Како луѓето во Јакутија живеат зиме на минус 50?

Патувања
АНА СОРОКИНА
За нас незамисливите студови се вообичаена појава во овој регион на Русија. На толку ниска температура овде луѓето не само што ги поправаат цевките, туку и се грижат за глобалното затоплување.

Јакутија е најголемиот регион во Русија (опфаќа 3 временски зони), а во исто време и најстудениот. Зимите овде се многу долги (од октомври до април) и многу остри. Уште во ноември температурата може да се спушти до минус 30. А на самиот север има места каде снегот нема ни време да се стопи во текот на летото. Во средината на јануари 2023 година овде беше забележана температура од минус 62 Целзиусови степени. Но, тоа не е граничната вредност, може да биде и постудено.

Мештаните велат дека сега времето е топло како за јануари и дека порано било многу постудено. И тој факт не им влева никаква радост, туку напротив, предизвикува вознемиреност.

Прошетка на минус 50

Во Јакутск, главниот град на регионот, живеат повеќе од 350.000 луѓе, и бројот на жители расте од година на година и покрај исклучително студените зими.

Овде, како и во секој друг град, има трговски центри, кина, училишта, научни институти, кафулиња и јавен превоз. И сето работи во текот на целата година, без прекин.

А кога живата во термометарот ќе спушти на околу минус 50, градот како да станува резиденција на Снежната кралица. Дебел слој мраз ги покрива дрвјата, уличните светилки, жиците и металните огради, а улиците ги обвива густа мразна магла.

„Одличен повод за прошетка низ центарот на Јакутија“, се шегува (или не се шегува) Вика Андреева, која води популарен блог за животот во Јакутија.

Доволно е да поминете само пет минути надвор и за подарок да добиете „снежна“ шминка: трепките стануваат бели и пердувести, а образите румени. „Зиме нашите девојки не користат маскара, или пак користат водоотпорна, инаку ќе изгледаат како панда“, вели таа. И секако, потребна ви е квалитетна козметика за нега која содржи пептиди, керамика и масла, за вашата кожа да биде заштитена од силен мраз.

Една од карактеристиките на јакутските градови се цевките кои се спроведуваат над земја за да топлината од куќите не ја загрева земјата и вечно замрзнатата почва да не се топи. А за да не замрзнат цевките во зима, на нив се става изолација. (за архитектурата на Јакутск прочитајте овде)

„Ако зиме се случи некаква хаварија, на пример, пукне водоводна цевка, што често се случува тука кај нас, тогаш се формира огромен мраз“, вели Вика. „И тогаш мора да реагирате многу брзо, инаку мразот ќе ја затне цевката и таа замрзнува. Но, на север луѓето се на штрек, нема друг начин.

Студот е атракција

Во Јакутија се наоѓа таканаречениот „пол на студот“. Тоа е селото Ојмјакон, едно од најстудените места на нашата планета каде што постојано живеат луѓе и вршат различни активности. Овде во 1933 година е забележана температура од минус 67,7 степени Целзиусови, а зачувани се и неофицијални податоци за температури под минус 70 Целзиусови степени.

„Ние ги имаме уникатните коњи од јакутска раса“, раскажува фотографот Семјон Сивцев. „Тие се полудиви по природа, но се навикнати на нашето поднебје. Само треба добро да ги храните. А ги имаме и јакутските крави, кои исто така многу лесно го поднесуваат студот. Сами одат на пасење, само треба навечер да се затворат во штала“.

Во Ојмјакон и луѓето се прекалени, вели Семјон: „На минус 60 цепаме дрва, одиме на лов, на риболов“. Без напорна работа не може да се преживее. Вистина, понекогаш техниката откажува. „Ако е поладно од минус 40, тогаш ја чувам камерата под палтото. Затоа намерно носам малку поширок капут“.

Многу туристи сакаат со свои очи да видат како луѓето живеат на „полот на студ“. Во посета на мештаните беа туристи од Јапонија, Индија, Италија, Белгија... Од цел свет.

„Едно од чудата на Ојмјакон се изворите што не замрзнуваат“, вели Семјон. „Кога е минус 60 степени, водата не замрзнува, а над неа се формира густа пареа. Научниците го објаснуваат тоа со положбата на тектонските плочи“.

Името на селото, инаку, значи „земја на потоци што не замрзнуваат“. Температурата на водата во реката Индигирка е од 4 до 5 степени над нулата, а една од најпопуларните забави за туристите е нуркањето во неа.

Глобалното загревање на пермафростот

Климата во Јакутија е сурова континентална. Тоа значи дека студените зими одеднаш можат да им отстапат место на топли лета. А годишните варирања на температурата во Јакутија се неверојатни: во јануари може да биде под -50, а веќе во средината на јуни +35 (неколку пати во текот на минатиот век беше забележана температура над +38 степени Целзиусови во различни делови од регионот) . Меѓутоа, мештаните забележуваат дека екстремниот студ порано траел многу подолго, а горештините биле поретки од сега.

Сега имам 54 години, а во моето детство зимата беше поостра“, вели Семјон. „Ми се чини дека некаде кон средината на 1990-тите почна затоплувањето. Во Ојмјакон почнаа да доаѓаат дроздови и срни кои претходно ги немаше тука. А јас би рекол дека пролетта започнува една недела порано, а зимата една недела подоцна. Макар што зимите и понатаму се остри, веќе во ноември може да има мразови од 40-50 степени под нулата“.

„Мразовите веќе не траат со месеци, се задржуваат недела-две и веќе станува потопло“, вели Вика и додава дека за Јакутск тоа значи потопло кога температурата е над -40. „Се сеќавам кога бев мала, беше многу постудено и студот траеше подолго“.

„Глобалното затоплување е забележливо тука“, вели Семјон. „На училиште имавме само чистинка каде игравме одбојка, а пред 10 години бев таму и гледам дека останале само грпки, како испакнатини. Пермафростот се топи.”

„На природата ѝ е тешко, сите сме загрижени, вечниот мраз се топи и тоа не оди на добро“, смета Вика.

И, на крај, погледнете како танцуваат жените од Јакутија на минус 56 Целзиусови степени.