. Сега, вели академикот, сфаќањето на потребата од изучување странски јазици во руското општество расте.

„Колку и да е голема Русија,светот е уште поголем, а современиот свет е единствен и е многу тесен. Затоа потреба веќе постои, а практика, навики засега нема“, оценува Плунгјан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња