Последните Карели: мал, но горд народ

Тверска Карелија е дел од Тверската област и до неа од Москва се стасува за два часа возење. Таму во последниве 500 години живеат Карелите, мал, но горд народ.

Тверска Карелија е дел од Тверската област и до неа од Москва се стасува за два часа возење. Таму во последниве 500 години живеат Карелите, мал, но горд народ.

Ана Довгал
Ова е приказна низ фотографии за тверските Карели кои се борат да ја зачуваат својата култура.
И покрај тоа што со години живеат покрај Русите и одржуваат блиски врски со нив, тверските Карели настојуваат да го зачуваат својот јазик, култура, обичаи и традиции.
Во оваа област во 1930 година живееле околу 150.000 Карели, а денес ги има многу помалку. Според податоците од 2002 година, сега ги има околу 15.000. Традицијата на тверските Карели во голема мера е пронижана со селскиот начин на живот.
Семејните врски се многу силни. Луѓето се обидуваат барем да ја сочуваат кулинарската традиција: подготвуваат сирење за назима, прават пиво, варат густ кисељ од црвени офинки или од овес, и печат јајца во фурна.
Карелите имаат просечна височина, светла коса и очи, иако има такви и со костенливи очи. Се одликуваат со цврст карактер, снаодливост и приврзаност кон природата и земјата.
Кључева е село во Максатихинскиот реон на Тверската област. Тоа е голема населба, а неговите жители сè уште зборуваат на карелски јазик.
Порано во селото имало над 100 домаќинства. Функционирал и совхозот, односно државното земјоделско добро. Не бил голем, но работел добро. Се одгледувале хељда, ‘рж, овес, јачмен и компири, а се чувала и стока и живина: крави и телиња, свињи, кокошки, овци и коњи.
Денес во селото има 150 куќи, а само во 25 од нив живеат луѓе. На почетокот на 2014 година имало помалку од 100 постојани жители, главно пензионери.
Локалните жители сами ги произведувале неопходните работи за домаќинството. Правеле чизми и чевли, плетеле корпи и шиеле ленена облека, везеле кошули и шапки. Освен тоа, правеле и корита, буриња и садови. Произведувале катран, вареле компот од црвени офинки, се занимавале со риболов и печеле колачи познати како „суљчини“.
Во 1958 година селото добило електрична енергија и водовод. Тука живееле голем број луѓе. Се славеле советските и православните празници.
Порано постоела и селска управа, болница, библиотека, пошта, клуб, училиште, црква, млекарница и пекарница.
Селската управа и училиштето се затворени, но и понатаму функционираат селскиот клуб, библиотеката, музејот, продавницата и поштата. Последната ученичка успешно завршила четврто одделение во 2013 година, а ја подучувала нејзината мајка.
Но, младите заминуваат од селото. Останати се само три деца.
И покрај оваа тажна статистика, локалните претставници на тверските Карели се обидуваат да пронајдат решение и се надеваат дека ќе ги зачуваат јазикот, културата, историјата и обичаите на својот народ.