По неколку месеци на сите им здосадуваат сублиматите - основната храна на Меѓународната вселенска станица - и по враќањето на Земјата космонаутите сакаат да пробаат нешто земно што е можно поскоро. Меѓутоа, уште неколку дена мораат да држат строга диета.
Инаку, веднаш по слетувањето поминуваат медицинско тестирање, чии резултати се земаат предвид при следните летови.
По правило, веднаш по слетувањето, штом ќе им помогнат на космонаутите да излезат од кабината, лекарите им нудат само лимонада.
Сепак, понекогаш им излегуваат во пресрет на нивните желби. Дознајте која храна и пијалок беа првиот избор на космонаутите.ж
Свежите казахстански јаболка веќе станаа традиција. Често можеме да видиме на фотографиите космонаути кои штотуку слетале на Земјата токму со јаболка во рацете.
Првпат пречек со јаболка од Алмати побара космонаутот Талгат Мусабаев во 1994 година, кога се враќаше од станицата „Мир“. Космодромот Бајконур, од каде што полетуваат сите вселенски бродови „Сојуз“, се наоѓа во Казахстан. Космонаутите исто така се спуштаат во степите на Казахстан.
„Се зажелеав повторно да го вдишам воздухот на родната степа, а потоа повторно да го почувствувам мирисот на алматинскиот апорт (сорта на јаболка – заб. на уред.) по техничкиот воздух што го дишевме 126 дена. Тоа беше вистинска среќа“, се сеќава тој. Оттогаш овој ритуал стана вообичаен.
Сок од бреза од Алтајскиот крај бараше космонаутот Олег Новицки, кој се врати од Меѓународната вселенска станица на земјата во 2021 година заедно со првата вселенска филмска екипа: актерката Јулија Пересиљд и режисерот Клим Шипенко.
На барање на Новицки војниците собраа неколку литри сок во Алтајскиот крај и со воен авион Ан-12 ги префрлија во Казахстан.
Во 2022 година руските членови на екипажот на вселенскиот брод „Сојуз МС-21“ побараа да се донесат необични понуди на местото на слетување. „Барав главица зелка за сите и полски синап. Тоа може да се јаде веднаш“, изјави космонаутот Олег Артемјев.
Но, освен тоа, тие бараа и месо на раженчиња и плов (ориентално јадење врз база на ориз), иако знаеја дека лекарите веројатно нема да им дозволат да го пробаат. Лекарите обично се дури и против јаболка, вели космонаутот Иван Вагнер, а камоли за печено месо. „Космонаутите обично имаат потреба да држат нешто земно во раце, да го помирисаат. И тие јаболка што ги добиваат, се разбира, претходно се дезинфицирани. Но, докторот секогаш му шепоти на уво на космонаутот: „Те молам, немој да го јадеш тоа!“
Имунитетот на космонаутот по летот е ослабен и ранлив. Тоа е уште една причина зошто тие мора да бидат толку пребирливи во поглед на храната.
Рускиот космонаут Петар Дубров, кој постави рекорд за најдолг престој на Меѓународната вселенска станица меѓу Русите (355 дена), побара да му сварат шипинки од Урал и да му го донесат овој чај во термос.
А членот на истиот екипаж, космонаутот Антон Шкаплеров, нарача егзотично овошје. „Сакам манго“, рече тој.
Друго овошје за кое сонуваат космонаутите е сочна диња од јужен Урал.
Меѓутоа, космонаутите не бараат само храна. Особено што после физички исцрпувачкото спуштање на Земјата и немаат толку силна желба за храна. Некои претпочитаат токму „земни мириси“. Еднаш некој од космонаутите побарал на местото на слетување да се донесе расцутен див рузмарин, билка со многу силен, опоен мирис.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче