Легендарниот советски и руски поет Евгениј Евтушенко почина во САД каде што живееше и работеше како професор на Универзитетот на Тулса, Оклахома, од 1991 година.
Неговата сопруга Марија Новикова на 31 март информираше дека тој е хоспитализиран, но дека продолжува со работата на својата нова книга.
Евтушенко беше последниот претставник на легендарната генерација од шеесеттите години на минатиот век, советски поет и бард на тоа време, време кога владееше затоплувањето на Хрушчов, време кога твореа Роберт Рождественски, Андреј Вознесенски, Булат Окуџава, Бела Ахмадулуна (неговата прва сопруга) и други поети.
Стихот од неговата поема „Братскаја ХЕЦ“ – „Поетот во Русија е повеќе од поет“ – стана крилатица и негов личен манифест. Со оглед на тоа дека тој ѝ беше верен на советската власт, Евтушенко им посветуваше стихови на Ленин и на Сталин, а за тоа беше критикуван од многу други претставници на интелигенцијата, вклучувајќи го и Јосиф Бродски.
Во времето на СФРЈ Евгениј Евтушенко беше многу познат и кај југословенската публика. Тој ги читаше и ги исполнуваше своите песни ширум тогашна Југославија, а постарите генерации сè уште ги паметат неговите концерти во Скопје.
Евтушенко е автор на повеќе од 150 дела: поеми, раскази и песни. Една од неговите најпознати поеми е „Бабји Јар“ од 1961 година, напишана во Киев, а во која се гледа рефлексијата на трагедијата на еврејскиот геноцид за време на Втората светска војна. Подоцна, познатиот композитор Евгениј Шостакович ќе напише и симфонија која се засновува на неговата поема.
Евтушенко беше еден од најмладите членови на Друштвото на писатели на Советскиот Сојуз, неговите дела имаа прокламирачки карактер, тој им се обраќаше на пролетаријатот и на обичните луѓе, читајќи ги своите стихови пред огромна публика во халите на фабриките и во амфитеатрите на универзитетите.
Во 2013 година на Евтушенко му беше извршена ампутација на ногата, но тој продолжи да предава и да пишува. Сепак, во 2015 година тој направи голема поетска турнеја низ 26 градови во Русија. Неговата здравствена состојба потоа се влоши и му беше вграден бај-пас.
Редакцијата на „Руска реч на македонски“ на членовите на семејството и на сите читатели им го изразува своето најголемо жалење за смртта на овој поетски великан.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче