„Вие, кучиња, сакате ли да живеете вечно?“ и уште пет прекрасни филмови за Сталинград

Global Look Press
Овој ноември се одбележуваат 75 години од советскиот контранапад кај Сталинград. Се смета дека победата на Црвената армија над фашистичката војска во оваа најкрвава битка ја означува пресвртницата во Втората светска војна. Russia Beyond-Македонија ви препорачува шест филмски остварувања за овој историски настан кои треба да се погледнат.

Денови и ноќи (1944) 

Ова е првиот советски фил за Сталинградската битка. Снимен е во 1944 година и се засновува на театарско парче од советскиот писател Константин Симонов. Дејствието на филмот ја следи одбраната на Сталинград од август до ноември 1942 година, што е периодот на најжешките судири. Филмот покажува дека „вистинските херои кои го одбраниле Сталинград биле офицерите и војниците на Црвената армија“, а не комунистичката партија и нејзините водачи. 

Една од главните улоги ја игра младиот актер Јуриј Љубимов, подоцна директор на легендарниот Московски „Театар на Таганка“.

Големиот пресврт (1945) 

„Давајќи критички опис на воените судири, овој филм претставува вознемирувачки приказ на животот на војниците кои далеку од своите домови се борат во суровите услови на студенилото на рускиот фронт, не знаејќи дали воените судири ќе донесат каква било корист за некоја од страните. Панорамските снимки на пејзажите и мракот, како и меланхоличните секвенци на дијалозите карактеристични за стилот на Ермлер изведени се брилијантно, така што речиси го надополнуваат изразот и талентот на актерите“, пишува современиот критичар за советскиот фил на Фридрих Ермлер од 1945 година.

Авторите на филмот подоцна признаваат дека идејата за ова остварување се појавила веднаш по советската победа кај Сталинград, која во тоа време изгледала како вистинско чудо. Филмот во септември 1946 година освои Гран при на филмскиот фестивал во Кан. 

Сталинград: Вие, кучиња, сакате ли да живеете вечно? (1959) 

Насловот на филмот се зборови на прускиот крал Фридрих Велики. „Проклети кучиња, сакате ли да живеете вечно?“ – наводно се зборови кои прускиот крал им ги упатил на војниците кога во паника почнале да бегаат од бојното поле.

Ова е првиот фил на тема Сталинградска битка снимен во Западна Германија. Настанал отприлика во времето кога последниот воен заробеник се вратил дома од Советскиот Сојуз. Филмот за основа на дејствието го зема животот на војниците на Вермахтот и на нивните романски сојузници по предавањето во Сталинград, кога се нашле во заробеништво. Режисерот во филмот користел автентични архивски снимки. 

Се бореа за татковината (1976) 

Овој филм на советскиот режисер Сергеј Бондарчук, добитник на Оскар, се издвојува меѓу остварувањата поврзани за Сталинградската битка. Се засновува на истоимениот роман на Михаил Шолохов, лауреат на Нобеловата награда за литература, овој филм е приказна за еден полк кој се спротивставува на германската офанзива на Сталинград летото 1942 година. Познатиот советски писател и актер Василиј Шукшин во овој филм ја одигра својата последна улога, а покрај него улогите ги играат бројни водечки советски актери, вклучувајќи го и самиот Бондарчук. Филмското списание „Советски екран“ го прогласи за најдобро остварување во 1976 година. 

Непријател пред врата (2001)

На Запад ова е веројатно најпознатиот филм за Сталинградската битка. Го режираше францускиот режисер Жан-Жак Ано, а во центарот на вниманието е личниот судир помеѓу двајца снајперисти кои ги играат холивудските ѕвезди Џад Лоу и Ед Харис. Иако филмот во Русија наиде на различни реакции, позитивно е оценета грандиозноста на проектот и неговата исклучителна визуелна компонента. Но, бројните историски грешки и клишеа наидоа на остра критика. „Буџет од 85 милиони американски долари на безлични ликови не може да им вдахне живот, ниту може една банална љубовна приказна да ја претвори во емотивна, ниту извештачените дијалози да ги направи природни“, пишува еден критичар. Друг, пак, смета дека филмот е „неподносливо кичест“ за остварување кое „претендира да ја прикаже... најголемата битка во историјата на војувањето“.

Во една филмска критика филмот е претставен на следниов начин: „Советските војници ги тераат во борба како што се тера стока на клање, а кога се повлекуваат, ги убиваат нивните сопствени казнени единици. Тие се валкани и бедни за разлика од негуваните и добро опремени Германци“. 

Сталинград (2013)

Еден од најновите руски обиди да се прикаже историската битка беше амбициозен проект со буџет од 30 милиони американски долари што е голема сума за руската кинематографија. Филмот го режираше Фјодор Бондарчук, син на авторот на филмот „Се бореа за татковината“, а постигна голем успех во кината, со заработка од 68 милиони долари. 

И покрај добрата гледаност и големиот финансиски успех, филмот „Сталинград“ предизвика бројни контроверзии. Министерството за култура на Русија дури имаше добиено и барање филмот да се забрани, зашто „го прикажува херојството на нацизмот и ги извртува историските факти“. Петицијата за забрана за прикажување на филмот ја потпишаа 34 илјади лица.

Руското министерство никогаш официјално не одговори на оваа петиција. А, што всушност можело да предизвика ваква реакција кај некои гледачи? Можеби е тоа ликот на германскиот војник. Во една критика се наведува дека германските војници се прикажани како луѓе кои можат да чувствуваат и да сакаат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња