10 последни мисли на руски писатели

Лев Толстој придавал големо значење на последните зборови на генијалците и во својот дневник запишал: „Зборот на оној што умира е особено значајно!“. Впрочем, многумина успеваат да го зачуваат чувството за хумор до последниот момент. Оскар Вајлд, умирајќи во собата со кичести тапети, рекол: „Убиствен колорит! Некој од нас ќе мора да замине оттука“. Германскиот поет Хенри Хајне на смртната постела рекол: „Господ ќе ми прости. Тоа му е работа“. „Руска реч на македонски“ се сеќава на зборовите на руските писатели, кои им бил последни во животот.
Leo Tolstoy
Лев Толстој Извор: Морзов / РИА Новости

„Некои пеперуги веќе полетаа“

Добитникот на Нобеловата награда Владимир Набоков бил заинтересиран за ентомологијата и бил колекционер на пеперуги. Синот на писателот, Дмитриј, раскажувал дека кога тој се проштевал со татка си пред смртта, очите на писателот наеднаш се наполниле со солзи: „Го прашав: зошто? Тој рече дека некои пеперуги, изгледа, веќе полетале...“

„Ich sterbe! (Умирам!). Одамна не сум пиел шампањско!“

Писателот и лекар Антон Чехов умрел во германското одморалиште Баденвајлер од туберкулоза. Според старите германски традиции, докторот, кој на својот колега му поставува смртна дијагноза, го чести со шампањско. Последните зборови на Чехов биле имено обраќање кон лекарот што го лекувал.

„Русија ме изеде како глупава свиња што си го јаде своето прасе“

Поетот-симболист Александар Блок тешко се разболел напролет 1921 година, а тоа било поврзано и со гладните години на граѓанската војна, со истоштениот нервен систем, и со неприфаќањето на неговата револуционерна поема „Дванаесетте“ од страна на руската интелигенција. Писателот Максим Горки, наркомот Анатолиј Луначарски, сите другари на поетот кренале врева за да се испрати Блок на лекување во странство, но Политбирото на болшевистичката партија забранило негово заминување. Имено, дента кога бил готов неговиот пасош и била добиена дозволата, Блок умрел.

„Сè си мислам дека човек треба навреме да си умре. Боже, колку имаше право Мајаковски! Јас задоцнив со умирањето. Треба да се умира навреме“

Советскиот писател Михаил Зошченко, мајстор на раскажувањето, неверојатно популарен во дваесеттите и во триесеттите години од минатиот век, минал низ критика и гонење од страна на власта, се судрил со сиромаштија и со предавство на своите пријатели литерати. По исклучувањето од Друштвото на писателите, Зошченко си заминува на дачата, каде ги минува последните години од животот. Денес го нарекуваат рускиот Кафка за сфаќањето на метафизиката на советскиот бит.

„Ти ли си, глупачке?“

Михаил Салтиков Шчедрин бил познат по својот беспоштеден хумор и по сатирата. Според легендата, тој ја поздравил својата сопствена смрт со прашањето „Ти ли си, глупачке?“.

„Те сакав и не те прељубив ниту еднаш, дури ни во мислите“

Овие зборови ѝ ги има кажано писателот Фјодор Достоевски на својата жена Ана. За време на семејниот живот сопрузите се раздвојувале само на по неколку дена. Ана не била само негова жена, ами и помошничка: таа ги препишувала неговите ракописи, работела со издавачите и со типографите, па дури и му помогнала да ја победи страста кон рулетот.

 „Колку е мачно да не се најде збор за да се предаде мислата“

Ова се зборови на поетот Фјодор Тјутчев, чии стихотворби се дел од ремек-делата на руската поезија, а неговите стихови можат да се најдат во сите учебници по руска литература. Многу цитати, па дури и строфи на Тјутчев станале афоризми.

Русија не се разбира со ум,

Со еден аршин не се измерува:

Таа има свој посебен друм –

Во Русија може само да се верува.

„Нема да стрелам во овој будала!“

На дуелот на Михаил Лермонтов со Николај Мартинов по броењето на секундантот никој не стрелал, а тој, пак, викнал: „Стрелајте или го прекинувам дуелот!“, на што Лермонтов спокојно одговорил: „Нема да стрелам во овој будала!“. Овие зборови го здоболеле Мартинов и тој стрелал по што се фрлил над телото на легнатиот поет и велел: „Миша, прости ми!“. Но, Лермонтов веќе бил мртов.

„Ја сакам вистината“

На 83 години грофот Лев Толстој решил да се раздели со среденото и добро постоење на својот имот во Јаснаја Пољна. Заедно со ќерка си и со домашниот лекар тој заминал инкогнито во вагон од трета класа. По пат настинал, добил воспаление на белите дробови. Кога веќе паднал во делириум, писателот ќе каже: „Ја сакам вистината“.

„Скалата!“

Скалата е еден од главните загатки кај писателот Николај Гогољ. Уште како мал Коља слушнал од баба си за скалата по која душите на луѓето се качуваат на небо. Затоа таа често се среќава во различни варијации во делата на Гогољ. Според очевидци, последните зборови на писателот биле: „Скалите, брзо дајте ги скалите!“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.