Автор на карикатурата: Сергеј Јолкин.
Развојот на интеграциските процеси на постсоветскиот простор е еден од главните надворешно-политички приоритети на Русија. Притоа, нашата најголема задача не е само зачувување и усовршување на единството во политичка, социјална и културно-историска смисла, туку зацврстување на економско-трговската соработка и поттикнување на здрава конкуренција. Појдовната позиција е дека ниту Заедницата на независни држави, ниту Царинската Унија меѓу Русија, Белорусија и Казахстан не се создадени за да предизвикаат ескалација или какви било форми на конфронтација со соседите, туку се создадени за мирна коегзистенција и заемна соработка со другите блокови на држави, вклучувајќи ја и Европската Унија.
Кога станува збор за алтернативните форми на интеграција или стратешкиот избор, кој според мислењето на некои поединци, треба да го направат земјите од постсоветскиот простор, тука има многу погрешни интерпретации. Оваа евроазиска интеграција (станува збор за економска интеграција, тоа особено сакам да го нагласам) и онаа интеграција чие јадро го чини Европската Унија, во суштина се два паралелни процеса кои дури се дополнуваат меѓусебно. И што е најважно, меѓународно-правната основа на која се засновани тие процеси, е втемелена врз нормите и правилата на Светската трговска организација и кај двата процеса таа е слична и споредлива. Ништо од она што се работи во рамките на евроазиската интеграција не противречи на нормите на Светската трговска организација и генерално гледано, не е во колизија со интеграциските параметри кои важат во западниот дел на Европа.
Особено би сакал да подвлечам дека учесниците во евроазиската интеграција во добар дел се користат со искуствата на Европската Унија, особено кога станува збор за регулаторните механизми и техничките стандарди. Исто така, потсетувам дека тоа прашање прилично активно и енергично е разгледувано во мај 2005 г. кога е усвоена „мапата на патот“ за создавање на четирите заеднички сфери на релација Русија - ЕУ (економија, слобода, безбедност и правосудство, надворешна безбедност, а исто така и наука, образование и култура). Тогаш во „мапата на патот“ за соработка на заедничкиот простор во сферата на надворешната безбедност, беше вклучен и ставот дека интеграциските процеси во разните делови на Европа, заемно се дополнуваат едни со други. Според тоа, ако на државите од постсоветскиот простор им се наметнува некаква дилема „или сте со нас или против нас“, сметам дека тоа не е коректно, а не е ниту фер кон тие држави.
Кога разговараш со експерт, на пример, за конкретните параметри на Царинската унија, тогаш дијалогот со нашите партнери од Брисел е сосема коректен и прагматичен. Затоа што, на крајот на краиштата, Европската Унија само по себе исто така е царинска унија. Но, кога поедини политиколози, пратеници од Европскиот парламент и политичари се обидуваат вештачки да ги исполитизираат ваквите прашања, тогаш ситуацијата е сосема поинаква. Факт е дека досега не е понудено членство во Европската Унија на ниту една од тие земји - мислам дека сегашните постсоветски држави (освен балтичките). И во догледно време, колку што можам да сфатам, Европската Унија нема намера тоа да го стори.
Воедно треба да се истакне дека во Европската Унија на официјално ниво се манифестира сосема природен интерес за интеграциските процеси на постсоветскиот простор, особено за создавањето на Евроазискиот економски простор (ЕЕП). Последново во Брисел сè почесто се доживува како објективна реалност. Очигледно е дека јакнењето на интеграцијата во ваков формат ќе придонесе во определена мера да се коригира и работата со Европската Унија. Да речеме, појавата на наднационални структури во рамките на евроазиската интеграција, внесе нов момент во нашите преговори со Европската Унија за Новиот базен договор. Ќе мораме да го земеме предвид фактот дека одреден обем на компетенции од национално ниво ќе биде пренесен на ниво на Евроазиската економска комисија. Можам да кажам дека нам како преговарачи таквиот развој на настаните ни ја олесни работата, но јас тука не гледам никаква непремостлива пречка и уверен сум (во секој случај сметам на тоа), дека и моите партнери од преговарачката делегација на Европската Унија ќе имаат ист таков пристап.
Авторот е амбасадор на Руската Федерација при Европската Унија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче