Руското соколарство низ вековите

Кремљовскиот соколар и неговата птица имаат задача да ги чуваат златните куполи на Московскиот кремљ (во позадината) од врани. Извор: ИТАР-ТАСС.

Кремљовскиот соколар и неговата птица имаат задача да ги чуваат златните куполи на Московскиот кремљ (во позадината) од врани. Извор: ИТАР-ТАСС.

За ловот со помош на соколи и други птици-грабливки кај Словените се знае уште од дамнина: првите податоци за припитомување на соколи досегаат до 12 век. Соколарството во дамнина било особено задоволство и исклучителна забава за владарите, а денес овие горди птици имаат посериозни „задачи“.

Птиците-грабливки, особено сивиот сокол, кој инаку е најголем и најубав во својот вид, во стара Русија биле особено ценети. Постои предание дека кога соколарот на Иван Грозни, Трифун Патрикеев, за време на ловот го изгубил царевиот омилен сив сокол, царот на Трифун му дал задача да го пронајде неговиот миленик во рок од три дена, инаку ќе му ја отсече главата. Цели три дена Трифун безуспешно ја барал птицата и на крајот од третиот ден, помирувајќи се со судбината, легнал да спие. На сон му се појавил неговиот заштитник Свети Трифун со сокол на рамената и му рекол: „Еве го соколот твој!“, а потоа му го предал. Следниот ден соколарот навистина ја нашол птицата на една гранка. Од огромна радост и како благодарност на својот светител-заштитник, Патрикеев изградил камена црква која постои и денес на Трифуновската улица во Москва, каде стои над 500 години. Оттогаш на руските икони Свети Трифун се претставува со сокол и е многу почитуван од страна на ловците. 

Својот врв соколарството го достигнал за време на царот Алексеј Михајлович, таткото на Петар Велики. Во тоа време царот поседувал неверојатни три илјади соколи и јастреби. Секоја птица била „специјализирана“ за лов на одреден вид плен – една за птици, а друга за зајаци.

За време на Алексеј Михајлович царот поседувал неверојатни 3000 соколи и јастреби. Секоја птица била „специјализирана“ за лов на одреден вид плен – една за птици, а друга за зајаци.

Грабливките биле собирани на север, главно во Архангелската област и во Сибир. Постоеле посебно пропишани правила за нивниот транспорт до Москва: биле превезувани во посебни кутии кои однатре биле обложени со филц, со цел на птиците да им биде поудобно. На порезниците што патувале со нив им било наредувано да се „грижат за птиците без никакви пропусти“ и да ги хранат навреме, но и да не им дозволуваат на кочијашите да возат премногу брзо. 

За да се нахрани целата царска колекција птици селаните морале да носат посебен „гулабарски данок“, односно во вид на данок да издвојуваат по два гулаби од своето домаќинство. Гулабите биле носени во посебно гулабарско стопанство. Во него имало илјадници гулаби на кои им било судено да станат храна за грабливките.

За да се нахрани целата царска колекција птици селаните морале да носат посебен „гулабарски данок“, односно во вид на данок да издвојуваат по два гулаби од своето домаќинство  

Алексеј Михајлович бил многу горд на својата колекција птици. На пример, на амбасадорот на германската покраина Саксонија Август фон Маерберг му била укажана голема чест со тоа што му било дозволено да види неколку птици. Во тоа време во Русија немале многу доверба во Европејците. Се верувало дека секој што ѝ припаѓа на римокатоличката црква има зло око, па од страв од уроци на амбасадорите што доаѓале во посета не им ги покажувале жените и птиците. Но на средбата со Германците царот бил толку расположен, така што на амбасадорите им ги покажувал дел од своите најубави птици, па дури и им дозволувал да направат неколку цртежи. 

Освен во ловот, соколите биле и важно средство во дипломатијата. Царот често ги испраќал во својство на поклон на монарсите од Запад и од Исток. Персискиот шах Абас со руската круна дури и водел посебни преговори со цел на руските трговци да им се дозволи да продаваат птици-грабливки на странци.

Денес можат да се видат вистински ловечки соколи и да се создаде јасна слика за тоа како изгледало соколарството во царското доба во музејскиот комплекс „Коломенское“, во поранешната царска фарма 

Многу називи на места во Москва потекнуваат од тоа време и се поврзани со соколарството. Населбата „Сокољники“ била едно од омилените места за лов со соколи на царот. Таму постоело и маало (колонија) на соколари. Во источниот дел на руската престолнина се наоѓа населбата Соколова гора, а во близина на Москва постои и село што се нарекува Шијаево: според една верзија таму се изгубил најомилениот сив сокол на царот Алексеј Михајлович кој се викал Ширјај, а според друга селото му припаѓало на соколарот Симеон Ширјаев. Но, метро-станицата „Сокол“ нема никаква врска со ловот, името го добила во чест на населбата на ликовни уметници изградена за време на дваесеттите години од минатиот век. 

Но, синот на царот Алексеј Михајлович, Петар Велики, имал друга работа. Тој морал да војува со Швеѓаните, со Турците и со Персијците, така што не му било до лов. Бројноста на царската „колекција“ од разбирливи природни причини се намалила – пред сè зашто овие птици не живеат долго. 

Денес можат да се видат вистински ловечки соколи и да се создаде јасна слика за тоа како изгледало соколарството во царското доба во музејскиот комплекс „Коломенское“, во поранешната царска фарма. Таму постои музејска поставка „Лов со соколите на царот Алексеј Михајлович“, зашто Коломенское е токму едно од местата каде царевите оделе на лов со своите соколи. 

Најсвета должност на руските јастреби е да ги чуваат златните куполи од враните. На оваа снимка група посебно обучени јастреби кокошари ги фаќаат враните пред тие да успеат да им се приближат на скапоцените покриви. Ако не ги гледате титлите, притиснете на „Captions“. Извор: РИА Новости.

Денес во овој природен резерват живеат 11 припитомени птици, меѓу кои и јастреб кокошар, лисест глувачар, степски сокол, па дури и еден був. Во забелот „Коломенское“ се вработени двајца соколари – искусниот Виктор Михајлович Фјодоров и неговиот помошник Владимир Скрипкин. 

„Секоја птица има свој карактер, како што има секое куче или секој човек“, вели Фјодоров. Една птица е прилично мирна, додека, пак, друга е вистинска „своеглава дама“. 

Виктор Фјодорович често им зборува на посетителите на изложбата за тоа дека соколарството е убаво, но во исто време и мошне сложен процес. Царевите на лов носеле цела армија помошници – напред оделе кучињата-гоничи, а зад нив ловците на коњи. Кучињата биле задолжени да му влезат во трага на пленот, а ловците удирале во барабани за да го исплашат пленот, на пример еребица. Штом таа ќе се вивнела в небо, царот го пуштал соколот кој го следел пленот и избирал погоден момент за напад. Во моментот кога ќе нанишани на птица или на зајак, соколот со сета сила ќе се устремел кон него. При силното паѓање од висина соколот удира во својот плен како ракета. Од ударот со таква брзина тој буквално го раскинува пленот на парчиња. 

Но, птицата-грабливка обично не ми го носи во клун пленот на својот сопственик, за тоа се задолжени кучињата. Потоа соколот треба само да се собере. Понекогаш заради тоа на канџите им се врзувале прапорци. Денес наместо тоа ловците користат радиоуреди за следење, а богаташите од Исток дури и хеликоптери со кои ги следат своите птици. 

Меѓутоа, овој древен обичај не е заборавен. На малкумина им е познато, но определени птици-грабливки и денес се во служба на руската држава. На пример, во Кремљ постои цела единица на Федералната служба за обезбедување составена од степски соколи чија цел е да ги бркаат враните и да го „регулираат“ бројот на гулаби. Слични единици со соколи поседуваат и определени аеродроми, меѓу кои и „Домодедово“. Таму, на пример, се чуваат јастреби кокошари, кои ги бркаат помалите птици, со што го штитат животот на патниците од враните кои можат случајно да влезат во моторот на авионот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња