Споменик на Андреј Рубљов во Владимир. Фотографија: Petr Adam Dohnálek
Роден под среќна ѕвезда
Може да се каже дека Андреј Рубљов е роден под среќна ѕвезда. Уште за време на својот живот тој станал прочуен, се споменува во летописите и во житијата на светите, кнезовите и манастирите нарачувале тој да им слика икони, работел во Москва, Владимир и во Звенигород. Ниту по смртта не е заборавен – славата на Андреј Рубљов како прв руски иконописец траела со векови. Стоглавиот собор (1551) ги прогласил неговите икони за еталон за сите иконописци.
Рубљов бил ценет и од страна на старообредниците, а колекционерите се труделе на купат негови дела, зашто во нивните очи тој бил отелотворување на канонскиот иконопис и на древната побожност. Поради тоа името на иконописецот-подвижник било еталон за црковната уметност дури и во 19 век, кога се чинело дека иконописот е дел од минатото.
Во советско време името Андреј Рубљов беше симбол на староруската култура. Со одлука на УНЕСКО во 1960 година беше организирана светска прослава по повод 600-годишнината од раѓањето на Андреј Рубљов. Во Москва е отворен музеј на староруската култура „Андреј Рубљов“, а неговите дела, од кои поголемиот дел се чуваат во Третјаковската галерија, привлекоа големо внимание кај научниците.
Зрно по зрно – житие
Андреј Рубљов го слика Спаскиот храм на Андрониковиот манастир (минијатура, крај на 16 век) |
За Андреј Рубљов се напишани мноштво книги и статии, а неговите дела се изучени до најмалиот детаљ. Но, ако се запрашаме што знаеме за неговиот живот, ќе видиме дека биографските податоци се крајно оскудни, така што неговото житие мора да се составува буквално зрно по зрно.
Роден е во 1360 година. Тешко е попрецизно да се определи датумот на неговото раѓање, додека датумот на неговата смрт е познат – 29 јануари 1430.
Тоа биле страшни времиња. Татарите буквално жареле и палеле низ Русија: ги уништувале градовите, ги пљачкосувале храмовите и манастирите и земале луѓе во ропство. Покрај тоа, кнезовите непрекинато војувале еден против друг, претендирајќи на титулата велики кнез. Епидемијата на чума ги зафатила Москва и Нижни Новгород во два наврати: 1363 и 1366. Во 1365 година Москва била во пламен, во 1368 година се нашла на удар на литванскиот кнез Олгерд, а во 1371 година со неа завладеал глад.
Во еден таков хаос растел и бил воспитуван идниот творец на ликовите со небесна хармонија. За жал, немаме никакви податоци ниту за неговите родители, ниту за средината од која потекнува. Сепак, според презимето може да се дојде до некаква трага. Во тоа време презиме имале само луѓето од високиот род. Освен тоа, тоа можеби укажува на наследниот занает со кој се занимавал неговиот татко или некој далечен предок. Презимето Рубљов најверојатно потекнува од рускиот глагол „рубить“ („сече“), или од зборот „рубель“, како што се нарекувала долгата мотика или валјак за обработка на кожа.
Суздаљ: 1000 години згусната историја Гратчето Суздаљ има најмногу зачувани споменици по глава на жител во Русија. Во 16 век имало по еден храм на осум домаќинства! |
Не постојат податоци ниту за тоа кога Андреј Рубљов почнал да се занимава со иконопис, ниту каде и кај кого го учел занаетот. Не знаеме ништо ниту за неговите први дела. Рубљов за првпат се споменува во Летописот од 1405 година, каде што се вели дека по нарачка на великиот кнез Василиј Димитриевич била насликана Благовештенската соборна црква во Московскиот кремљ, и дека била насликана од страна на група иконописци на чие чело биле тројца мајстори: Теофан Грк, старецот Прохор од Городец и црноризецот Андреј Рубљов. Фактот дека е споменато името на Рубљов зборува за тоа дека тој уште тогаш бил почитуван мајстор, а тоа што неговото име е трето, значи дека Андреј бил најмлад од споменатите иконописци.
Рубљов бил црноризец, односно монах. И името Андреј, по сѐ изгледа, не го добил со раѓањето или крштевањето, туку со замонашувањето. Најверојатно се замонашил во Троицкиот манастир, за време на Никон Радонешки, ученик и наследник на преподобниот Сергиј Радонешки. За тоа постојат и записи во ракопис од 18 век. Со Троицкиот манастир ќе бидат поврзани и многу дела на Андреј Рубљов. Потоа живеел во Спасо-Андрониковскиот манастир, кој, исто така, го основал ученик на свети Сергиј, преподобниот Андроник. Во тоа семејство и умрел.
Еталон за црковната уметност
По вторпат името на Андреј Рубљов се споменува во Летописот од 1408 година и е поврзано со сликањето на Успенскиот соборен храм во градот Владимир. Рубљов го сликал храмот заедно со иконописецот Даниил Чорни, за кого се вели дека е негов „пријател и соработник“. Даниил исто така бил монах, можеби Грк или Србин, за што зборува прекарот Чорни (Црн, односно темнокож). Летописецот го споменува Даниил на прво место, што значи дека тој по возраста или по чинот бил постар од Рубљов. Со него ќе биде поврзан сиот понатамошен живот на Андреј Рубљов, сѐ до неговата смрт.
Успенскиот соборен храм во градот Владимир се сметал за соборен храм на целата Руска црква, така што неговото сликање било одговорна работа. Храмот е изграден во 12 век, но неговите фрески биле уништени во 1238 година, за време на татарско-монголската наезда. Повторно бил насликан по нарачка на великиот кнез Василиј Димитриевич.
Кон средината на дваесеттите години од 15 век Андреј Рубљов и Даниил Чорни раководат со работата во храмот Света Тројца во Тројцко-Сергиевиот манастир. Фреските не биле сочувани, но до нас стасал иконостасот. За истиот храм преподобниот Андреј ја слика својата прочуена икона „Света Тројца“, во кој тринитарниот догмат го добил своето највозвишено сликарско отелотворување. Според Летописот, иконата Света Тројца ја нарачал Никон Радонешки „за помен и за пофалба на преподобниот Сергиј“.
Универзален мајстор
На Рубљов му се припишуваат и минијатурни книги, на пример листовите и винетите од Хитровото евангелие. Староруските уметници мошне често ги илуминирале книгите. Препишувањето и украсувањето книги било едно на најчестите монашки послушенија. Инаку, книжната култура на древноруските мајстори била мошне висока, а четивата на монасите биле разновидни. Андреј Рубљов исто така ѝ бил посветен на книгата, бил многу начитан и многу образован за своето време.
Последните години од животот на Рубљов се поврзани за Спасо-Андрониковскиот манастир. За жал, не се сочувани фреските на Спаскиот храм што тој ги сликал.
Веќе во 15 век, веднаш по неговата смрт, преподобниот Андреј-иконописецот почнал да се почитува во Тројца-Сергиевскиот и во Спасо-Андрониковскиот манастир, каде што тој бил монах. Руската православна црква го канонизирала Андреј Рубљов во 1988 година.
Рускиот текст на сајтот Нескучни сад
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче