Вечерва во Малме Арената ќе се одржи финалето на Евровизија 2013. Извор: EUROVISION / Dennis Stachel.
Во 1994 година Русија за првпат настапи на музичкиот избор, кој популарно се нарекува Евровизија. Оттогаш па до денес, таа забележа многу успеси, иако првите години на учеството не беа лесни. За овие 20 изданија на Евровизија Русија има учествувано 16 пати, при што еднаш се најде на првото, трипати на второто и двапати на третото местото. Оваа година во вечерашното финале ќе ја видиме Дина Гарипова со песната „What If“. Но, кои беа претходните учесници и како тие се пласираа на Евровизија?
1994 – „Вечный странник“ („Вечен скитник“) – Јудиф (Маша Кац)
На своето деби в Ирска, Руската Федерација ја претставуваше Марија Кац, позната под псевдонимот Јудиф со песната „Вечный странник“ („Вечен скитник“). Публиката реагираше мошне позитивно на песната, а Русија заврши на 9 место, со освоено 70 гласа.
1995 – „Колыбельная для вулкана“ („Приспивна за вулканот“) – Филип Киркоров
Вториот обид на Русија беше со мегапопуларниот Филип Киркоров кој во Поинт театарот во Даблин ја исполни композицијата „Колыбельная для вулкана“ („Приспивна за вулканот“). Иако тој во Русија ја креваше на нозе публиката, во Ирска успеа да го заземе 17 местото, со 17 гласа.
1997 – „Примадонна“ („Примадона“) – Ала Пугачова
По една година пауза, Русија повторно се враќа на Евровизија. Откако Филип Киркоров не успева да ги освои срцата на европската публика, на изборот настапува неговата поранешна жена, првиот глас на Русија Ала Пугачова со песната „Примадонна“ („Примадона“). За многумина ова е една од најдобрите песни на Русија на Евровизија, но нивното мислење не го поделија гласачите, па таа заврши на 15 место со освоени 33 гласа.
2000 – „Solo“ („Сама“) – Алсу
По две години неучество, Русија решава на Евровизија да ја испрати Алсу да настапи на англиски јазик. Појавувањето на оваа млада руска пејачка во Шведска предизвика огромен интерес кај евровизиската публика. Тоа можеше да се види од реакцијата во салата додека Алсу ја изведуваше композицијата „Solo“ („Сама“). Но, таа не успеа да дојде до победа, па мораше да се задоволи со освоеното второ место и 155 поени.
2001 – „Lady Alpine Blue“ („Девојката од Сините Алпи“) – Мумиј Трољ
Во 2001 година Русија реши да го смени приодот кон Евровизија и како свои претставници ја испрати санктпетербуршката алтернативна/рок група „Мумиј Трољ“, кој веќе подолго време владееше со руската рок сцена. На Европејците гласот и начинот на пеење на фронтменот на групата Иљја Лагутенко им изгледаше малку чудно, но дел за дел од публиката ова беше вистинско освежување на Евровизија. Песната заврши на 12 место со освоени 37 поени.
2002 – „Northern Girl“ („Девојка од северот“) – Премиер-министр
Оваа година Русија го испраќа својот бој-бенд Премиер-министр (Премиер), со надеж дека тие ќе ги освојат срцата на младата женска публика. Пребирливата евровизиска публика не ги дочека со воодушевување, па песната заврши на 10 место со освоени 55 поени, кои во голема мера беа дадени од поранешните советски републики, каде оваа група беше мошне популарна.
2003 – „Не верь, не бойся, не проси“ („Не верувај, не плаши се, не моли“) – t.A.T.u.
Јулија Волкова и Елена Катина беа изборот на Русија за Евровизија 2003 година. t.A.T.u., кои во тој моментот високо се рангираа на светските топ-листи, тргнаа во потрага по победа. Организаторите на изборот најавија дека доколку девојките на својот настап се однесуваат хулигански, ќе бидат дисквалификувани. Тие го освоија третото место со 164 гласа. Гласањето на овој избор беше скандалозно. Песната не доби ниту еден поен од Велика Британија и од Ирска (каде, патем речено, групата беше мошне популарна), при што гласањето од Даблин наместо со телевоутинг беше заменето, како што беше изјавено поради технички причини, со гласање на национално жири.
2004 – „Believe Me“ („Верувај ми“) – Јулија Савичева
Во Истанбул, Турција, на натпреварот, се чини, дека навистина имаше огромна конкуренција. Руските бои ги бранеше Јулија Савичева со песната „Believe Me“ („Верувај ми“). Со интересен сценски настап, таа успеа да го освои 11 место 67 гласа.
}
2005 – „Nobody Hurt No One“ – („Никој никого не повредува“) – Наталија Подољскаја
За многумина Русија ја имаше својата најдобра пресна токму во 2005 година, кога изборот беше одржан во Киев, Украина. Наталија Подољскаја, која во тој момент беше една од медиумски најприсутните пејачки не само во Русија, туку и во поранешните советски републики, настапи со песната „Nobody Hurt No One“ – („Никој никого не повредува“) и го зазеде 15 место со освоени 57 гласа.
2006 – „Never Let You Go“ („Никогаш не ќе те пуштам“) – Дима Билан
Во 2006 година на евровизиската сцена во Атина се појави младо момче, облечено во фармерки и во бела маичка. Тоа беше Дима Билан. Тој настапи со песната „Never Let You Go“ („Никогаш не ќе те пуштам“). Неговите гласовни можности, како и надворешниот изглед му го плени срцето на женскиот дел од публиката. Тој беше вистинскиот фаворит за првото место, но, за жал, заврши на второто со освоени 248 поени.
2007 – „Song #1“ („Песна бр. 1) – Серебро
По разочарувањето на Дима Билан, во Финска допатуваа три прекрасни девојки, кои ја сочинуваа групата Серебро (Сребро). Групата беше речиси анонимна за руската публика, но тие веднаш ги освоија срцата на евровизиските фанови. Во евровизиските обложувалници тие беа меѓу кандидатите на кои најмногу им се даваа гласови. Тоа се покажа и при нивното појавување на сцената на финалето, каде публиката ги пречека со врисоци и аплауз. Но, „Песната бр.1“ заврши на третото место со освоени 207 поени.
2008 – „Believe“ („Верувај“) – Дима Билан
Во Белград по втор пат допатува Дима Билан. Русија овој пат направи вистинска сензација. Настапот за песната „Believe“ („Верувај“) беше збогатен со мошне интересна кореографија. Доколку во Атина Билан зад себе имаше клавир од кој излегува балерина, сега на сцената имаше минилизгалиште на кое танцуваше познатиот лизгач и светски шампион во уметничко лизгање Евгениј Пљушченко. Сиот овој напор на Русија резултираше со победа, која беше извојувана со 272 поени.
2009 – „Мамо!“ – Анастасија Прихотко
По победата на Дима Билан Москва стана домаќин на Евровизијата во 2009 година. Речиси еден месец пред натпреварот целиот град беше во знакот на Евровизија – билборди, автобуси со реклами, тематски забави и многу друго. Русија се покажа како извонреден организатор на настанот, а многу евровизиски фанови и редовни посетители на оваа манифестација ја издвојуваат како најдоброто шоу на Евровизија. Како домаќин и победник во претходната година, Русија влезе директно во финалето. На националниот избор за песна на Евровизија беше избрана песната „Мамо!“ која ја исполнуваше Украинката Анастасија Прихотко. Таа се пласираше на 11 место со освоени 91 глас.
2010 – „Lost and Forgotten“ („Изгубен и заборавен“) – Пјотр Налич
Во 2010 година Пјотр Налич со својот музички ансамбл беше изборот на Русија за Евровизија. За многумина Налич беше фаворит, со оглед на неговата мила ѕвезда и силните вокални можности. Тој со песната „Lost and Forgotten“ („Изгубен и заборавен“) го повтори успехот на Прихотко од претходната година, односно го зазеде 11 место со 90 гласа.
2011 – „Get You“ („Ќе те освојам“) – Алексеј Воробјов
Изборот на Алексеј Воробјов за претставник на Русија за многумина претставуваше грешка. Тоа не се должеше ниту на изборот на песната, ниту на вокалните способности на Воробјов, туку на неговото однесување. Ваквите критики не беа добиени само отстрана, негативен став за неговото однесување имаше и од страна на многу јавни личности од Русија. Дали стануваше збор за маркетиншки трик или не, не знаеме, но гласовите од земјите-учеснички го сместија Воробјов на 16 место со 77 гласа, што претставува втор најлош резултат на Русија на Евровизија, по оној на Филип Киркоров во 1995 година.
2012 – „Party for Everybody“ („Забава за сите“) – Бурановские бабушки
Во Азербејџан допатува вистинска сензација од Русија. Бабичките од селото Бураново, со својата песна „Party for Everybody“ („Забава за сите“) станаа миленици на многумина. Нивната група која тие ја нарекле едноставно „Бурановские бабушки“ („Бабичките од Бураново“) била создадена пред повеќе од 40 години. Главна цел за нивните настапи, вклучувајќи го и учеството на Евровизија, е изградба на црква во нивното село. За жал, тие го зазедоа второто место со освоени 259 поени.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче