„Волт Дизни“ снима филм во Русија

Во филмот победник на телевизиско шоу за видовити заминува во светот на руските бајки каде го сметаат за потомок на јунакот Иља Муромец.

Руското претставништво на „Дизни“ и руското студио Yellow, Black & White почнуваат со продукцијата на играната комична сказна „Последниот богатир“, раскажа генералниот директор на „Дизни“ во Русија Марина Жигалова-Озкан.

„За нас овој проект е стратешки: сакаме да ја продолжиме традицијата на екранизација на руските сказни што ја почнаа големите режисери Александар Роу и Александар Птушко“, истакна Жигалова-Озкан.

Во филмот победникот на телевизиско шоу за волшебници и видовити Иван заминува од современиот свет во „вселената на руските сказни“ каде го сметаат за потомок на богатирот Иља Муромец, лик од руските сказни. Режисер на филмот е Дмитриј Дјаченко. А улогите во филмот ги играат руски актери.

Снимањето на филмот почнува во мај, притоа компаниите подеднакво ќе учествуваат во работата над проектот. Партнерите исто така преговараат за продукција на филмот во форматот IMAX.

Во 2009 година „Дизни“ веќе се обиде да заработи во Русија: сказната „Книгата на мајсторите“ со буџет од околу 8 милиони долари заработи на домашниот пазар 10,8 милиони долари. Филмот беше продаден уште во 70 земји, првенствено за телевизиско прикажување, пишува „Комерсант“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња