Јуриј Башмет: Сакам за време на Олимпијадата нашите најдобри уметници да ги прикажат врвните достигнувања на руската уметност со кои се гордееме. Извор: РИА Новости.
Оваа година Зимскиот фестивал на уметноста во Сочи ќе биде одржан за време на Олимписките игри. Зошто одлучивте така?
Ќе се трудиме на Олимпијадата да оствариме врвни спортски резултати, но и да се покажеме како добри домаќини кои во најдобра светлина ќе ја претставата својата земја. Организацијата на еден олку голем и значаен настан кој како магнет го привлекува вниманието, емоциите и парите на секоја земја, претставува престиж. Нашиот фестивал се одржува секоја година, а овој пат ќе даде значаен придонес на богатата културна програма на Олимпијадата. Во рамките на фестивалот ќе биде прикажана нова и сосема поинаква верзија на „Евгениј Онегин“. Тоа е спој на операта на Чајковски и на романот во стихови на Пушкин. Во овој спектакл покрај оперските пејачи, ќе учествуваат и актери. На фестивалот ќе настапи познатиот пијанист Денис Мацуев и грузинската џез-пејачка Нино Катамаѕе. Во прекрасната претстава „Приказните на Шукшин“ ќе игра популарните руски актери Евгениј Миронов и Чулпан Хаматова. Сакам нашите најдобри уметници да ги прикажат врвните достигнувања на руската уметност со кои се гордееме.
На фестивалот ќе учествуваат и познати светски музичари. Ќе настапат оперските ѕвезди: сопранот Барбара Фритоли и тенорот Јан Бостриџ, пијанистите Фазил Сеј и Оли Мустонен, како и светски познатиот американски џез-музичар Брајан Линч. Концерт ќе одржи и уругвајскиот баритон Ервин Шрот. Тоа не е само концерт, ами вистински културен настан. На фестивалот исто така ќе настапат и корејските Кралски тапанари, Академскиот ансамбл на песни и танци на руската војска „Александар Александров“ и саксофонистот Игор Бутман. Ќе бидат одржани и вечери на камерна музика.
Оваа година фестивалот ќе се одржува на три локации: во Зимскиот театар, во камерната сала со оргули и во новоотворениот културен центар „Галактика“ на Краснаја Полјана. Значи, нашиот фестивал од година в година е сè побогат и посодржаен.
Пред неколку години го основавте Серускиот младински оркестар во кој ги собравте талентираните млади музичари специјално за настап на Олимпијадата во Сочи.
Да, Серускиот младински оркестар исто така ќе учествува во културните настани за време на Олимпијадата. Ако сакаме да го покажеме најдоброто што го има Русија, освен афирмираните виртуози, треба да настапат и талентирани млади музичари кои се нашата иднина. Аудициите се одржуваа ширум Русија. Младинскиот оркестар е составен од деца од 32 региони на Русија. Сите се мошне талентирани и се полни со енергија.
Изминатата есен покренавте и музички образовни центри како уште еден проект наменет за младите.
Неодамна се сретнав со ректорот на Казанскиот конзерваториум Рубин Абдулим. Ми раскажа колку е успешен нашиот центар во Казањ. Го посетив и Екатеринбург, каде 16 млади флејтисти одржаа прекрасен концерт под раководство на педагог од Велика Британија. Салата беше преполна со воодушевувања.
Во текот на годината одржуваме долготрајни мастер-класови во специјализирани десетгодишни училишта во Екатеринбург, Новосибирск, Ростов на Дон и во Казањ. Со младите руски музичари работат врвни домашни и странски музички педагози и солисти.
Во програмата се вклучени и локални музички педагози и претставници на администрацијата на областа и на градовите во кои се одржуваат нашите мастер-класови. Многу ни значи што не поддржува Министерството за култура, оти без нивна помош практично не би можеле да го реализираме овој проект. Имено, талентираните деца ги посетуваат нашите мастер-класови сосема бесплатно.
Значи ли сево ова дека се враќаме на советскиот систем?
Во советско време знаевме како да работиме со младите музичари, со идните добитници на престижни награди на натпревари ширум светот. По победата на сесојзуниот натпревар младите музичари добиваа право да учествуваат на меѓународниот конкурс „Чајковски“. Додека се подготвуваа за овие престижни натпревари, престојуваа на островот Серебрјани бор недалеку од Москва каде се одмораа и работеа со најдобрите музички педагози. На сличен начин се подготвуваат и врвните спортисти. Во советско време младите музички таленти од државата добиваа виолини Страдивари и Гварнери.
За еден музички натпревар да биде навистина на високо ниво, пред сè е неопходна мошне сериозна подготовка. Истото важи и за спортистите. Тие не треба да го носат товарот на одговорност, туку од сè срце да се трудат да го дадат својот максимум. Кога ќе почувствуваат дека целиот народ е со нив, тоа им „дава крилја“. Иако не можеме да ги предвидиме резултатите, мораме да направиме сè што е во наша можност тие да бидат што подобри.
Рускиот текст на сајтот на Известија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче