Пет сајта за лесно учење руски јазик

Alamy/Legion Media
Ви претставуваме веб-сајтови кои можат да ви помогнат во учењето на рускиот јазик без оглед на тоа каде се наоѓате. За оние кои немаат можност да ја посетат Русија „Руска реч на македонски“ направи список на јазични онлајн-курсеви.

1) Слушајте предавања од МДУ на Интернет

Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ (МДУ) нуди учење руски јазик преку Скајп. Обуката не е бесплатна, но не е ни скапа: цената е 16 евра за курс, а содржи најмалку осум лекции.

Освен тоа МДУ ви помага и да го проверите своето знаење преку бесплатни онлајн тестови.

2) Од почетник до добар познавач

Компанијата RT започна програма за бесплатно учење руски јазик и тоа за различни нивоа на знаење – почетниците можат да се запознаат со руската азбука, додека за оние кои веќе знаат кирилица постојат посложени лекции. Посетителите можат да ги совладаат курсевите со помош на обемен наставен материјал: од едноставни вежби до граматички табели и тестови.

3) Сајт за бесплатно учење руски јазик

Сајтот Russian For Free содржи богата архива на материјали за учење според принципот „чекор по чекор“. Тука можат да се најдат едноставни вежби за почетници (азбука, игри за збогатување на вокабуларот), но и многу изискувачки задачи (музички видеоматеријал и цртани филмови на руски јазик). Тука е и збирката на најчести фрази што им се потребни на туристите кои сакаат да се подготват пред да допатуваат во земјите на кои се зборува на руски јазик, па дури и посебен водич за романтични пригоди за оние на кои тоа им е потребно. На сајтот може да се најде и пробна апликација за приватно учење преку Скајп која чини едно евро.

4) Бесплатни апликации

Мотото на авторот на апликацијата The Easy Ten е „научете кој било јазик, усвојувајќи секој ден по 10 зборови“. Зборовите можат да се одберат од неколку групи посветени на определени теми, а софтверот ќе ги прекомпонира во саканиот формат. Постои можност на овој начин да се вежба и изговорот и да се решаваат аудиотестови. Навистина, ова е забавен начин за учење руски јазик, а особено е погоден за корисниците на современи телефони зашто им се достапни нотификации и пристап до социјалните мрежи, што им овозможува да се натпреваруваат со пријателите во решавањето на тестовите. Апликацијата може да се симне бесплатно со App Store и Google Play.

Постои и уште една апликација, која се нарекува едноставно Russian, и нуди различни можности за учење вокабулар, како што се квизови и аудиовежби. Достапна е за Ајфон и за Ајпед.

Апликацијата со назив Russian Alphabet е прилагодена за почетниците кои можат да ја преземат со App Store, како и со Google Play.

5) Подкаст по ваш избор

Еден од најлесните начини за учење странски јазик е слушање подкаст (аудиофајл), зашто така можете да си го искористите времето за пат до работа или за време на долго возење. Татјана Климова има снимено 200 кратки дијалози во кои ги објаснува значењата на комплицирани зборови – добар избор за оние кои сакаат да го обогатат речникот.

Додаток

Доколку сте во Русија, имате одлична можност да го научите јазикот, но класичните курсеви главно не се бесплатни. Од друга страна, постојат бројни програми за учење јазик со помош на кои можете да продолжите со обука во Русија. Еве неколку корисни линкови за оние кои сакаат повеќе информации:

Московски државен универзитет „Ломоносов“

Пушкински државен институт за руски јазик

Национален истражувачки универзитет „Висока школа за економија“

Институт за руски јазик и култура на Санктпетербуршкиот државен универзитета

Санктпетербуршки политехнички универзитет „Петар Велики“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња