Мошне далеку, на самиот крај од Русија, онаму каде во бескрајната тундра започнува новиот ден, живее народот Чукчи. Тие за себе велат дека се „вистински луѓе“ или „луораветални“ на нивниот јазик. Животот на Чукотка не е лесен, но тоа е вистински живот. Чукчите кои живеат во тундрата се номади и одгледувачи на ирваси, а „крајбрежните“ Чукчи се морски ловци. Ги има вкупно околу 16.000 и поголемиот дел од нив живее на Чукотскиот полуостров. Многумина од нив и денес се занимаваат со истата работа со која се занимавале нивните предци пред сто, двесте, па дури и триста години.
Денес нивната професија и нивното секојдневие изгледа малку архаично, но тие воопшто не живеат во изолација од светот што ги опкружува. Користат и современи мобилни телефони, и лап-топи и платежни картички.
Хеликоптерот долго кружи над тундрата во потрага по Чукчите. Не е лесно да се најдат. Современите номади се поделени на бригади и секoја од нив преминува од едно на друго место, соопштувајќи го својот пат на раководителите на одгледувачите на ирваси.
Постои само еден проблем, велат пилотите на хеликоптерот: одгледувачите на ирваси користат некои свои називи за ридовите и реките, а не оние што се напишани на географската карта.
Можете неколку часа да летате над тундрата, а да не видите ниту човек, ниту животно.
На крајот видовме долина со неколку јаранги (традиционални номадски населби на сибирските народи) и децата радосно ни притрчаа во пресрет. Ова е привремено живеалиште на бригадата број три. Хеликоптерите тука ретко атерираат зашто до населбата Егвекинот има само 70 километри, а тоа според мерилата на тундрата е мошне близу. Но, гостите се секогаш добредојдени.
Бригадата е составена од три семејства. Сега мажите се во тундрата, на пасење ирваси, така што во номадските живеалишта се останати само жените, децата и старите.
Валерија е Русинка. Таа претходно живеела во Еквинот, па се запознала со идниот сопруг од семејство на одгледувачи на ирваси и решила да се пресели во тундрата. Има 29 години и две деца, Ваља (околу 5 години) и Кирил (околу една година).
Ваквите семејства тука се честа појава. „Одамна поминаа времињата кога жените се пораѓаа во јарангите“, вели таа. „Мојот сопруг ми има раскажувано дека претходно хеликоптерите носеле сѐ што е потребно. Сега имаме свое теренско возило, самите одиме во населбата по намирници и гориво. Кога ќе пораснат децата таму ќе ги носиме на училиште“.
Тие имаат голема јаранга со огниште во средината, а на огништето има чајник, и покрај него се чади риба. На земјата се распрострени меки кожи од ирвас, а спалната соба е одвоена со дебела завеса. Насекаде по подот има продолжни кабли со штекери, зашто треба некако да се наполнат мобилните телефони и останатата техника. Во долината нема сигнал, па кој сака да телефонира мора да се искачи на ридот. Децата имаат и колички и кукли, но најмногу сакаат да се шетаат по полето.
„Ајде на 'Буран' да се возиме низ тундрата“, нѐ влече Ваља за рака. Секако, таа е сѐ уште мала за да управува со моторна санка, и затоа ја зема куклата и замислува како се вози по Чукотка. Има уште неколку години додека тргне на училиште, но веќе раскажува како ќе се врати за да ѝ помогне на мајка си.
На Чукотка има 14 општински одгледувачници во кои се вработени околу 600 луѓе и има вкупно 150.000 ирваси. Чукчите имаат и сопствени ирваси, и ги одгледуваат заедно со општинските. Платите не им се високи според тукашните мерила, помали се од 50.000 рубли (800 американски долари), но затоа постојат определени бенефиции. На пример, имаат бенефициран работен стаж. Жените можат да одат во пензија кога ќе наполнат 45, а мажите 50 години.
„Јас веќе сум во пензија, и сега можам да им помагам на децата и на внуците“, вели Василиј, крупен 50-годишен маж со сериозен изглед во сивата кошула.
„Тука сум од детството, во работната книшка ми пишува дека сум одгледувач на ирваси. Ние на одгледувачницата ѝ го предаваме месото, кожата, роговите и парошките на младите ирваси. Добиваме плата на картичка. Кога треба да купиме нешто, само ја даваме картичката на оној што оди во населбата“.
Постариот син на Василиј работи со него во тундрата, а помладиот не сака да се занимава со тоа, но на татко му не му е криво. Вели: „Тоа е негова работа“.
Сестрата Тамара уште во петто одделение го напуштила училиштето и му се вратила на своето семејство во тундрата. „Јас самата така решив“, вели таа. Сакав да им помагам на родителите и на тетките“. Таа веќе станала баба, и внуците ѝ се тука, со неа.
Тамара вели дека сега во тундрата има сѐ што е потребно: „Имаме агрегат, имаме воки-токи, можеме да се поврземе со нашите мажи и со другите бригади“. Жените исто така официјално се водат како одгледувачи на ирваси, иако главно се занимаат со домашни работи.
Работа има колку што сакаш. Треба да се подготви храна за сите, да се среди престојувалиштето, да се провери техниката, да се подготви зимница, да се закрпи постелнината, да се исперат алиштата... Има повеќе работа одошто во градот. Едно лице не може сето тоа да го постигне. А, кога некој ќе се измори од комуникација со блиските, може да се оддалечи малку во тундрата и да им се препушти на мислите..
Автохтоните жители на Чукотка спаѓаат меѓу малобројните народи во светот на кои им е дозволено да живеат од лов на китови (покрај нив тука се уште и староседелците на Алјаска, Гренланд и островските држави Сент Винсент и Гренадини во Карипското море). Определени квоти се распределени по заедниците. Најмногу китови, 40 годишно, се ловат во националното село Лорин (околу 1.500 жители), кое се наоѓа 500 километри од Анадир и 150 километри западно од Алјаска.
Покрај китовите тука се ловат и перконоги, односно неколку видови моржеви и фоки. Денешните Чукчи за лов користат специјални моторни чамци. Овие чамци не се големи, но можат да влечат и по неколку тони. Во ловот се користат рачни харпуни.
Морските ловци се организирани во бригади и имаат исти плати и бенефиции како и одгледувачите на ирваси. Нивната работа е мошне опасна. Беринговото море е само по себе опасно, а и некое животно може да го преврти чамецот, па тогаш колегите доаѓаат на помош. Многумина Чукчи не знаат да пливаат, иако сиот живот го поминуваат на море. А, како и да научат кога тука водата во текот на целата година е студена како мраз?
Поради ваквите услови ловците често имаат проблеми со здравјето, но до крајот на животот се заљубени во морето. Дмитриј почнал да лови морски животни од својата 15 година сѐ до пензијата. Сега има 48 години. Од тешките услови за работа на ветрот му е испукана кожата на лицето, прстите не може да ги свитка, а рацете слабо го слушаат. Веќе мошне слабо гледа, но сѐ уште доаѓа на морето и седи на студениот брег и ги гледа чамците кои пловат тука.
„Јас сум роден тука, јас сум од Лорин“, вели тој тивко одвај да се слушне. „Влегувавме во морето по секакво време. Тогаш беше многу тешко, и сега постојано ме болат нозете“.
Мештаните со сета сила се обидуваат да ги одржат народните обичаи, им раскажуваат на децата за културата на чукотскиот народ, самите прават сувенири и со радост ги пречекуваат туристите што доаѓаат само во текот на лето кога не е толку ладно. Во Лорин се продаваат амајлии, симболи на сонцето, и традиционални долги кошули „комлајки“, а исто така и резбарени украси од коски на моржови. Сето тоа го прават тукашните мајстори.
„Ние го сакаме својот народ и сакаме народот од светот да види што имаме“, вели Ољга, која сиот свој живот се занимава со различни локални занаети, од шиење облека до резбарење коски. „Засега работиме повеќе од ентузијазам, немаме финансиска корист“.
Чукчите воедно се отворени и за новите културни влијанија од „континентот“. Маријам е родена во Лорин, но долго време живеела во Хабаровск, голем град на рускиот Далечен Исток (над 600.000 луѓе), од каде неодамна се вратила за да ѝ помогне на својата мајка која е во пензија. „Кога дојдов ми беше тешко да се навикнам и на цените (тие се мошне повисоки одошто во градот) и на тукашните услови. Но, луѓето живеат во секакви услови“, вели таа. Маријам морала повторно да се сети како изгледа да се живее рамо до рамо со мечки, кога на километри наоколу има само тундра и студеното Берингово море. Но, затоа со себе донела многу празници кои претходно тука не се одбележувале. „Обични тука ја прославувавме нашата чукотска Нова година на 22 декември и обичната Нова година на 1 јануари. А, сега почнавме да го славиме и Велигден. На членовите на моето семејство им се допаѓа да прават велигденски колач кулич и да бојосуваат јајца“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче