Лавров шокиран од одбивањето на сириската опозиција да се сретне со руските претставници

Сириската опозиција одбива да се сретне со Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров рече дека е вчудоневиден од соопштението на сирискиот опозициски лидер Моаз ал Катиб, во кое тој изјавува дека одбива средба со руските дипломати.

„Искрено говорејќи, за мене беше прилично изненадувачка неговата изјава дека ќе се сретне со мене, единствено доколку ја промениме нашата позиција и јавно се извиниме за истата“, рече Лавров на прес-конференција во Москва, по повод преговорите во ОН и претставниците за Сирија во Арапската лига.

Претходно, Русија ги контактираше претставниците на сириската опозиција преку амбасадата во Египет, потврди Лавров. „Сфаќајќи дека состојбата е премногу сериозна, сакавме внимателно да му ја изложиме нашата позиција на лидерот на Националната коалиција“, рече Лавров.

Русија веќе ја изрази својата подготвеност да се сретне со ал-Катиб во Москва. „Тој претпочитуваше неутрален град. Ние сме подготвени и на тоа исто така“, додаде Лавров.

„Јас разбирам дека господинот Катиб не е добро упатен во политика. Тој може само да има бенефит од запознавањето со нашата позиција изворно, а не од медиумските извештаи“, рече рускиот дипломат, и додаде: „Ако тој се стреми да биде кредибилен политичар, треба да разбере дека е во негов најдобар интерес да ги слушне нашите анализи директно од нас“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.