Ако дојдете лете во Јакутск, ќе ви се стори како да сте во пустина, бидејќи сонцето пржи, воздухот е сув и ветрот го крева песокот по полињата. Но, допрете ја земјата! Апсолутно е студена, не стигнува да се загрее во текот на денот и веднаш замрзнува штом сонцето почнува да заоѓа. Тоа е пермафростот или вечно замрзнатата земја (вистина, научниците сметаат дека ништо во природата не е вечно, па затоа претпочитаат да го користат терминот „трајно“).
Јакутск
Ана СорокинаПермафростот зазема две третини од територијата на Русија. Во населбите основани на трајно замрзната земјва зградите се подигаат на шипови, а комуникациите се спроведуваат под земја, за топлината да не ја стопи земјата и зградите да не почнат да тонат.
Јакутск е најголемиот град во светот (околу 400 илјади жители) изграден на замрзнат терен.
Улица во Јакутск окована со мраз на температура од околу минус 40 степени.
Dean Conger/Getty ImagesКлимата во Јакутск е сурова континентална: зиме е минус 50, а лете плус 30-35 степени Целзиусови. На ова подрачје постојат места каде во текот на целата година температурата е под нулата, ги има и во самиот град.
Местото каде што секогаш има мраз воопшто не е музеј, туку подземна лабораторија на Институтот за проучување на пермафростот „Мелников“ на Сибирското одделение на Руската академија на науките (мештаните од милост ја нарекуваат „Мерзлотка“, а се наоѓа на улицата „Мерзлотнаја“).
Внатрешноста на институтот не е особено интересна - врати, простории, ходници... Сé додека не дојдете до вратата на која е прикажан мамут и под која избива некаков необичен студ. Зад тие врати на сите што влегуваат им се делат бунди и зимски јакни бидејќи им претстои средба со зимата. Горе на површината е плус 33, а под нозете мраз, и тоа вистински, природен мраз.
„Постои слој што се топи сезонски. Тоа е кога сонцето грее и таа топлина во текот на летото продира на длабочина од 1,5 до 3-3,5 метри. Така е во цела Јакутија, а конкретно во Јакутск таа длабочина е околу 3 метри. Под тој слој и понатаму е сè замрзнато“, објаснува Њургун Баишев, научен соработник на институтот.
Лабораторијата има две нивоа и се состои од ходници со посебни простории. Горното ниво е 5 метри длабоко под земја и температурата таму е околу 6 степени под нулата. Второто ниво е 12 метри под површината на земјата, температурата е минус 8. Ѕидовите на ходникот се покриени со тенок слој мраз, на таванот се формираат кристали на снегулки, а наместо под има замрзната земја со песок.
На некои места особено јасно се гледа дека пермафростот не е ништо повеќе од заледен песок. Кога ќе го допрете, тој се рони. На некои места во ѕидовите се поставени дрвени столбови за да не се рони таванот, и на тие столбови исто така се формираат кристали на снегулки.
Во лабораторијата се проучуваат различни артефакти: примероци од почвата, семиња зачувани од советската ера, цвеќиња замрзнати во мраз, па дури и минатогодишниот снег. „Собираме снег од различни реони на Јакутск и го носиме во лабораторијата за да провериме дали неговиот хемиски состав се менува“, вели Баишев. „Јас лично немам наидено на никаква аномалија, водата во градот е генерално чиста, а имаме податоци од 1972 година.
За да ги потврди своите зборови, научникот симнува снегулки од таванот и ги става в уста. „Јакутски сладолед“, вели тој со насмевка и ги охрабрува посетителите самите да пробаат. И навистина, вкус на обичен мраз, без никакви примеси.
Понекогаш не треба да одите под земја за да ја допрете вечно замрзнатата почва. Во планината Чочур-Муран (околу 5 км од градот) во текот на 1980-тите со комбајн беше пробиен глечер за да се направи складиште за намирници. Глечерот е на површината на земјата, но во секое време од годината температурата во него е од минус 4 до минус 10 степени. Во 2005 година тука беше отворена туристичката атракција „Царството на вечно замрзнатата земја“. Тоа е мрежа од пештерски сали и во секоја се поставени тематски скулптури.
Во ходниците на музејот „Царството на пермафростот“ во Јакутија.
Андреј Зима/SputnikВо центарот е хотелот Ice Hotel со огромен леден кревет, а малку подалеку „Јети бар“, каде посетителите ги пречекува „Чучуна“, како што овде го нарекуваат снежниот човек.
Тука е и престолната соба на јакутскиот Дедо Мраз Чисхан, романтичен диван со розови срца и цитат од песната на Битлси, вечен како замрзнатата почва: „All you need is love“.
Патем, тука има обичај да се лепат парички на ледените скулптури. Велат дека тоа носи среќа.
Сериозното проучување на пермафростот во Русија започна дури во 1930-тите, најпрво во Институтот за проучување на пермафростот во Москва, за потоа во 1960 година научниот центар да биде префрлен во Јакутск, поблиску до пермафростот. Во самиот град, длабочината на замрзнатата земја се движи од 250 до 450 метри, а најголемата длабочина на пермафростот во регионот изнесува 1,5 км (во горниот тек на реката Марха, околу 1000 км северозападно од Јакутск).
Рудникот Шергина
DNikon (CC BY-SA 4.0)Институтот има 10 лаборатории, две станици за пермафрост (не само во Јакутија, туку и во други подрачја со пермафрост), како и јамата Шергина во центарот на Јакутија, длабока 117 метри. Ископана е во 1828 година, кога луѓето барале вода под трајно замрзнатата земја. Не нашле вода, но затоа јамата стана вистинска ризница за истражување и го поттикна раѓањето на науката за пермафростот, т.е. геокриологијата.
Научниците во Јакутск не ги проучуваат само процесите што се случуваат во вечно замрзнатата земја, туку и интеракцијата на пермафростот и инфраструктурата создадена од човечка рака. Со други зборови, тие бараат одговори на прашањето како да се живее на трајно замрзната земја и да не се уништи. Без такви студии не е возможна понатамошна изградба на згради, патишта и фабрики на овој терен.
Големо внимание се посветува на климатските промени. Секоја година во Јакутија станува сé потопло. „Ние ја споредуваме просечната годишна температура во триесетгодишни периоди: 1961-1990 и 1991-2020 година“, вели Никита Тананаев, водечки научен соработник во Институтот за проучување на пермафростот и Арктичкиот иновативен центар на Североисточниот федерален универзитет. „Засега гледаме дека просечната температура во Јакутија пораснала за 1,3 степени. Тој раст е највисок во Нижнеколимскиот реон (на североистокот од регионот), нешто повеќе од 2 степени“. На температурата влијаат различни фактори, меѓу кои и шумските пожари кои избувнуваат секое лето.
Климата овде отсекогаш била сурова континентална, но пред 20 години жештините од +30 степени Целзиусови беа во средината на јули, а сега е веќе на крајот на јуни. И зимите се поблаги, околу минус 35, и само периодично температурата се спушта на минус 50.
„Тоа значи дека пермафростот постепено ќе се топи, но допрва треба да се пресмета како тоа конкретно ќе се одвива“, вели Тананаев. „Засега сметаме дека во 2100 година во централна Јакутија првите 20-25 метри целосно ќе се стопат“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче