Руска бања за чисто тело и за чиста душа

Удирањето со брезови гранчиња е едена од особеностите на руските парни бањи. Извор: ИТАР:ТАСС

Удирањето со брезови гранчиња е едена од особеностите на руските парни бањи. Извор: ИТАР:ТАСС

За Русите одењето во парна бања не е само можност да се исчисти телото. Во стара Русија се велело: ако си се избањал, повторно си се родил. За руската парна бања карактеристични се огромните разлики во температурата и „масажата“ со брезови гранчиња. Тоа секогаш долго се памети.

Црна бања 

Парната бања се сметала за сакрално место, зашто се доживувала како спој на сите стихии на природата: водата, воздухот, огнот и земјата. Русите во старите времиња верувале дека овие стихии за време на бањањето се пренесуваат на човекот и го прават силен и здрав.. Денес мнозинството Руси не се суеверни, но одењето во парна бања не само што не се намалува, туку станува сè попопуларно. 

„Странците се воодушевени кога ќе наминат во нашата парна бања, а по парењето се во шок“, вели за телевизискиот канал „Росија“ Григориј Соловјов, заменик-претседател на советот на директори на парната бања „Санду“, која е најстара во Москва. 

Во стара Русија селаните секогаш почнувале да ја градат куќата откако ќе ја изграделе парната бања. Тоа најчесто биле мали дрвени куќички со врата и еден прозорец кој бил направен мошне високо, речиси под таванот. 


Извор: Lori / Legion Media

„Црната бања“ е традиционален вид руска парна бања. Таа немала оџак, така што сиот чад од ложницата излегувал низ отворите на покривот и на ѕидовите. Поради тоа таваните и ѕидовите во парните бањи секогаш биле зачадени и морале да се мијат пред секое ново бањање. Пред парењето сите врати и прозорци се отворале ширум, за да влезе свеж воздух. Никој не започнувал да се пари дури сиот чад не излезе, зашто во спротивно може да дојде до труење со јаглерод моноксид. И покрај сите тешкотии при подготовката на ваквата парна бања, „црната бања“ е уникатна по својата стерилност и може да се спореди со операциска сала, така што овој вид парна бања и понатаму делува најблаготворно врз здравјето. 

„Оние што ги опслужуваат парните бањи, често сметаат дека само 'црната бања' е вистинска руска бања. Сепак, ваквите бањи сега ги има само во провинција, по селата на северниот европски дел од Русија и во Сибир“, вели Антон Ромаченко, управник на комплексот парни бањи „Охта“. 

Бела бања 

Со текот на времето „црната бања“ добила оџак и станала „бела бања“. Третина од просторот во ваквите парни бањи зазема камената печка. Таа одозгора ги загрева камењата, а тие, пак, ја загреваат внатрешноста на парната бања. Кога камењата добро ќе се загреат, огнот се гаси, а оџакот се затвора со вратниче. Тогаш започнува парењето. Сите се качуваат на горните полици, каде пареата е пожешка. Денес во Русија ова е најраспространетиот вид парна бања. 

Легендарната руска бања „Санду“
Легендарната бања „Санду“својата историја ја има уште од времето на императорката Екатерина Велика!

Сега во Русија можете да се парите и „по пат“, односно во специјално опремен камион или минибус. На каросеријата на ваквите „автобањи“ монтирана е печка со котел за вода. Внатре има опремена просторија за парење, па има дури и туш-кабина. Ложницата за дрва од безбедносни причини се изнесува надвор. Каросеријата однатре се обложува со фолија и со штици за подобро да се задржува топлината.

„Еднаш бев во вистинска руска парна бања. Ваквите 'бањи' можат да се најдат само далеку во провинцијата. Тоа е кога некаде во некоја тајга ќе те затворат во вистинска парна бања, ќе ја загреат како што треба, па ќе ти ја замотаат главата во пешкир, ќе ги наквасат брезовите гранчиња во вода и толку силно те шибаат, што 'како попарен' истрчуваш надвор на снег, скокаш во студената вода и сфаќаш колку си среќен. Вакво нешто може да се доживее само во Русија“, вели Егор Чернегов-Номеров академски солист (бас) и голем љубител на парни бањи. Тој ги има посетено сите познати парни бањи во светот. Секоја зима заминува во Австрија за да ја посети тамошната сауна, но дури ни таму никако не може да го заборави чусвтвото што го дава руската парна бања. 

„Човекот што ја опслужува парната бања во извесна смисла е лекар кој полага заклетва 'немој да му наштетиш ниту на гостинот, ниту себеси'. Неговата работа е прилично тешка. Потребен е голем физички напор“, вели за телевизискиот канал „Росија“ Марат Хаиров, претседател на меѓународната асоцијација за промовирање на културата на користење на парните бањи. „Тој мора да има посебни медицински познавања за правилно да ги користи брезовите гранчиња и треба постојано да води сметка за состојбата во која се наоѓа гостинот, и во зависност од тоа да реши дали ќе пишти помалку или повеќе врела пареа“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња