Како изгледа Светлогорск, единствениот меѓународно признат „бавен град“ во Русија?

@lekatkacheva; @keniggrad_
Руското одморалиште е вклучено во Меѓународната асоцијација на бавни градови. Споменатиот статус се доделува за квалитет на животот, заснован на побавно темпо, уникатност, поддршка на локалната кујна, како и за гостопримство.

Светлогорск, мал туристички град на брегот на Балтичкото Море, триесет километри оддалечен од Калининград, е вброен во меѓународната мрежа на градови Cittaslow („Бавен град“). Таа опфаќа 240 градови низ светот, а Светлогорск е првиот град во Русија што го доби овој статус.

Градовите опфатени од споменатото здружение ставаат акцент на локалната кујна, новите зелени и пешачки зони, „чистите“ технологии, рачно изработените предмети, како и атмосферата на опуштено, гостопримливо место, каде што е лесно и пријатно за живеење.

Во моментов Светлогорск е официјално најдоброто место во Русија за одмор од брзањето. Никој не брза овде.

До 1946 година беше германски град и се викаше Раушен, за што сведочат зачуваните предвоени вили и новоградбата во пруски стил. Од градот се заминувало поради гужвите уште на почетокот на деветнаесеттиот век, кога Раушен почнал да се развива токму како место за одмор и закрепнување.

Најпрепознатлив објект е водната кула изградена од познатиот германски архитект Ото Кукук на почетокот на минатиот век, потпрена на установата за лекување со минерална вода и кал. Денес овде се наоѓа една од зградите на Централниот воен санаториум.

Ваквите објекти на германско наследство не се реткост, од црквата „Преподобен Серафим Саровски“ (поранешна лутеранска црква на Раушен) до салата со оргули во реновираната зграда на католичката капела во 1931 година.

Има и предвоени вили кои не се реставрирани.

Куќите во Светлогорск, изненадувачки, се градени меѓу новозасадените иглолисни дрвја, па денес градот практично се наоѓа среде зимзелена шума. Станбените згради и главниот плоштад се опкружени со високи борови. Оттука и препознатливиот мирис на четинари во воздухот, измешан со морскиот ветер.

До морето, на неколку стотици метри, може да се стигне пеш или со историската жичарница.

Кејот неодамна беше реновиран, па сега има модерно шеталиште со велосипедски патеки, клупи, локална брза храна и панорамски лифт.

По симболична цена од педесет рубли или 0,6 долари со него ќе стигнете до видиковецот со поглед на целиот брег.

Светлогорск со право важи за тивко, мирно место со многу лекувалишта, мали бутик хотели, спа-центри и ресторани со локална кујна. Дури и за езерото се вели дека е тивко. Тоа е рајско место во борова шума, каде што можете да се прошетате или да изнајмите чамец.

Градските улици почнуваат да се празнат уште кога почнува да паѓа ноќта, но затоа наутро повторно оживуваат со отворањето на бројните продавници со кафе и свежо печено печиво.

Од 2019 година процедурата за влез во Калининградската област е значително поедноставена со воведувањето електронски визи за туристи од 53 земји во светот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња