„Спаска кула“ е еден од најголемите фестивали на воена музика во светот. Извор: Росијскаја газета.
За време на фестивалот Црвениот плоштад тешко може да се препознае, зашто на него се наоѓаат трибини на кои има седум и пол илјади места. На еден од најголемите фестивали на воена музика во светот, кој од 2009 година на едно место собира музичари од над 40 земји, публиката достигнува над 56 илјади посетители. Фестивалот трае девет дена, а програмата секој ден започнува во 11 часот претпладне и трае до длабоко во ноќта. Оваа година ќе настапат ансамбли од Италија, Грција, Бугарија, Ирска, Швајцарија, Казахстан, Турција. Ќе допатува и познатата француска пејачка Миреј Матје. Меѓу учесниците е и групата на таоистички монаси од Кина со програма од источни боречки вештини, како и оркестарот на Претседателскиот полк од московскиот Кремљ на Федералната служба за обезбедување на Русија. Овој оркестар има настапувано со германскиот рок-состав Scorpions и со Кен Хенсли од групата Uriah Heep, а има снимено музика за 40 филмови и спортски манифестација, вклучувајќи ги и Олимписките игри од 1980 година.
Првата светска војна и јавањето
„Годинава целиот свет ја одбележува стогодишнината од почетокот на Првата светска војна“, вели директорот на Државниот историски музеј Алексеј Левикин. „Затоа организаторите како тема на фестивалот го избраа токму овој настан. На денот на отворањето 500 луѓе преку изведување историска реконструкција ја донесоа атмосферата на воените години“. Началникот на воениот оркестар на Почесната стража Константин Петрович пред почетокот на настанот ни откри дека војниците на 154 посебен полк ќе бидат облечени во униформи од 1914 година.
Освен музичката и историската програма, на фестивалот ќе биде прикажана „џигитовка“ (акробација на коњи) во изведба на познатиот француски акробатски јавач Лоренцо, додека Кремљовската јавачка школа заедно со Кремљовскиот полк ќе изведат показен настап со коњи. За изведувањето џигитовка на Црвениот плоштад е поставен посебен терен за коњи. Децата, пак, на истото место ќе можат да јаваат пони и тоа во рамките на детскиот дел на фестивалот под назив „Спаска кула за деца“. За најмладите е поставено и специјално детско гратче со различни интерактивни игри.
Воени маршеви
На фестивалот за првпат ќе настапат Заедничкиот оркестар на воените единици при МВР на Русија и севастопољскиот Воен оркестар на штабот на Црноморската флота. Ќе настапи и најстариот ансамбл на воена музика во земјата – Централниот оркестар на Министерството за одбрана, основан во 1927 година.
За првпат во програмата ќе учествува и познатиот Ансамбл на песни и танци на руската војска „Александров“. Да додадеме дека ова не е единствениот танцов ансамбл што ќе настапи. Од Мексико доаѓа народниот танцов ансамбл Теночтитлан и оркестарот Банда Монументал, а од Ирска оркестар со гајди. Ќе настапат и воени оркестри од Грција, Бугарија и од Швајцарија.
Особено внимание привлекува настапот на турскиот дувачки оркестар „Мехтер“, кој постои уште од 13 век. Музичарите свират на автентични средновековни инструменти, а нивниот репертоар претежно е сочинет од османлиски воени маршеви од различни епохи.
Според постоечките стереотипи, ваквите музички фестивали се само долги концерти на кои посетителите по цел ден седат и слушаат музика. Но, во случајот со „Спаска кула“ оваа констатација не важи. Програмата е конципирана така што посетителите во текот на девет дена ќе можат да избираат меѓу неколку различни настани. А, и самата содржина што ја нуди фестивалот нема да им дозволи да им биде здодевно, зашто ги очекуваат источни боречки вештини, воени паради, концерти, фасцинантни сценски прикази, демонстрација на оружје, детски фестивал, различни работилници и уште многу други интересни нешта.
Програмата на фестивалот можете да ја видите на kremlin-military-tattoo.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче