„Последниот богатир“ најгледан филм во историјата на националната дистрибуција

Култура
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Филмот „Последниот богатир“ на режисерот Дмитриј Дјаченко, со остварен приход од 1,672 милијарди рубли за еден месец прикажување го остави остварувањето на Фјодор Бондарчук „Сталинград“ зад себе и стана најгледаниот филм во историјата на руската дистрибуција, соопшти порталот kinobusiness.com.

Според информациите на наведениот портал, филмот во Русија во неделата заработил 9,5 милиони рубли. Притоа до денес филмот на Дмитриј Дјаченко веќе има остварен приход од 1,6626 милијарди рубли. На тој начин „Последниот богатир“ го остави зад себе „Сталинград“ кој веќе четири години го држеше рекордот и стана руски филм со најголема заработка во историјата на националната дистрибуција (вклучувајќи ги и земјите од ЗНД), се вели во соопштението.

Воената драма на Бондарчук ја заврши дистрибуцијата со приход од 1,670 милијарди рубли, а „Последниот богатир“ веќе заработи 1,672 милијарди рубли.

„Последниот бoгатир“ за 32 дена го гледале 7,52 милиони луѓе, додека „Сталинград“ во наведениот временски период забележал посета од 6,19 милиони гледачи. Споменатата гледаност филмот на Дјаченко ја имаше веќе од 9 ноември, но до апсолутниот рекорд, кој го држи комедијата „Иронија на судбината: Продолжение“, е сѐ уште далеку. Овој филм го виделе кон крајот на 2007 и почетокот на 2008 година 8,88 милиони луѓе, се наведува во соопштението.

Дејствието на филмот се одвива околу едно обично момче по име Иван кој по волја на судбината од современа Москва се префрла во фантастичната земја Белогорје во чиј паралелен свет живеат херои од руските бајки. Магиите се неразделен дел од секојдневието, додека споровите се решаваат во јуначка борба со мечови, а Иван ненадејно ќе се најде во средиштето на борбата меѓу светлите и мрачните сили. Во филмот играат Виктор Хорињак, Мила Сивацкаја, Екатерина Вилкова, Елена Јаковлева и Константин Лавроненко.