Борбена незаинтересираност

Автор на карикатурата: Нијаз Карим.

Автор на карикатурата: Нијаз Карим.

Странскиот печат не сака да го прифати фактот дека на поголемиот дел Руси им е сеедно што мисли „меѓународната заедница‘‘ за нивните политичари. Според мене, ваквата практика едноставно претставува мислечка мрзеливост.

Настаните од последниве месеци, како што можеше да се очекува, предизвикаа низа обиди на странскиот печат да ги сфатат случувањата во Русија. Во декември 2011, во време на зајакнатиот медиумски интерес за Русија, мене за само неколку дена ми се обратија практично сите франкофонски медиуми, од канадските до белгиските. Сите тие, по правило, покажаа интерес за прашања од второстепено значење, не обидувајќи се да проникнат во суштината на демонстрацијата на граѓански активности какви што досега не се видени во руското општество. Тоа особено стана забележливо по митингот на авенијата „Академик Сахаров‘‘, кога моите соговорници, како по договор, се интересираа исклучиво за „блогерот‘‘ Алексеј Наваљни како политичка фигура, како и за „големите последици‘‘ од јавното писмо на Михаил Горбачов, кој, ни помалку, ни повеќе, му предложи на Путин доброволно да поднесе оставка.

Постојано повторува дека овациите што ги добива г. Наваљни од авенијата „Академик Сахаров‘‘ и од Болотниот плоштад нема од него да направи „лидер на руската опозиција‘‘. Се обидував да им објаснам дека на Русија, каде поголемиот дел жители и понатаму го сакаат Путин, денес не се потребни повици за „јуриш на Кремљ‘‘, дури и кога тој би бил „полн со крадци‘‘, туку дека е потребна трпелива, напорна, совесна работа за создавање програмска опозиција, која го претставува интересот на одреден општествен слој, и која би ја заменила опозицијата што сега ја имаме, а чија активост се сведува на смислување пароли. Токму затоа сметам дека повикот на Горбачов до Путин е одлична медиумска игра.

Го свртував вниманието на своите странски колеги на некогашниот министер за финансии Алексеј Кудрин и на неговата програма, нагласувајќи притоа дека ниту г-н Наваљни, ниту г-н Кудрин, во никаков случај не се „лидери‘‘, туку дека се само симптоми на извесни процеси кои денес постојат во руското општество. Но, овие обиди предизвикаа само раздразнетост кај моите соговорници, кои упорно се враќаа на своите зададени теми, не сакајќи да се впуштат во продлабочена анализа за настанатата состојба. Згора на тоа, кога надвор од интервјуата се обидував подробно да ја објаснам суштината на својата позиција, странските колеги воопшто не ги слушаа моите аргументи, велејќи дека „сметаат оти е непотребно‘‘ да се разгледуваат појави кои се лишени, според нивните уверувања, од „видливи ефекти‘‘.

Па, така да се изразам, борбената незаинтересираност годинава доведе многу странски печатени изданија до заклучок, чија несериозност може да се мери само со нивната непоправлива испразнетост.

Доволно е да се спомене влијанието на американскиот неделник „Бизнис вик“ („Business Week“), чиј новинар уверено заклучи дека вистински лидер на руската опозиција може да биде само поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров. Заклучокот се засновува на уверувањето на споменатиот новинар дека Каспаров е „единствен претставник на опозициското движење кое ужива меѓународна признаеност‘‘. Друг американски магазин, „Чикаго трибјун“ („Chicago Tribune“), одеднаш реши да му припише на Владимир Путин извонредно познавање на „Вештината на војувањето‘‘, книга на кинескиот воен стратег од 6 век пред нашата ера, Сун Цу. За ова необично интересирање на Путин, според мислењето на списанието, сведочи фактот што нашиот „национален лидер‘‘ во целосно соодветство со советите на древниот кинески мислител „ја користи против своите ривали ним својствената неорганизираност‘‘. Некој би можел да помисли дека без Сун Цу, Путин никогаш не би дошол до такви идеи, иако секој ден гледа бесконечни и бесмислени кавги во редовите на своите противници.

Кога зборуваме за доброволното незнаење во поглед на тоа што навистина се случува во Русија, ризикуваме да предизвикаме револт кај приврзаниците на теоријата на „светски заговор‘‘ против нашата земја. Сепак, повторувам дека овој став е резултат на елементарна мислечка мрзеливост, а не на злонамерно убедување.

И покрај сегашната отвореност на руското општество, Западот по старо ја гледа Русија низ одамна востановените обрасци, не обидувајќи се да се оттргне од вообичаената низа напамет научени поими, кои не изискуваат подлабоки свесни напори: црн кавијар, Достоевски, балалајка, загадочна руска душа, вотка, дисиденти, демонскиот Ка-Ге-Бе, олигарси, матрјошки и морнари-револуционери. Оваа интелектуална мрзеливост, обоена со благо прикриено чувство на сопствена надмоќ, веќе доведе до тоа Западот погрешно да го сфати распадот на СССР. Денес овие прагматички незнајковци ја прават истата грешка, уверувајќи се себеси дека процесот на „глобализација‘‘ порано или подоцна спонтано ќе го сведе човештвото на некаков заеднички „демократски‘‘ именител.

Навистина треба да се живее во некој нереален свет за сериозно да се верува во тоа дека Гари Каспаров ужива „меѓународно признание‘‘ како „лидер на руската опозиција‘‘ и тоа во целост да се игнорира фактот дека на мнозинството Руси им е сеедно што мисли за нивните политичари „меѓународната заедница‘‘.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.